Што им е заедничко на тинејџерите убијци и на кое однесување на децата треба да обрнат повеќе внимание родителите и што и како понатаму од позиција на родителите како најодговорна алка во синџирот, но и од страна на воспитните институции и општеството воопшто.
Што е заедничко за сите тинејџери убијци?
Прво, дека таквите деца биле изложени на насилство на еден или друг начин (физичко или емоционално или и двете) во раното детство, најмногу во првите пет години од животот. Тие претрпеле траума. Раните оставиле длабоки лузни во нивната психа, па тие реагирале така како што реагирале. Лошо и трагично.
Лутина и апатија – недостаток на цели и чувство на внатрешна отапеност. Таквите луѓе се бесчувствителни и не се каат ако направат нешто лошо или ако повредат некого.
Тие пораснале со родители со нарушена структура на личноста (нарцисоидна или гранична или т.н. „borderline“). Тоа што детето потекнува од „угледно семејство на интелектуалци“ не кажува апсолутно ништо за емоционалната стабилност (лабилност) и емоционалната зрелост и секако психолошката состојба на мајката или таткото.
Сите многу внимателно и прецизно проучувале и планирале напади (пукања) од други примери. Како? Преку Интернет и социјалните мрежи. Секој од нив си наоѓа своја „инспирација“.
Поседување на средства за извршување на нападот (оружје!).
Ако вашето дете е често луто или раздразливо, можеби е депресивно?
Чувството на изолација и на „отфрленост“ на училиште исто така може да игра улога. Истражувањата покажуваат дека децата кои се чувствувале исклучени, социјално изоставени или социјално отфрлени на училиште, се поврзани со повисоки нивоа на анксиозност, депресија, агресија и асоцијално однесување (социопатија).
Прочитав интересен факт од студијата направена од американската ЦИА и нивното Министерство за образование од 2014 година дека речиси 40 проценти од училишните убијци биле изложени на малтретирање или вознемирување на училиште. Ваквите деца се затворени во својот мрачен свет, никој не им го препознава крикот за помош, па сите оние кои вршат такви „наменски напади“ воопшто не се чувствуваат добро во врска со себе.
Некои од нив имаат самоубиствени мисли, а некои се „ослободуваат“ од својот внатрешен товар убивајќи други и на тој начин му се одмаздуваат на општеството. Се разбира, повеќето од оние кои имаат самоубиствени мисли не значи автоматски дека убиваат други. Напротив.
Самоубиство наспроти насилство со убивање други
Што е тоа што ги тера децата кои имаат проблеми со менталното здравје или самоубиствени мисли да се свртат кон насилство убивајќи други деца и луѓе?
Очај, чувство на отуѓеност и отфрлање, запоставување. „Нема никој кој ме разбира и кој може да ми помогне! Ако е така, морам да се грижам за себе на мој начин!“
Кога очајот ќе премине во гнев и желба за одмазда, кога човек извесно време се бори сам и не успева да излезе од самоуништувачкиот лавиринт, неговиот очај може да се претвори во лутина, потоа во чувство на загуба, понижување, гнев и вина. Тој вид на гнев може да доведе до мисли за одмазда. Така започнува нивната имагинација и фантазија во која тинејџерот почнува да се поистоветува со другите негови „славни“ претходници кои употребувале насилство или биле запаметени како масовни убијци.
Денес, ништо не е полесно од тоа да се оди на интернет и да се истражува како другите ја спровеле својата намисла или добро развиениот план на дело и ги извршуваат своите напади. Да не зборуваме за виртуелниот свет на видео игри исполнет со насилни содржини. Тука е секако и пристапот до оружје, како еден од најголемите фактори на ризик во моментот кога фантазијата се претвора во реалност. Мислам дека многу такви напади можеа да се спречат навреме.
Клучот за превенција е да се забележат најраните знаци во однесувањето на учениците кои се борат, а исто така да се внимава на знаците дека некој можеби се движи кон насилство.
Предупредувачки знаци
Постојат некои „предупредувачки“ знаци дека детето може да стане насилно (кон себе или кон другите). Еве на кои знаци треба да обрнете внимание:
Ако детето е лошо третирано од неговите врсници од училиштето (исмејување, омаловажување, изолација).
Ако детето реагира на некое разочарување, на пример поради оценките, со екстремна вербална критика, силен гнев, обвинување и изразена желба за одмазда.
Склоност кон агресија и насилничко однесување.
Дружење со деца со „репутација“, односно за кои е познато дека се склони или учествуваат во морбидно, деструктивно или насилно однесување или фантазирање.
Суровост кон животните и домашните миленици.
Интерес и фасцинација (може да е опсесија) со оружје или потенцијално оружје.
Насилно или деструктивно однесување во уметничките или други креативни изрази.
Интерес за деструктивно или насилно однесување преку консумирање на таква содржина на Интернет, социјални мрежи и видео игри.
Потрошувачка на алкохол и дрога
Секој нека си ја преземе одговорноста, а пред се родителите!
Родители – Постојано нагласувам дека клучната улога на родителите е да ја преземат својата одговорност во подигањето и развивањето на здрави „основи“ (систем на вредности) уште од мали нозе.
Социјални мрежи – Потполно се согласувам за лошото влијание на социјалните мрежи и атмосферата во која слободата на говор се злоупотребува до тој степен што промовирањето насилство на мрежите стана нешто „нормално“ и вообичаено. Сето ова треба да се воочи и навреме да се едуцираат децата да знаат како да се справат со лошите и штетни содржини што ги консумираат и пред се да ги избегнуваат и да не учествуваат во нив ниту активно, ниту пасивно само како „консуматор“ на некоја содржина. И повторно, на првата линија на одбрана се родителите.
Образовни институции – Се разбира, училиштата се исто така важни и во овој контекст се работи со и на децата преку разни специјализирани едукации, работилници итн.
Исто така, верувам дека итно се потребни компетентни училишни служби за ментално здравје како советници, социјални работници и секако психотерапевти.
Учење нови вештини – Треба да се земе предвид да се вклучи предметот и учењето на емоционалните вештини (EQ) во училишната програма. Овој предмет („Животни вештини“), меѓу другото, би се фокусирал на учење на позитивни вештини за справување, издржливост и социјално-емоционално учење, особено за младите момчиња. Статистиката покажува дека 98% од сторителите на кривични дела кај децата се од машки пол.
И секако, паралелно со сето тоа треба да се работи и на решавање на проблемот со достапноста на оружјето. Статистиката вели и дека 80% од сторителите на злосторствата кај децата „позајмиле“ оружје од членови на семејството, најчесто родители и баби и дедовци, затоа што се премногу мали за сами да го купат.
Според мене, овие мерки се многу поважни и поефективни во однос на превенцијата од подобрувањето на безбедноста (полициските сили) и некои показни вежби за учениците како да се однесуваат во случај на напад. Или како што најавија властите во Србија воведување на над илјада полицајци во училиштата во борбата против врсничкото насилство.
Зарем не е поефективно и побезбедно да се работи на превенција преку едукација? Дали прво треба да се дозволи насилството и криминалот да се случат?
Текстот е од ТУКА.
[…] Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“. […]