Македонија собира пари за Кико! Момчето кое боледува од ретко генетско заболување го чека пат во Турција

За три дена биле собрани 40.000 евра за дваесетгодишниот Кристијан Коцев-Кико од карбинското село Долни Балван кое боледува од реткото генетско заболување Атаксија-телеангиектазија и мора итно да замине на третман во Турција поради влошување на состојбата со неговата ретка болест.

Бидејќи недостасуваат уште средства, денес и од Буџетот на општина Штип, како што објави на својот профил на Фејсбук штипскиот градоначалник Иван Јорданов, ќе бидат префрлени финансиски средства на семејството на Кристијан, за да им се помогне полесно да го издржат скапото лекување.

За таа цел следниот вторник, во 21 часот, во Домот на културата во Штип ќе се одржи хуманитарен концерт на кој е најавен настап на десетина естрадни ѕвезди од Македонија (Два Бона, Тајзи, Таско, Барбара Ракичевиќ, ДЈ Боно, Огнен Здравковски, Пајак, Иван Јованов).

Картата ќе чини симболични 200 денари, ќе има и кутии за донации. Може да се донира и на Телеком 143 130 и А1 143 471.

Претходно докторите одбивале да потпишат трансфер за момчето со медицински авион, бидејќи, сметале дека нема да го издржи патот. Неговата состојба сега била подобрена, а потребно е само да се собере целосната сума потребна за патувањето и за третманот во Турција.

Потребни се 50.000 евра, но поради потребата од специфичен трансфер поради лошата здравствена состојба, трошоците се зголемуваат.

Атаксија-телеангиектазија е ретка болест која се карактеризира со промени на кожата, невролошки нарушувања, имунолошки нарушувања (имунодефициенција) и рана појава на разни тумори.

Фреквенцијата на болеста е околу 1 пациент на 30.000 раѓања.

Comments (1)
Add Comment