Три недели по смртта на 19-годишниот Мемет Камбер, телото е предадено на роднините на момчето, а погребот е денес, не информираа од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“.
Тие имаа поставено ултиматум до сите политички и административни чинители до денес (среда, 14 јуни) да биде разрешена оваа состојба и да се овозможи достоен погреб на починатото момче. Во спротивно најавија протести за 16 јуни, кои со оглед на развојот на ситуацијата се откажуваат, но нивната борба не престанува тука.
Од „Ромалитико“ велат дека има уште доста случаи како оној на Мемет Камбер кои мора да се решат, а за тоа се неопходни законски измени.
Деветнаесетгодишниот Мемет Камбер почина на 24 мај на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Мемет не е во групата на невидливи лица за државата, бидејќи тој има извод и е запишан во матичната книга на родените, но не поседувал здравствена книшка и немал можност редовно да оди на здравствени прегледи. Починал поради нетретиран дијабетес, бидејќи немал пристап до здравствени услуги заради некомплетна лична документација.
Ситуацијата дополнително се заплеткала при ДНК анализите, кога практично се утврдиле нови факти околу неговиот родител, односно, дека лицето кое во изводот било наведено како негова мајка, му е всушност тетка. Поради тоа Управата за извод од матичната книга на родените требало да направи корекција на податоците, за да се издаде и извод од матичната книга на умрените.
Во Македонија има над 700 лица кои ја делат судбината на Мемет – немаат државјанство и документи, а со тоа им се ускратени речиси сите нивни права. Лицата кои немаат документи не можат да излезат на пазарот на труд и да најдат регуларно вработување, а не можат ни да се лекуваат. Станува збор и за цели семејства без документи. Поради тоа, се апелира државата да изнајде механизми за да им излезе во пресрет на лицата без документи и да покаже пофлексибилен однос со цел тие да ги остварат своите права пред да биде предоцна и за нив како што беше предоцна за Мемет Камбер.
Од „Ромалитико“ апелираат дека е време е да се извршат промени во Законот за лична карта и Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште и да се даде можност на лицата кои немаат свој дом, да може да извадат лична карта. Покрај лицата без документи, поради проблемите со урбанизација и легализација, моментално постојат и лица кои не може да ја обноват личната карта и за кои исто така треба да постои решение.
„Остварувањето на здравствената заштита е човеково право, а неможноста за пристап до здравствена заштита е прекршување на човеково право.Апелираме итно формирање на работна група во Владата која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи“, велат од „Ромалитико“.
Ќе се најде ли решение?
На 14 јуни, од страна на пратениците, ќе бидат поднесени законските решенија за лицата кои се практично фантоми, невидливи за системот. Ова го најави неодамна во Штип министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање, кога ќе се реши овој проблем за околу 700 лица во земјава кои не можат да си ги остварат основните човекови права. Спасовски истакна дека тој и раководството на МВР се на став дека треба да се донесат законски решенија со кои трајно ќе се реши целиот овој проблем.
[…] Целиот текст прочитајте го на порталот „Мајка и дете“. […]