Во последниве години името на д-р Ранко Рајовиќ се поврзува со методите на учење, раст и развој на децата, иако општиот впечаток е дека овој лекар всушност, сето горенаведено го враќа на некои почетни поставки.
„Оставете ги децата да чекаат. Не им давајте сѐ, тоа им го расипува искуството. Среќата е во чекањето, во очекувањето, одбројувањето. Ако треба, завиткајте им го подарокот двапати, за да им ја продолжите среќата“, вели д-р Рајовиќ, специјалист по интерна медицина, кој магистрирал неврофизиологија и докторирал на спортски науки. Тој е соработник на УНИЦЕФ за рана едукација и шеф на Катедрата за невронаука во воспитувањето и образувањето на Педагошкиот факултет во Копер.
„Подароци се даваат двапати годишно“
„Децата ни велат – радоста трае подолго. Колку убаво ја опишуваат емоцијата. Всушност, тоа е опис на допаминот. Тоа е фокус и радост. Кога децата ја отвараат таа хартија, тие се полни со допамин. И кога ќе го видат подарокот, хормоните на среќата навалуваат.
Да им дадевме само подарок во нивните раце, тие немаше да добијат ништо друго освен тоа. И замислете да го завиткате подарокот во две хартии. Тоа е и допамин и ендорфин кој е хормон на меморијата.
Ќе го запаметат и за дваесет години ќе се сетат како сте им го завиткале подарокот два пати за нивниот петти роденден. Така ќе го повторат тоа со своите деца и ќе им ја раскажат таа приказна. Тоа се памти цел живот“, објаснува Рајовиќ.
Подароци, велат, се даваат двапати годишно – за Божиќ или Нова Година, Велигден или именден, роденден и толку.
„Ако сте го читале „Малиот принц“, тогаш знаете кога лисицата е најсреќна. Додека таа го чека Малиот принц, бидејќи знае дека тој ќе дојде. Секој час пред неговото пристигнување, таа е посреќна и кога тој конечно ќе дојде, таа е најсреќна на светот. Затоа децата сакаат да ги одбројуваат деновите до својот роденден, со што ја продолжуваат својата среќа и со нетрпение го очекуваат тој ден“, додава тој.
Како најголем проблем во растот и развојот на децата денес го посочува недостатокот на движење
„Тоа е најголемиот проблем, без сомнение. Денешниот петгодишник поминува помеѓу три и пет километри на ден. Децата ги возат и одвезуваат и ретко одат пешки. Порано децата на таа возраст пешачеа 15 до 20 километри на ден и немаше такви проблеми со развојот“, вели тој.
„Денес 50 до 80 проценти од децата имаат рамни стапала“
„Кога детето има четири години, би требало да знае да направи скок наназад. Тоа е многу важен дел од развојот. И тогаш некои колеги ме прашуваат, всушност ми велат – ама ајде, зошто е тоа важно? Затоа што подоцна во математика нема да знаат да сметаат минуси, меѓу другото“, вели докторот.
“Ни се случува истиот тој недостаток на движење да доведе до тоа коските на децата полесно и почесто да се кршат при падови. Кога ќе се роди бебе, таткото ја држи главата и не го остава да мрдне ни милиметар. Кога ќе го прашате зошто, вели: „Ни кажа педијатарот“. Ви кажал да ја држите главата, а не да ја фиксирате за да не може да мрда. Движењето е клучот за развојот. Пред триесет години имавме шест до десет проценти рамни стапала, а денес 50 до 80 проценти од децата имаат рамни стапала“, вели тој.
„Образованието никогаш не било попредизвикувачко од денес“
Д-р Рајовиќ истакнува дека основата на развојот на детето е љубовта.
„Мозокот е орган за преживување и сака да учи. Децата се многу среќни кога ќе научат да одат, да пливаат, да возат велосипед, бидејќи им требало многу напор за да стигнат до тоаи тие се многу горди на себе. Тие сакаат сите да знаат дека нешто научиле, дека совладале“, тврди тој.
Рајовиќ смета дека воспитувањето на децата никогаш не било поголем предизвик од денес. Тој се противи на учењето напамет и се залага за учење преку раскажување и асоцијации, што е многу позначајно и попродуктивно.
„Училиштето треба да биде интересно за детето, а учењето напамет не е интересно. Важни се методите на учење и како ги применуваме“, вели д-р Рајовиќ, кој се осврнал и на сеприсутните екрани.
„Задачата на детето е да се врти, да скока, да трча, а не да гледа во мобилен телефон со часови. Во нашата желба да му помогнеме на детето правиме сѐ за него и на тој начин всушност му штетиме. Технологијата е присутна и ни треба, но контролирано. Родителите кажуваат како им инсталираат ограничувања на децата, а децата за десет минути наоѓаат решение на Јутјуб за да ја заобиколат таа забрана“, заклучува Рајовиќ.