Пензионерки како пионерки: Двете неуморни професорки во пензија мотивираат и старо и младо

Секој пензионер да засади по една овошна садница (200 денари) во училишниот двор каде што учат нивните вници, училишните дворови ќе бидат големи овоштарници, порачаа Василка Стефановска и Сунчица Јовановска, чиј проект „Училишни градини“ во рамки на Слоу фуд Водно, пред неколку месеци заживеа и во едно средно училиште во Скопје.

Станува збор за кампања и едукативна програма на Слоу фуд Македонија, чија движечка сила се токму овие две професорки во пензија.

Василка Стефановска е претседателка на Слоу Фуд Водно (дел  од меѓународната, непрофитна организација Слоу фуд, со седиште во Италија) и заедно со својата поранешна колешка и долгогодишна пријателка Сунчица Јовановска неуморно работат на ширењето на училишните градини во основните и во средните училишта во земјава.

Тие, уште додека беа дел од колективот на средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје, Василка Стефановска како професор по предметот „храна и пијалаци“, односно, технологија на прехранбени производи, а Сунчица Јовановска како професор по биологија, во 2013.година ја направија училишната градина во нивното матично училиште. Сега, 10 години подоцна, оваа градина е пример за тоа како треба да функционираат училишните градини во сите основни и средни училишта во земјава.

Пред неколку месеци тие стартувале со поставување на училишна градина, овојпат во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, кадешто, по првичното „тестирање“ на учениците, инаку, средношколци од трета и четврта година, дознале дека од сите зачински билки, тие го препознаваат само нането. Секако, во меѓувреме, работите се веќе сменети.

„Зачинскo-ароматичните билки прават магија во гастрономијата“, е сега веќе третата работилница која ја организирале со учениците од оваа скопска гимназија во рамките на проектот „Традицијата и ароматичниот вкус меѓу младите во училиштата“.

„Голема благодарност до СУГС „Лазар Танев“ што ја овозможи оваа соработка. Специфичниот настап на професорот Дејан Христовски заедно со неговите ученици со занимање слаткари успеаја да го привлечат вниманието на гостите, односно, на нивните врсници од гимназијата „Јосип Броз Тито“ и да предизвикаат кај нив интерес за темата. Соработката домаќини -гости беше прекрасна, па во еден момент гостите ја презедоа улогата на домаќини и заедно со професорот се пробаа и во улога на слаткари. Ја постигнавме целта, ги презентиравме зачинско-ароматичните билки и нивното влијание во крајниот вкус на храната, па веруваме дека работите сега се сосема поинакви од тоа какви беа на почетокот, кога учениците кои се во групата со која почнавме да работиме на формирање на училишната градина во нивното училиште, од сите зачини го знаеја само нането“, вели госпоѓа Василка.

Токму филозофијата на Слоу фуд – заштита на традицијата во исхраната, начинот на подготовка на храна, одгледување на градинарски култури кои се автохтони, е поттик за проектот – Училишни градини, чија тенденција и идеја е да се имплементираат градини во сите основни и средни училишта во земјава.

А дека овие две професорки во пензија се навистина неуморни и се пример и мотив, не само за учениците, туку и за своите врсници, докажува и нивната последна акција во која тие две заедно со учениците од „Јосип Броз Тито“ во хербалната градина во оваа скопска гимназија засадиле три садници гинко, една цреша, лаванда, рузмарин и нане, а кај да е, односно некаде во јануари-февруари, планираат да почнат со сеење семиња на зачински ароматични билки.

Токму оваа акција тие ја искористија и за да го упатат апелот до своите врсници: Ајде генерацијо, покажете се на дело!

Имено, цела оваа недела беше недела во која се одбележуваше „Неделата на грижа за старите лица“ под мотото: „Сите сме нивни деца“. 

Целта за одбележување на оваа недела во светски рамки е да се подигне јавната свест  за потребата од зголемена интеграција на старите лица во сите сфери на општествениот живот, како и потребата за обезбедување грижа и помош на старите лица.

„Чинам дека го уловивме последниот убав есенски ден за градинарење во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ во Скопје, со убава порака во неделата посветена на возрасните лица“, велат професорките во пензија.

А ние велиме, сакаме да бидеме како нив кога ќе „пораснеме“.