Кога велиме дека годината е престапна, тоа значи дека се додава еден ден на најкраткиот месец во годината – што значи дека на секои четири години постои шанса некој да се роди на 29 февруари. Статистиката вели дека шансите да се родите токму на овој ден се 1:1461.
Со оглед на тоа дека на планетата моментално живеат речиси 8 милијарди луѓе (поточно 7,888 милијарди), голем број луѓе го слават својот роденден на 29 февруари. Според податоците, токму на овој ден околу 5 милиони луѓе ширум светот го слават својот роденден!
Погледнав дали некој од моите пријатели на Фејсбук е роден денес и да, најдов некого…
Помалку родендени од останатите?
Иако нивниот датум на раѓање „се појавува“ на календарот само секоја четврта година – тоа не значи дека тие имаат помалку родендени од другите. Кога не е престапна година, родените на 29 февруари го слават својот роденден на 1 март, што е законски пропишано како нивен роденден кога годините не се престапни. Но не и мојата пријателка, поточно, роднина од второ или трето колено, не сум баш сигурна, прилепчанката Весна Велкоска.
Се јавив да ѝ го честитам роденденот и патем ја прашав кога го прославува својот роденден во годините кога го нема овој ден. Рече дека и самата се прашувала како е правилно, но дека е навикната во годините кои не се престапни, да го слави на 28 февруари бидејќи, како што вели, се смета себеси за „февруарско дете“.
Колку навистина се посебни луѓето родени на 29 февруари?
За да се родите на овој датум треба да се земат предвид многу фактори. Сепак, статистиката покажува дека шансата за ова е 1:1461. Дали е навистина тоа толку посебно и специјално?
Статистиката вели дека има поголеми шанси детето да се роди со 11 прсти на рацете и нозете – 1:500 отколку да се роди на овој датум, во престапна година.
Што ќе се случеше ако немаше престапни години?
Тоа што секоја четврта година е престапна и наместо 365 дена, има уште еден ден плус, се случува поради една причина – за усогласување на календарот со соларниот календар.
Иако годината ја броиме како 365 дена, всушност на Земјата ѝ треба малку повеќе од тоа за да направи круг околу Сонцето. Сончевата година трае 365,24 дена, односно 5 часа 48 минути и 56 секунди повеќе од онаа што ја мериме со нашиот календар.
Еден ден на секои четири години е она што прави овој циклус да одговара на датумот и да ги надомести тие скоро 6 часа секоја година што календарот не ги препознава.
Благодарение нба тоа што најкраткиот месец во годината добива уште еден ден на секои четири години, се одржува хармонијата на која сме навикнати – дека зимата е во декември, летото во август, а пролетта и есента се очекуваат во месеците во кои се сега.
Ако секоја четврта година не беше престапна – сето тоа досега ќе се сменеше. Само 700 години би биле доволни за целосно да се смени календарот – така што на северната хемисфера летото ќе доаѓаше во декември, а во јуни – зимата, наместо обратно.
Дополнително, да немаше престапни години, ниту рамноденицата, ниту солициумот не би „паѓале“ на истите датуми како сега.
Сепак, додавањето на еден ден на секои четири години – промената што ја воведе императорот Јулиј Цезар во 45 п.н.е. како соларен календар, заснован на египетскиот календар – претставуваше корекција која беше малку повеќе од потребна. Токму затоа папата Григориј Тринаесетти, во 1582 година, потпишал наредба со која се додава еден ден на секои четири години – освен во „вековните“ години, односно оние што може да се поделат со 100.