На ГАК годишно се раѓаат од 600 до 700 предвремено родени бебиња

Од Клиниката за гинекологија и акушерство споделија дека ноември е посветен на предвремено родените бебиња – новороденчињата кои наместо да ги поминат последните недели во мајчината утроба, својата животна борба ја започнуваат многу порано. На ГАК годишно се раѓаат меѓу 600 и 700 вакви бебиња, а зад секое од нив стојат родители кои минуваат низ денови исполнети со страв, неизвесност и надеж.

– Мали по димензија, но огромни по храброст. Нашите најмали, а најсилни херои. Зад секое од нив стојат родители кои живеат меѓу стравот и надежта, секојдневно собирајќи сила за своите малечки. И здравствени работници кои безрезервно, со знаење, посветеност и љубов, се борат за секој мал живот – порачуваат од Клиниката.

Предвремено родено е секое бебе кое ќе дојде на свет пред навршени 37 недели од бременоста. Некои од овие новороденчиња се раѓаат само неколку недели порано, но кај најмалите, родени пред 28. гестациска недела, секој ден и секој грам се од огромно значење. Нивните органи, особено белите дробови, сè уште не се целосно развиени, па често им е потребна специјализирана нега, помош при дишењето и постојано следење на здравствената состојба.

Според Светската здравствена организација, секое десетто бебе во светот се раѓа предвреме, односно околу 15 милиони новороденчиња годишно. Компликациите поврзани со предвременото раѓање се водечка причина за смртност кај децата под петгодишна возраст. Сепак, со навремена и соодветна медицинска грижа, многу од овие бебиња успеваат да ги надминат најтешките денови и да продолжат со здрав раст и развој.

Грижата не завршува со излегувањето од интензивната нега и заминувањето дома. На предвремено родените деца често им се потребни редовни педијатриски и специјалистички контроли, следење на растот, слухот, видот и невролошкиот развој. Светската здравствена организација годинава особено ја нагласува важноста на континуираната грижа и поддршка и по отпустот од болница, за да им се овозможи на овие деца да го достигнат својот целосен потенцијал.

Посебна улога имаат и родителите. Контактот кожа на кожа, познат како кенгурска нега, доењето и вклученоста на семејството во грижата за новороденчето се важни делови од поддршката на предвремено родените бебиња. Од ГАК порачуваат дека ја слават храброста на најмалите, истрајноста на нивните родители и посветеноста на здравствените работници, потсетувајќи дека и најмалите животи заслужуваат најголема шанса за иднина.

Светскиот ден на предвремено родените бебиња годинава за првпат се одбележува на 15 ноември, наместо на досегашниот 17 ноември. Промената е направена со вклучувањето на денот во официјалниот календар на Светската здравствена организација, за да се избегне преклопување со други меѓународни здравствени одбележувања.

ГАКМакедонијанеонатологијапредвремено родени бебињародителиСветски ден на предвремено родени бебиња