Научeн тим ја откри тајната на создавањето на идентични близнаци

Ако некогаш сте се запрашале која е биолошката тајна за создавање на идентични близнаци, се чини дека науката конечно ни го понуди вистинскиот одговор, со одгледување на синтетичка структура на ембрион надвор од матката.

Имено, истражувачите од Мастрихт тврдат дека откриле како се создаваат идентични близнаци, преку процес кој покажува забрзан раст на ембрионот во многу рана фаза, кој потоа се дели на два идентични дела.
Увид во процесите што се случуваат во утробата

Научниците го открија овој досега непознат процес со одгледување на синтетичка структура на ембрион надвор од матката.

„Надвор од матката го направивме видливо она што се случува во матката“, велат водечките научници Клеменс ван Блитерсвијк и Ерик Вриј, чие истражување е објавено во списанието „Advanced Materials“.

Забрзаниот раст се одвива во бластоцистата, некој вид балон кој подоцна се развива во плацента.

Доколку тој балон пребрзо расте, групата клетки кои подоцна ќе станат ембрион се дели на две, додека во исклучителни случаи на сличен начин може да се создадат идентични тројки или четворки, велат научниците.

„Скрининг со висока пропусност“
Во 2018 година, истражувачите од Медицинскиот центар на Универзитетот во Мастрихт (UMC+) и Институтот MERLN го создадоа првиот синтетички ембрион, кој беше одгледан од матични клетки од глушец.

Минатата година израелските истражувачи успеаја да го направат истото со човечки матични клетки, а сега во Мастрихт се „одгледуваат“ синтетички идентични ембриони близнаци.

Ова откритие делумно се должи на автоматизираниот процес на истражување што го користеа истражувачите од Мастрихт, наречен „скрининг со висок пропуст“.

Овој тип на скрининг им овозможува истовремено да испитаат илјадници, потенцијално дури и милиони, клеточни структури и да ги изложат на различни услови.

Сепак, фактот дека сега е јасно како синтетичкиот ембрион се развива во идентични близнаци не е цврста гаранција дека тоа е токму така при природното оплодување, додека Ван Блитерсвијк тврди дека доказите за тоа се индиректни.

Значајни придобивки од истражувањето
Истражувачите нагласуваат дека нивните наоди можат да придонесат за знаење за спонтани абортуси и плодност, пренесува холандскиот јавен радиодифузер НОС.

Со бременост со близнаци, компликациите се јавуваат почесто при раната имплантација, а со помош на новите сознанија тие можат да се спречат или лекуваат.

Покрај истражувањето на процесот на формирање на идентични близнаци, научниците се фокусирале и на развој на ткиво за пациентите за кои донаторските органи не се достапни, бидејќи почетокот на формирањето на органи веќе може да се види кај синтетичките ембриони.

„Првично сакаме да истражиме дали можеме да одгледуваме црвени крвни зрнца. Очекувам дека во блиска иднина ќе стане јасно дали е тоа изводливо“, изјавил Ван Блитерсвајк.

И покрај потенцијалните приговори од општеството за истражување на ембриони, научниците истакнале дека не се загрижени, бидејќи веруваат дека има голема поддршка за нови истражувања.