Франција забранува објавување фотографии од деца на социјалните мрежи?

И покрај тоа што се меѓу најуспешните креатори на содржини, на родителите – инфлуенсери наскоро може да им биде забранет пристапот на социјалните мрежи во Франција. Политичарите поднесоа нов предлог-закон кој ќе ги спречи родителите да објавуваат фотографии и видеа од своите деца.

Во лудиот свет на социјалните мрежи, родителите кои објавуваат фотографии и видеа од своите деца, сигурно не се некоја новост. Ознаките како #mumtok имаат повеќе од 10 милијарди прегледи на ТикТок, а постојат и безброј сметки на Инстаграм каде родителите ги објавуваат своите деца, разменуваат совети и искуства за родителство.

Но, францускиот парламент наскоро може да стави крај на тоа. Родителите кои сакаат да стекнат „следбеници“ и да заработуваат со објавување слики од своите деца на интернет, според новиот предлог-закон би можеле да бидат спречени да го прават тоа.

Предложениот закон, поднесен од пратеникот Бруно Студер, кој е дел од владејачката партија на францускиот претседател Емануел Макрон, сѐ уште е во фаза на изработка. Но, ако биде донесен, на виновните за „споделување“ може да им се одземе правото да споделуваат слики од своето дете на интернет. Во екстремни случаи, со правата на фотографиите на детето ќе се занимава социјален работник.
Бруно Студер го поднесе предлог-законот како одговор на загриженоста поради постојаното објавување фотографии и видеа на мали деца и трендовите во кои тие се понижувани и исмејувани заради лајкови. Ова вклучува видеа како оние каде родителите им фрлаат парчиња сирење во лицата на своите бебиња и ги снимаат нивните реакции.

Во својот предлог-закон, Студер истакнува дека половина од сите фотографии кои се разменуваат на форумите за педофили се фотографии кои семејствата ги објавиле на социјалните мрежи. Државниот секретар Шарлот Каубел го поддржа нацрт-законот, кој се очекува да помине првото читање оваа недела, велејќи: „Ова е за оние кои ги користат децата за да заработат пари или да го подобрат својот имиџ“. Водачот на кампањата против објавувањето на фотографии на деца на Интернет го опиша чинот како форма на злоупотреба на интернет.

„Оваа практика претставува дигитално насилство“, смета Томас Ромер од Опсерваторијата за родителство и дигитално образование. Доколку законот биде усвоен, тој ќе им овозможи на судиите на семејниот суд да им го одземат правото на родителите да објавуваат фотографии и видеа од нивните деца, пишува Тајмс.

Во предлог-законот се наведува дека „детето треба да биде вклучено во секоја одлука за споделување на својата фотографија на Интернет, според возраста и степенот на зрелост“. Истражувањата покажуваат дека нешто повеќе од половина од француските родители ги објавиле своите деца на социјалните мрежи, а 90% од нив го правеле тоа пред нивното дете да наполни пет години. Всушност, фотографијата на просечно дете е објавена на социјалните мрежи 1.300 пати додека тoa да наполни 13 години.

Но, дали е потребно да се сузбијат родителските активности на Интернет?

Клиничкиот психолог др. Мариан Трент вели дека како родител на две деца таа никогаш не објавува слики од своите деца на Интернет бидејќи би сакала тоа да биде нивна одлука во иднина. Таа смета дека францускиот предлог е „прилично екстремен“, но вели дека зависи од содржината што се прикажува.

„Верувам дека присуството на Интернет е индивидуален избор. Има случаи на луѓе кои станале славни на рана возраст и тоа им го обликувало животот на начини што можеби не би ги избрале доколку имале целосен капацитет да ги донесат тие одлуки. Едно нешто што ни покажа пандемијата е дека постојат многу различни начини да се заработат пари, и тоа не е секогаш во традиционално вработување. Видео содржините со деца се многу привлечни и се чини дека некои родители би изгубиле дел од приходите“, вели таа за Metro.co.uk.

На родителите кои сепак одлучуваат да споделуваат слики и видеа од своите деца на Интернет, д-р Мариан им советува тие секогаш да бидат целосно облечени, бидејќи „вашата намера при фотографирањето можеби не е иста со намерата на оние што ја гледаат“.

Таа, исто така, верува дека кога детето е во „висока комуникација“, како што е напад на бес, без разлика дали на родителот му е забавно, постои „сива зона“, бидејќи вие заработувате од вознемиреноста на детето.

инфлуенсерисоцијални мрежиФранција