Господин Давор го запознав на конференцијата за рамноправно родителство во Нови Сад. Повеќето од присутните на оваа конференција беа родители кои страдаат поради своите лоши разводи во кои главни губитници се нивните деца, главно разводи кои ги оставиле нив без деца, а децата без едниот родител. Разводи поради кои нивните деца повеќе не ги гледаат како свои родители, а тие страдаат поради неможноста да им бидат родители на сопствените деца.
Многупати сме пишувале на оваа тема, за случаи во кои децата се оружје за пресметка помеѓу поранешните партнери и најчесто завршуваат отуѓени од оној родител кој обично се препознава како „секундарен“. Оној кој наместо старателство врз своите деца во најдобар случај добива „секој втор викенд и двапати неделно по 3 часа родителски трошки, честопати ниту трошки, па на крајот децата повеќе не го гледаат како родител, туку како непријател.
Мојот соговорник, инаку, татко од Хрватска, се издвојуваше од повеќето таму по тоа што неговите деца не се оттуѓени од него. Напротив, тие имаат добри односи, но лошиот развод оставил врз нив, поточно, врз неговата ќерка, многу пострашни последици – таа веќе втора година ја посетува психијатриската клиника и редовно пие три видови лекарства против депресија и против анксиозност. Поради нив, кога доаѓа кај својот татко, таа е весела и ведра, но тој знае дека е тоа само поради лековите. Во суштина, знае дека таа страда, а нејзината иднина, со оглед на тоа што уште на оваа возраст ја „клукаат“ со тешки лекарства, е она што најмногу го плаши.
„Јас знам дека е таква поради лекарствата кои ги зема, а тоа се сериозни лекови, не се шега. Страв ми е кога мислам на тоа, страв ми е од тоа што носи иднината, срце ме боли кога го гледам своето дете кое на свои 16 години веќе втора година по ред е на тешки лекарства“, ја почна тој својата приказна со растревожен глас, на работ од плач.
Токму ова беше и моментот кога се предомисли и реши да не ја раскажува неговата приказна со вистинското име. Не сакаше приказната да ѝ нанесе дополнителна штета на неговата Марија. Така ќе ја нарекуваме ќерката на нашиот соговорник во овој текст, а и името на господинот кој ни ја отвори душата не е навистина Давор. Тој ја раскажа својата приказната анонимно, само како поука, како предупредување за сите оние кои се разведуваат, а имаат деца или пак се веќе разведени, а се уште војуваат токму преку децата кои, како што вели, во вакви ситуации страдаат десет пати повеќе од нив.
„Се разведувавме во 2014 година кога нашиот син имаше 9, а ќерката, Марија, 6 години. Разводот беше висококонфликтен и јас, не сакајќи дополнително да ги трауматизирам, а знаејќи дека нема никакви шанси за рамноправно родителство, со оглед на тоа што и во Хрватска е тоа возможно само доколку родителите сами се договорат за истото, се согласив на оние веќе класични решенија што ги нудат центрите за социјална работа. Имено, гледање со децата секој втор викенд и двапати неделно по 3 часа. Но, наспроти она што секогаш го велат во Центарот за социјална работа дека, кога ќе се реши разводот ќе се решат сите конфликти меѓу нас, тоа не беше точно, бидејќи конфликтите останаа. После разводот мојата поранешна сопруга постојано ги оневозможуваше видувањата, а децата, особено Марија која беше многу приврзана за мене, дома беа постојано оптоварувани од мајка им со нејзината омраза кон мене. Особено ѝ беше лута токму неа, на Марија, која со оглед на приврзаноста, најмногу страдаше поради ситуацијата“, раскажува Давор.
Од овие причини тој речиси после секое (не)видување морал да оди и да го пријавува тоа во Центарот. И така со години. Сепак, поради неговата упорност, успевал да ги гледа често и не дозволил тие да се отуѓат и да си го изгубат таткото. Сега се прашува што е полошо.
