Резултатите од истражувањето на регулаторот „еБезбедност“ (eSafety) покажуваат дека повеќе од 80 проценти од австралиските тинејџери продолжиле да ги користат социјалните мрежи три месеци откако стапи во сила историската забрана за лица под 16 години, бидејќи технолошките компании не успеале да спроведат ефикасни проверки на возраста.
Истражувањето покажало дека поголемиот број на деца на возраст од 10 до 15 години во март исто толку често ги користеле социјалните мрежи како и пред 10 декември минатата година, кога забраната стапи во сила. Исто така е констатирано дека се намалила свеста на родителите за онлајн навики на децата.
Во студијата се наведува дека по забраната забележан е „статистички значаен пад“ на бројот на профили на „ЈуТјуб“, „Снепчет“ и „ТикТок“ односно намален е процентот на деца од 52 на 42.
Поголемиот дел од лицата под 16 години кои имале профили пред да стапи во сила забраната, можеле да ги задржат или да отворат нови по три месеци, а главната причина за ова е неуспехот на платформите да спроведат ефикасни мерки за проверка на возраста, истакнува „еБезбедност“.
Австралија е првата земја во светот што воведе таква забрана, поради загриженост за влијанието на социјалните медиуми врз менталното и физичкото здравје на децата и младите. Спроведувањето на законот внимателно го следат голем број земји кои размислуваат за воведување слични ограничувања.
Пред забраната, речиси 86 проценти од анкетираните деца користеле барем една платформа со ограничување на возраста. Три месеци подоцна, тој процент сè уште бил повеќе од 81 процент.
Околу половина од децата изјавиле дека ги задржале своите профили, а платформите не ја проверувале нивната возраст. Додека другите тинејџери посочиле дека навеле дека се постари од 16 години.
Студијата во голема мера ги потврди привремените податоци објавени од „еБезбедност“кон крајот на март. Регулаторот потоа почна истрага за можно непочитување на законот од страна на пет платформи: „Фејсбук“ и „Инстаграм“ на „Мета“, „Снепчет“, „ТикТок“ и „ЈуТјуб“ на „Гугл“.
Австралиската влада во јуни објави дека двојно ќе ги зголеми максималните казни за технолошките компании кои не ја почитуваат забраната и дополнително ќе ги зајакне овластувањата на „eБезбедност“ за собирање информации.
Истражувањето покажа и дека и покрај забраната, кај децата не е зголемена спортската и физичка активност, интересот за уметност и музика. Тие, исто така, не поминувале подолго време со пријателите и семејството, ниту е зголемено нивното учеството во настани во заедницата.
Извештајот на „еБезбедност“ е изработен од меѓународни универзитетски истражувачи, при што се споредени податоци од над 4.000 деца и нивните семејства пред да почне забраната и три месеци откако стапи во сила.