Денеска (18 ноември), се одбележува Светскиот ден за превенција и заздравување од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз децата. Обединетите нации го востановија овој ден во 2022 година, со цел да се подигне свеста за сексуалното насилство врз децата, да се зајакне нивната заштита и да им се обезбеди поддршка на оние што го преживеале.
Колку е сериозен проблемот покажуваат и најновите податоци на УНИЦЕФ за Македонија. Според извештајот „Disrupting Harm in North Macedonia“, објавен во август 2026 година, едно од десет деца на возраст од 12 до 17 години што користат интернет било изложено на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена преку дигиталните технологии во период од една година. Тоа одговара на околу 12.000 деца.
Злоупотребата не мора да се случи исклучиво на интернет. Дигиталните технологии можат да бидат искористени за воспоставување контакт со детето, негово манипулирање, уцена или принуда, но и за снимање и споделување содржини од сексуална природа без согласност. Во некои случаи, насилството се случува и во непосреден контакт, а интернетот се користи за негово олеснување или дополнително ширење.
УНИЦЕФ предупредува дека сторителите често се луѓе што детето веќе ги познава, а социјалните мрежи и онлајн-платформите можат да послужат како средство за злоупотреба. Затоа, опасноста не доаѓа само од непознати лица на интернет, туку може да биде поврзана и со средината во која детето секојдневно се движи.
Проблемот е уште поголем затоа што децата често молчат. Стравот, срамот, чувството на вина и заканите од сторителите можат да ги спречат да побараат помош. Последиците не завршуваат со самиот чин на насилство – можат да влијаат врз физичкото и менталното здравје, самодовербата, образованието и односите со другите, а кај некои преживеани траумата остава долготрајни последици.
И глобалните податоци се алармантни. Според истражување на УНИЦЕФ објавено во септември 2026 година, во 21 земја околу 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години, односно приближно едно од пет деца што користат интернет во опфатените земји, доживеале некаква форма на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена преку дигиталните технологии во период од една година. Помалку од еден процент од случаите биле пријавени во полиција, кај социјален работник или на телефонска линија за помош, а повеќе од 40 проценти од децата не му кажале никому што им се случило.
Обединетите нации нагласуваат дека заштитата на децата бара заедничка одговорност од институциите, училиштата, семејствата, здравствените работници и дигиталните платформи. Покрај спречувањето и казнувањето на сторителите, неопходно е на децата што преживеале насилство да им се обезбедат безбедни услови за пријавување, пристап до правда, психолошка и медицинска помош, без дополнително стигматизирање.
Пораката на овој ден е дека ниту едно дете не треба да остане само со искуството на злоупотреба. Превенцијата, навремената реакција и поддршката без осудување се клучни за да се прекине молкот и да се овозможи закрепнување.
За два дена, поточно, на 20 ноември се одбележува и светскиот ден на детето. На овој датум во 1989 година Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Конвенцијата за правата на детето. Со неа се утврдени основните права на секое дете – на живот, здравје, образование, игра, семеен живот, заштита од насилство и дискриминација, но и право неговиот глас да биде слушнат.
Денот е потсетник дека децата не се само наша одговорност, туку и носители на сопствени права, кои мора да бидат почитувани и заштитени во секоја средина – дома, во училиштето, во заедницата и на интернет.