„Децата не се отуѓија од мене, иако тоа беше мојот најголем страв, но затоа се случи ова што се случува сега со Марија. Знаете, ние и ден денес, после 9 години од разводот уште водиме војна. Односно, војната ја води нивната мајка која не успеа да тргне понатаму. Таа и натаму ме мрази и натаму создава проблеми кои децата ги чувствуваат и живеат со нив, не јас, децата се жртви на нивната мајка. Од минатата година мојата ќеркичка, мојата Марија, знаете, таа има само 16 години, оди на Психијатриска клиника, страда од депресија и анксиозност и пие тешки лекарства“, повторува Давор, како и самиот да не може да верува дека зборува за своето дете.
Марија не успеала да се справи со тие проблеми за разлика од нејзиниот брат кој некако полесно се справил со ситуацијата.
„Синот, кој сега ќе полни 19 години се провлече некако полесно, тој си имаше некоја негова тактика и уште додека се уште живеев со нив, тие 6 месеци пред разводот, кога мајка им ќе почнеше да вика, знаеше сосема да се исклучи. Незнам, можеби причината за тоа што ѝ се случи на Марија е токму таа приврзаност кон мене, неможноста да се справи со омразата која ја покажува и ден денес мојата поранешна сопруга кон мене, лутината на мајка ѝ поради таа нејзина приврзаност, поради неможноста да се гледа со мене. И најстрашно е тоа што сето ова се уште трае“, раскажува тој.
Во 2020 година неговата поранешна сопруга побарала промена на видувањата, односно, да не доаѓаат децата кај татко им по дотогашниот распоред, туку кога ќе посакаат тие, односно кога ќе им дозволи мајка им.
„Не сакав повторно да се влечеме по центрите, не сакав повторно да ги трауматизирам и се согласив и со тоа. Беше тоа страшен период кој траеше речиси две години, кога ги гледав децата многу ретко, еднаш на три месеци. Беше страшно за мене, но си мислев дека барем тие се помирни и немаат притисок дома. Но потоа дознав дека Марија не е добро. Отидов во центарот и покренав постапка да се вратат видувањата. Не знае човек што е подобро, морав да премолчувам многу работи за да не страдаат децата, но излезе дека и тоа е лошо. Од минатата година Марија е на лекарства. Неодамна, одам на разговор во болница, кај нејзиниот психијатар и тој ми вели дека детето ѝ кажало на мајка си дека сум болен, дека пијам лекови, дека сум шизофреничар. Следниот пат ја наоѓам Марија како плаче кај психијатарот затоа што мајка ѝ зборува такви работи кои не се вистина. Мене тоа не ме допира многу, но девојчето и натаму го има истиот проблем и натаму живее со мајка која постојано го напаѓа таткото. Не е лесно да се живее во ваква средина толку долго. Детето веќе доволно страда, а таа го оптоварува со измислици и со моја наводна шизофренија, замислете“, раскажува Давор.
Вели дека мајката на неговите деца има една „фантастична“ особина, никогаш да не се обвинува себеси за ништо. Така и во случајов и додека го прашуваме како состојбата на Марија влијае врз нејзината мајка, Давор ни објаснува дека таа не го доживува тоа како нејзин проблем, ниту пак ја бара вината во нејзиниот однос со него.
„Психијатарот на Марија ме прашува зошто таа ситуација помеѓу нас уште трае, зошто мојата поранешна сопруга се уште, 9 години после разводот уште чувствува толку голема омраза кон мене. Незнам што да кажам освен дека ми е жал затоа што ние сме помеѓу оние кои тапкаат во место. Среќни разводи се оние после кои поранешните партнери тргнуваат напред, а оние 10 отсто кои не тргнуваат напред, кои се закопуваат и остануваат во војна и никогаш не излегуваат од таа врска, односно остануваат само во оној лош дел од врската, оние како нас, се причина за тоа децата да страдаат толку многу. Мојата сопруга не успеа да тргне понатаму и нејзината омраза кон мене со години ги труе децата, а Марија ја доведе до тоа да биде редовен пациент на психијатрија. Не сакам тоа да му се случи на ниту едно дете, не сакам тоа да ѝ се случува на мојата Марија“, ја заврши господин Давор својата потресна приказна.
Неговите солзи ме допреа и не можам да не се запрашам, како може родителите да не сфаќаат каква штета им нанесуваат на децата поради тоа што не можат и не знаат да се отргнат од тој лош партнерски однос и не можат или не знаат да заборават на меѓусебната омраза и да бидат само родители!
[…] Целиот текст прочитајте го на порталот „Мајка и дете“. […]