Мобилните уреди значително ги олеснија секојдневните обврски, како плаќањето сметки или договарањето со пријателите. Сепак, оваа практичност има и своја цена. Експертите сè почесто предупредуваат дека прекумерното користење мобилен телефон може негативно да влијае врз телото и умот, а последиците често не се забележуваат сè додека не станат посериозни, пишува National Library of Medicine.
Несоница
Тешкотиите со заспивањето и неможноста да се опуштите често се поврзуваат со прекумерното користење телефон. Изложеноста на специфичната светлина од екранот може да го наруши природното производство на хормони кои го регулираат биолошкиот часовник. Експертите советуваат уредот да се остави порано и пред спиење да се направи пауза од екранот за полесно да се заспие.
Ширење бактерии
Користењето мобилен телефон на места како тоалети или болници може да доведе до пренесување бактерии на други површини што ги допирате потоа. Затоа се препорачува мобилниот да не се користи во такви средини и редовно да се чисти, бидејќи секојдневно го држиме во раце, што ја прави хигиената поголем предизвик.
Ризик од рак
Според извештај на Си-ен-ен, Светската здравствена организација предупредила на можен ризик од рак поврзан со прекумерната употреба на мобилни уреди. Зрачењето што го емитуваат уредите би можело да придонесе за развој на болести, па затоа се препорачува умерена употреба и избегнување на држење на уредот блиску до главата додека спиете.
Ризик од висок крвен притисок
Студиите на Американското здружение за хипертензија, објавени на порталот „Medical Daily“, покажале дека користењето мобилен телефон за време на разговор може да го зголеми крвниот притисок. Во истражување спроведено на околу 94 пациенти кои примале терапија за хипертензија, било забележано зголемување на крвниот притисок кога добивале повик.
Недостиг на концентрација
Честото користење мобилен телефон може да го отежне одржувањето на фокусот дури и при едноставни задачи. Според истражување објавено во „Гардијан“, секој прекин поради порака или повик може да бара и до 25 минути за целосно враќање на концентрацијата. Како решение се советува паузите да се планираат и мобилниот телефон да се користи во тие периоди, за да се избегне губење на фокусот.
Стрес
Прекумерната употреба на мобилниот телефон може да го зголеми нивото на стрес и раздразливост. Според податоци објавени во „Гардијан“, 60 отсто од младите испитаници почувствувале вознемиреност кога подолго време не ги користеле своите мобилни уреди.
Номофобија
Екстремната форма на зависност од виртуелниот живот – стравот или непријатноста што се јавуваат кога човек не може да го користи мобилниот телефон – се нарекува номофобија, се наведува во студија објавена во „Scientific American“.
ФОМО
ФОМО е кратенка од „Fear Of Missing Out“, односно страв дека нешто важно пропуштаме. Станува збор за чувство дека се случува нешто значајно без нас ако не сме постојано поврзани преку социјалните мрежи. Таквата навика може да доведе до избегнување на реалниот живот и прекумерно потпирање на виртуелната интеракција.
Губење на слухот
Според истражување на „Healthy Hearing“, користењето слушалки со високо ниво на јачина значително го зголемува ризикот од оштетување на слухот. Дополнително, електромагнетното зрачење од мобилните телефони за време на разговор може негативно да влијае врз слушниот систем.
Проблеми со вратот и ‘рбетот
Наведнатата положба на телото при пишување пораки може да предизвика болки во вратот и ‘рбетот, а долгорочно да доведе и до посериозни проблеми во оваа област.
Зголемено одложување на обврските
Користењето мобилен телефон во слободното време често поттикнува одложување на важните задачи. Студија објавена во „Гардијан“ покажала дека 75 отсто од американските студенти ги користат телефоните за да ги одложат обврските.
Депресија
Истражување на Универзитетот во Гетеборг ја поврзало честата употреба на мобилни уреди со послаб успех на факултетот и поголем ризик од депресија кај студентите.
Алергиски реакции
Долготрајното користење мобилни телефони може да предизвика иритација на кожата, осип и контактен дерматитис, најчесто поради присуството на метали како никел и кобалт.
Негативно влијание врз плодноста
Прекумерната употреба на мобилен телефон, особено носењето на уредот во џеб, може да го намали бројот и подвижноста на сперматозоидите, што би можело негативно да влијае врз машката плодност.
Ризик од тумори
Италијански работник кој 12 години секојдневно користел мобилен телефон по шест часа, држејќи го уредот блиску до главата, заболел од тумор на мозокот. Врз основа на научни докази за кои било наведено дека ја поврзуваат употребата на мобилни телефони со тумори, тој успеал на суд да добие спор против својот работодавач.
Антисоцијално однесување
Прекумерната употреба на паметни телефони може да ја намали мотивацијата за директна интеракција, особено кај помладите генерации, кои сè повеќе се потпираат на виртуелната поврзаност и го занемаруваат непосредниот социјален контакт.
Синдром на „фантомска вибрација“ или „фантомско ѕвонење“
Многу корисници имаат чувство дека телефонот им вибрира или ѕвони дури и кога тоа всушност не се случува. Овој феномен е познат како „фантомска вибрација“ и се поврзува со честото проверување и користење на мобилните уреди.
Воспаление на тетивите и зглобовите
Постојаното користење мобилен телефон може да предизвика воспалителни процеси во тетивите и зглобовите на прстите, зглобовите на рацете и лактите поради незгодни и повторливи движења.
Прејадување и прекумерна тежина
Користењето мобилен телефон за време на оброк може да доведе до неконтролирано внесување храна бидејќи вниманието не е насочено кон јадењето. Тоа може да го зголеми ризикот од прејадување.
Заклучок и совет: Користете го, но не го злоупотребувајте
Потсетникот е дека сè во животот треба да се користи умерено. Свесното ограничување на времето поминато на мобилниот уред може да придонесе за подобрување на физичката и менталната благосостојба.