Сашка Кузманова по професија е професорка по англиски јазик, но веќе со години наназад се занимава со хуманитарна работа, односно со помагање на социјално загрозени семејства, деца без родители, жртви на семејно насилство и сл.
Она поради што ние ја побаравме е уште една хумана активност на оваа триесетитригодишна кавадарчанка – изработка на перики од природна коса за онколошките пациенти.
Иако нејзината професија нема никакви допирни точки ниту со фризерството, ниту со медицината, а периките, вели таа, спаѓаат во медицински помагала, таа сепак се решила да научи самата да изработува перики и барем малку да внесе радост во животот на пациентите кои се соочуваат со оваа болест.
„Како велат, не можеш да знаеш што поминуваат сите тие личности додека не осетиш на своја кожа или на некој твој близок. Па така и јас. Секојдневно почнав да слушам како некој заболел од карцином. Терапиите се многу скапи, односно сѐ е скапо, од терапии па до перики. Па почнав да размислувам на таа тема, како јас можам да им го олеснам лекувањето со тоа што ќе се чувствуваат барем малку подобро и ќе им подарам барем малку среќа. Почнав да се распрашувам но сето тоа за мене беше ново. Почнав да пребарувам во Македонија дали постои ваква гранка за изработка на перики, но немаше. Па одлучив да направам мој проект и почнав да стапувам во контакт со многу фирми, со лица надвор од Македонија кои веќе изработуваат перики. Наидов на многу препреки, но сепак, успеав. Ме исконтактира жена која долги години живее надвор од Македонија и ми го предаде своето знаење за изработка на периките. Беше момент на ковид кризата во светот па јас морав сето тоа да го учам онлајн. Но, после година ипол веќе бев спремна“, раскажува Сашка.
Таа ја основала фирмата Инфинити Лајф КС Кавадарци, а во меѓувреме стапила во контакт и со многу фризерски салони низ цела Македонија кои веднаш го поддржале нејзиниот проект и почнале со соработка и донирање на коса.
„Полека, полека почнаа и граѓаните на Македонија, а и надвор од неа да дознаваат за мојот проект и секојдневно се приклучуваат во акцијата „Донирај коса за нова насмевка“.
На почетокот мојот проект беше доставен во министерството за здравство каде што го поддржаа како проект, но морав да се снаоѓам сама со изработката и набавувањето на материјалите кои се ужасно скапи. Покрај сите тешкотии и после долго време успеав да стапам во контакт со многу компании, амбасади кои ја поддржаа мојата работа, односно мојот проект и периките за пациентите се бесплатни. Ги изработувам и ги подарувам благодарение на многуте компании кои ми подадоа рака и застанаа рамо до рамо до мене“, вели таа.
Денес таа е единствена во Македонија која рачно изработува перики од природно влакно. Косата која сакате да ја донирате за оваа намена треба да биде врзана во реп или сплетена во плетенка, со должина од 25 цм па нагоре. Косата може да е природна, но може и да е фарбана.
„Заради тоа што претходно некоја пациентка можеби имала фарбана коса, а со цел да не ја оштетуваме периката од нефарбана коса, почнав да превземам и донации на фарбана коса“, објаснува Сашка.
Инаку, периките ги изработува по нарачка, односно, по мерка за секоја пациентка и според фотографија како претходно им изгледала косата. Ова не значи дека потоа, откако пациентката ќе оздрави и нема да ѝ треба, таа перика не може да се подари на некој друг.
„Позади, на периката има делче за регулирање на големината, па доколку му се допаѓа, може и друг пациент да ја износи таа перика. Секако, претходно јас ја превземам и ја ставам во стерилизатор. Ја средуваме на фризер и си ја зема пациентката… Периките се подаруваат исклучиво со документ на кој пишува дека пациентката е онколошки или хематолошки пациент. Потпишуваме меѓусебен договор и си ја превземаат. Но секогаш, ама баш секогаш јас лично сакам да им ги подарам периките. Одам на лице место, ја ставам на главата на пациентот, давам насоки како да се одржува и чекам радосен крај, кога ќе ми се јават и ќе ми кажат дека оздравеле и веќе немаат потреба од перика“, вели Сашка.
Досега изработила перики за пациентки на возраст од 7 до 77 години, но најмладата било едно 7-годишно девојче кое пред извесен период ја израдувало со веста дека оздравела и дека нема потреба од периката.
„Најмладата пациентка на која ѝ направив перика ми се јави со убавата вест, но посака да ја задржи периката и да си ја врами за спомен и за да ја потсетува на мене. А најстара пациентка ми беше една 60-годишна госпоѓа која минатата недела веќе застана на здрави нозе и од неа исто така добив убава вест, дека најлошото поминало, односно, го победила карциномот“, раскажува таа.
Сашка сега ги изработува периките со уште две девојки, но бидејќи за изработка на една перика е потребен речиси цел месец, а зажал, има сѐ повеќе заболени, вели дека има потреба да обучи уште повеќе луѓе за изработување на периките за да може секој што ќе побара да добие една.
„Секој што ќе ме исконтактира, јас ќе го запишам и кога ќе дојде неговиот ред, ќе ја изработиме периката, но сепак предност би им дала на помладите личности кои не можат да се гледаат без коса и на некој начин со овие перики им давам мотив и сила за да издржат и од ова патешествие да излезат многу појаки. Ако порано периките служеле како моден додаток, денес секојдневно се потреба на лицата заболени од карцином, а нивниот број секојдневно расте“, вели Сашка и апелира до сите компании во Македонија да ѝ подадат рака и да ја поддржат за да може да насмевне повеќе луѓе кои боледуваат од карцином.