Прехранбените навики се создаваат уште во најраната возраст, па затоа е важно што најчесто се наоѓа на чинијата на децата. Денес е добро познато дека храната што ја внесуваме има големо влијание врз здравјето, а тоа особено се однесува на децата кои се во фаза на раст и развој.
На децата им се потребни квалитетни хранливи материи за правилен развој, но некои производи кои често ги сакаат најмалите содржат состојки што треба да се избегнуваат или барем да се намалат. Експертите составиле список на намирници што нашите деца треба да престанат да ги јадат или барем да ја намалат нивната консумација колку што е можно повеќе.
Овошни јогурти
Јогуртите со парченца овошје и во шарена амбалажа се многу привлечни за децата, но голем дел од нив содржат додадени шеќери, прехранбени бои и други состојки кои можат да предизвикаат реакции кај најмалите. Според истражување спроведено на Универзитетот во Саутемптон, одредени адитиви можат да влијаат врз однесувањето и здравјето на децата.
Наместо индустриски овошни јогурти, подобар избор е обичен јогурт без додаден шеќер, во кој родителите можат сами да додадат свежо овошје.
Чипс
Оваа солена грицка е омилена кај многу деца и возрасни, но не е здрав избор за најмалите. Иако се прави од компир, чипсот содржи многу масти, калории, сол и други состојки кои децата треба да ги избегнуваат.
Прекумерната консумација може да придонесе за проблеми како зголемен крвен притисок, дебелина и други здравствени ризици. Ако децата сакаат грицки, подобра опција е домашно подготвен чипс или поздрави алтернативи.
Преработено месо
Колбаси, виршли, паштети, специјални салами и слични производи често се наоѓаат во детското мени, особено кога родителите немаат време за подготовка на свеж оброк.
Сепак, преработеното месо одамна се смета за намирница која треба да се ограничува. Според истражувања на Американското здружение за рак, секојдневното внесување на 50 грама преработено месо е поврзано со зголемен ризик од рак на дебелото црево. Последиците не мора да се појават веднаш, туку можат да се одразат подоцна во животот.
Диетални газирани пијалаци
Многу родители мислат дека диеталните верзии на газирани пијалаци се подобар избор бидејќи немаат шеќер. Но, експертите предупредуваат дека вештачките засладувачи што се користат во овие производи не мора да бидат побезбедна алтернатива.
Наместо тоа, за децата се препорачува вода, природни сокови без додаден шеќер или други поздрави пијалаци.
Пуканки за микробранова печка
Пуканките што се подготвуваат за неколку минути во микробранова печка се практично решение за ужина, особено додека децата гледаат телевизија. Сепак, некои хартиени ќесички можат при загревање да испуштаат супстанции кои не се пожелни за детскиот организам.
Поздрава варијанта е традиционалното подготвување пуканки – зрната пченка да се загреат во тенџере со малку маслиново масло.