Според The Sun, 33-годишната Русинка, која не е именувана во локалните извештаи, била уапсена во Дагестан, јужна Русија откако, наводно, го продала своето бебе старо пет дена на брачна двојка на денот кога ја напуштила болницата, а тие ѝ дале 10 отсто аванс (500 долари).
33-годишната жена, чие име не го објавија руските медиуми, била приведена на крајот на мај под обвинение за трговија со луѓе, пишува „Дејли мејл“.
Мајката наводно го родила момчето на 25 април во болница во градот Каспијск, а пет дена подоцна го продала на пар кој не можел да има дете. За возврат побарала 3.200 долари, а на денот на предавањето на момчето побарала дополнителни 360 долари за „откажување од правата на детето“.
„Њујорк пост“ пишува дека некој ја известил за ова полицијата, па Русинката, но и парот кој незаконски го посвоил детето, биле приведени.
Новопечените родители наводно изјавиле дека жената им го дала детето, но и изводот од матичната книга на родените, но тие негирале дека платиле за детето. Рекле дека мајката на момчето потоа им побарала 3.200 долари за операција на носот за да ѝ помогне „подобро да дише“, а тие со задоволство го направиле тоа.
„Во моментов се спроведуваат низа истражни дејствија насочени кон утврдување на сите околности на стореното кривично дело и консолидирање на доказите за вината на осомничените“, се наведува во официјалното руско соопштение.
Не е откриено кој моментално се грижи за момчето кое сега има два месеци.