И многу среќа не е на арно! Жена завршила на Итна помош по свадбата на ќерката

Нова студија на случај, објавена во медицинското списание Oxford Medical Case Reports, опишува 65-годишна жена која била толку среќна по свадбата на својата ќерка што лекарите првично помислиле дека доживува срцев удар, пишува Science Alert.

Три дена по свадбената прослава, жената почувствувала болка во градите и отежнато дишење.

Кога побарала лекарска помош, веднаш била упатена на ургентен преглед. Резултатите од испитувањата, сепак, ги збуниле лекарите.

Се чинело дека протокот на крв до срцето е намален, што најчесто укажува на присуство на згрутчување на крвта. Но, и покрај деталните прегледи, такво згрутчување не било пронајдено.

Наместо тоа, лекарите забележале необично проширување на левата срцева комора, која добила форма слична на балон. Поради тоа, срцето ослабело и потешко ја пумпало крвта низ телото.

Колку и да звучи неверојатно, ваквата промена може да биде последица на ненадејна и интензивна среќа.

Кога човек ќе доживее силен бран на позитивни емоции или возбудување, организмот реагира со стресен одговор кој може привремено да го промени дури и обликот на срцето.

Што е синдром на среќно срце?

Оваа ретка состојба се нарекува такоцубо кардиомиопатија (TTS) и често наликува на акутен срцев удар. Иако најчесто е реверзибилна, не е безопасна и во одредени случаи може да биде опасна по живот.

Такоцубо синдромот може да биде предизвикан од силни емоции – и позитивни и негативни.

Негативната варијанта е попозната како „синдром на скршено срце“ и се јавува по тешки животни настани, како раскинување на врска, загуба на близок човек или голем стрес.

Од друга страна, „синдромот на среќно срце“ се активира по исклучително радосни моменти, како свадба, раѓање дете, добивка или друг голем животен успех.

Истражувањата покажуваат дека меѓу пациентите кај кои првично се сомневаат на срцев удар, а немаат згрутчување на крвта, околу еден до три проценти всушност имаат такоцубо синдром.

Од тие случаи, само околу четири проценти се предизвикани од позитивни емоции, што го прави синдромот на среќно срце исклучително редок.

Состојба што често останува непрепознаена

Такоцубо синдромот првпат бил опишан во Јапонија во 1983 година. Името го добил по традиционалните јапонски стапици за октоподи (takocubo), бидејќи левата срцева комора кај пациентите добива форма што потсетува на тие керамички садови.

Според авторите на студијата, синдромот на среќно срце најчесто предизвикува промени во средниот или долниот дел од левата комора и често има поблаги симптоми од синдромот на скршено срце.

Токму поради поблагите симптоми, лекарите понекогаш не го препознаваат навреме, иако може да доведе до сериозни компликации.

– Многу е важно лекарите да бидат внимателни дури и кај пациенти кои немаат вообичаени фактори на ризик за кардиоваскуларни заболувања – предупредуваат авторите.

Кардиологот Џон Мадијас од Медицинскиот факултет „Икан“ при болницата „Маунт Синај“ во Њујорк неодамна изјави дека и лекарите и јавноста треба подобро да бидат информирани за синдромот на среќно срце и синдромот на скршено срце.

– Краткорочните и долгорочните компликации, како и смртноста кај двата подтипа на такоцубо синдромот, се слични – истакнал тој.

За среќа, во овој случај 65-годишната жена целосно закрепнала и продолжила да живее без последици.

Според лекарите, таа со нетрпение ги очекува идните радосни моменти во семејството и се надева дека ќе присуствува на уште многу среќни настани во животот на своите деца.

скршено срцесреќно срцесрцев удар