Сигурно сте виделе голем број на објави во последно време во кои луѓето гордо признаваат дека се горди „родители“ на домашни миленици. Некои со ентузијазам споделуваат дека се сигурни дека го живеат најдобриот живот благодарение на тоа што немаат деца. И кога тие ќе најдат партнер, терминот DINK влегува во игра.
ДИНК (DINK) е акроним за „двоен приход, без деца“ и широко се толкува како две лица кои живеат заедно како партнери без свои деца (кои не планираат да ги имаат) и напредуваат во кариерата и личниот живот.
Потеклото на терминот DINK не е познато, тоа е наводно поим измислен во 80-тите, особено за време на подемот на јапи културата. Ако сте љубители на серијата Doug, емитувана во 90-тите, можеби се сеќавате на соседите Буда и Типи. Нивното презиме беше Динк, а креаторот на серијата Џим Џинкинс во 2016 година потврди дека нивното презиме било референца на терминот ДИНК за кој зборуваме.
Дали некој има деца или не е избор на личноста, но заедницата на DINK е горда на својот избор.
„Јас сум горд ДИНК. Јас и мојот сопруг сме во доцните 30-ти години и избравме таков живот. И, не, ние не сме типови кои се во брак со своите кариери. И двајцата сме успешни на нашите работни места и уживаме во врска која сигурно не би била таква ако морам да се грижам за дете. Не сме себични освен во однос на времето што го поминуваме заедно за доброто на нашата врска“, изјавила Карли Карамана за Yahoo Life.
Карамана истакнува дека и таа и нејзиниот партнер сакаат деца и се дружат со членовите на семејството и пријателите кои имаат деца.
„Всушност, со дополнителното време (и пари) што го имаме затоа што немаме свои деца, можеме да создадеме посебни врски со децата во нашите животи“, додава.
И двајцата сакаат да патуваат, а неодамна дознале дека постои цела заедница посветена на отстранување на притисоците и стигмата што го опкружуваат нивниот животен стил.
33-годишната Данија Каселас, микробиолог и фитнес тренер живее на Флорида со својот партнер. Тие создале инспиративен простор на Инстаграм за други како нив и споделуваат секојдневни духовити приказни со кои се среќаваат како DINK.
„Во моите рани дваесетти знаев дека не сакам да имам деца. Бебињата не ме возбудуваат, но добра сум со деца. Јас уживам кога сум покрај деца, но не би ја преземала одговорноста за воспитувањето на некое дете. Ми велат дека сум луда, себична и дека ќе зажалам. Сега имам 33 години, немам деца и го живеам својот најдобар живот“, вели таа.
Таа верува дека децата би ја ограничиле во активностите во кои ужива со партнерот и мирниот животен простор што го сакаат.
„Се надеваме дека наскоро ќе станеме сопственици на куќа. Со оглед на моменталната ситуација, не сум сигурна дека би можеле да си дозволиме и дом и деца. Растењето е скапо“, вели Каселас.
Прашањата што луѓето ги земаат предвид денес кога размислуваат за родителството се однесуваат на севкупната несигурност, растечкиот долг, лошата состојба на пазарот на домување и пазарот на труд, па дури и климатските промени.
„Јас сум всушност единствената личност без деца по избор што ја познавам надвор од социјалните мрежи. Пријателите и членовите на семејството околу мене основаа свои семејства и јас искрено речиси почнав да се сомневам во мојот избор. Ми требаше поддршка, па почнав да слушам аудио книги за тоа зошто луѓето донесуваат одлуки за да останат без деца по избор“, објаснува Каселас.
А потоа открила дека На Инстаграм и луѓето без деца гордо ги споделуваат деталите од нивните животи. Сфатила дека живеат здрав, исполнет и целисходен живот.
Childfree Millennial е уште еден систем за поддршка на DINK на Инстаграм, управуван од партнерите Марсела и Мајкл, на возраст од 26 и 31 година.
„Пред околу три години сфатив дека децата не се задолжителни во животот. Тоа ми беше вистинско олеснување. Сфатив дека не морам да правам нешто од што се плашев во сите мои тинејџерски и возрасни години“, вели Марсела, која го користи Инстаграм како начин да им даде до знаење на другите дека е во ред да се одлучи да се живее без деца.
А оние кои немаат деца имаат и финансиски бенефиции. Податоците од американското Министерство за земјоделство сугерираат дека одгледувањето дете родено во 2015 година во САД чини во просек 233.610 долари.
Џеј Зигмонт е основач на компанија за финансиско планирање. Својата база на клиенти ја фокусира исклучиво на парови без деца, што, како што вели, е растечки тренд.
„Како што расте бројот на семејства без деца, така расте и потребата за финансиски планови кои не се прилагодени на децата. Во моментов, 11 отсто од населението на САД на возраст над 55 години е без деца, а тој број расте кај помладите генерации“, заклучува Зигмонт.