За да му ги обезбедите на вашето бебе сите потребни хранливи материи, витамини и минерали, важно е да внесувате малку повеќе калории од вообичаеното за време на бременоста. Ова не значи дека треба буквално да јадете за двајца, 300 калории повеќе ќе бидат сосема доволни. И покрај ова, сите трудници имаат на ум само како да се ослободат од несаканите килограми, а ние ви откриваме како да ги свртите да работат во ваша корист.
Не ги отфрлајте мастите. Во никој случај не исфрлајте одредени видови храна, туку изберете ги само малку поздравите. Протеините, јаглехидратите и мастите се подеднакво неопходни за бебињата, само погрижете се да ги добивате од здрава храна. Што се однесува до мастите, нека бидат тоа масти од авокадото, маслиновото масло и сите останати мононезаситени масти. Мастите се многу важни бидејќи телото ќе ги складира за подобро и поквалитетно производство на млеко.
Изберете храна богата со хранливи материи. Обидете се да јадете храна која обезбедува повеќе витамини и минерали во секој залак, само некои од нив се јогурт (калиум, протеини, пробиотици), бобинки (витамин Ц, антиоксиданти и влакна).
Намирници во боите на виножитото. Сигурно многу пати сте ги слушале советите на нутриционистите кои велат дека здравата исхрана треба да биде во боите на виножитото, што значи дека треба да содржи што повеќе свежо, разнобојно овошје и зеленчук. Во текот на денот обидете се да јадете што повеќе бои, од темнозелена (кељ), црвена (јагоди) до портокалова (портокали и моркови).
Комбинирајте ја храната за да ја зголемите нејзината хранлива вредност. Некои намирници се уште поздрави доколку се комбинираат со некоја друга здрава храна, а добар пример за тоа е храната богата со железо и онаа богата со витамин Ц.
Гответе домашна храна. Иако можеби немате секогаш време, обидете се да готвите домашни оброци секогаш кога можете бидејќи само така ќе можете да бидете сигурни дека вашиот ручек е здрав и содржи сѐ што ви е потребно вам и на вашето бебе.
Пијте доволно течности. Останувањето хидрирани за време на бременоста е исто толку важно како и здравата храна, затоа пијте многу течности. Многу е важен и типот на течноста, затоа не избирајте калорични, слатки и газирани пијалаци, туку вода, чаеви и свежо цедени овошни сокови.
Јадете јајца. Секогаш имајте јајца во фрижидер, тие се многу богати со важни хранливи материи. Едно големо јајце има приближно 80 калории, од кои повеќе од половина се наоѓаат во жолчката. Слободно јадете и жолчки и белки, бидејќи преку нив добивате здрави протеини.
Јадете мешунки. Гравот, леќата, боранијата се намирници кои се многу богати со протеини, а се доста достапни и лесни за подготовка. За време на бременоста можете да ги јадете колку сакате, а начините на кои можете да ги подготвите се навистина многубројни. Можете да подготвите чорби, салати, варива.
Ужинајте паметно. Добрата ужина ќе ви биде навистина важна за време на бременоста, па бидете паметни при изборот. Најдобрата ужина се секако јаткастите плодови, овошјето, свеж зеленчук со некој здрав сос. За време на бременоста, грицките се речиси исто толку важни како и оброците и затоа не ги прескокнувајте.