Нервозата на родителите децата многу лесно ја чувствуваат. Дури и новороденчињата. А таа нервоза многу често се јавува кога се обидуваме да го заспиеме детето, а тоа баш и не сака да заспие. Детето чувствува дека родителот брза што поскоро да заврши со заспивањето за да оди да прави нешто друго, па се пали алармот и тоа се обидува да остане будно што е можно подолго за родителот да не го остави само. И тогаш влегуваме во маѓепсан круг.
„Можеме целосно да ја разбереме потребата на родителите детето што побрзо да заспие, бидејќи повеќето родители, покрај обврските во однос на детето, имаат и многу други работи што треба да ги завршат“, вели Томислав Куљиш, терапевт и основач на Центарот за природно родителство.
Но, тој исто така истакнува дека децата се „дизајнирани“ многу пред индустриското општество и не е предвидено самите и брзо да заспиваат. Секое нормално дете ќе заспие кога ќе се почувствува целосно безбедно и ако си ја исполнило потребата за време и игра со родителите, вели Куљиш.
„Дури тогаш мозокот на детето се опушта и може да потоне во сонот што му е потребен. Но, доколку детето чувствува дека родителот ќе си замине и сака што поскоро да се ослободи од обврските околу него, кај него се буди аларм и тоа се труди да остане будно што подолго за да биде сигурно дека родителот нема да замине. Затоа, кога го заспиваме детето, мора да му обезбедиме чувство на безбедност и да не му испраќаме порака дека ни се брза“, вели Куљиш.
„На крајот, тој период на малото, нежно телце покрај вас ќе помине толку брзо и неповратно, па зошто воопшто да се откажувате од тоа“, вели Томислав Куљиш.