Паметните телефони се криви за падот на наталитетот

Во многу земји, бројот на родени деца се намалува. Истражувачите сè уште се обидуваат да ги откријат причините за тој пад, па во тој контекст, две неодамнешни научни истражувања од САД укажуваат на истиот можен виновник – паметните телефони.

Сопствениците на паметни телефони имаат помалку социјални интеракции, се наведува, па затоа и помалку сексуални средби во вистинскиот живот.

Според наводите, во САД од 2007 година стапката на плодност се намалила за 22 отсто. Се претпоставува дека тоа е поврзано со доаѓањето на „Ајфонот“ на „Епл“ таа година.

За да ја тестираат својата теорија, двајца истражувачи од Универзитетот на Мидлбери, Вермонт, во САД, Кејтлин Мајерс и Езекиел Хупер се сконцентрирале на фактот дека меѓу 2007. и 2011 година, „Ајфонот“ бил достапен во САД само преку еден оператор, „AT енд T (AT&T)“. Следи и споредба на стапките на плодност во областите опслужени од „AT енд T“ со оние кои веројатно биле лишени од користење на „Ајфон“.

Следствено, според истражувањето објавено од Националното биро за економски истражувања во САД, падот е особено изразен кај помладите жени – на возраст од 15 до 24 години.

– Опаѓањето на плодноста е концентрирано првенствено кај младите луѓе и во голема мера се одразува во намалување на несаканите бремености – пишуваат авторите. Намалувањето, инаку, „помалку се должи на трошоците за одгледување дете, а повеќе на недостатокот на социјална интеракција и сексуална активност“, се додава.

– Како што паметните телефони стануваат сè пораспространети така времето минато со пријатели, како и сексуалната активност нагло се намалуваат, наспроти зголемената потрошувачка на порнографија, како можна замена за секс со партнер – пишуваат Мајерс и Хупер.

Тие сметаат дека ова не е единствената причина за намалувањето на бројот на деца по жена. Како фактор се наведува и неуспешната политика за раѓање, спроведени, на пр. во Франција и Јужна Кореја и нејзиното мало влијание.

Натаму, економистите од Универзитетот на Синсинати, Нејтан Хадсон и Хернан Москосо Боедо ја прошириле оваа хипотеза на 128 земји. Ова проучување, пак, ги опфатило податоците на Светската банка за продорот на паметните телефони и за стапките на плодност кај адолесцентите.

Според сѐ, намалувањето стапки на плодност се забрзало со широкото усвојување на паметните телефони, и тоа е појава забележана во земји „со фундаментално различни здравствени, социјални, економски и културни контексти“, се истакнува.

Авторите во овој научен труд, објавен во мај годинава заклучуваат дека ова е „заеднички глобален технолошки шок“.

наталитетпаметни телефони