Откако во Хрватска од ова полугодие на сите основци им е обезбеден „бесплатен“ оброк, за кој Министерството за наука и образование одвојува по 1,33 евра дневно по ученик, дискусијата за тоа што се јаде во училиштата, т.е. за квалитетот на храната, не престанува. Додека некои се борат со недостаток на кадар за подготовка на храна, има училишта кои немаат кујна или трпезарија. Но, основното училиште „Виктора Цара Емина“ во Ловран, Приморско-горанската жупанија, го надминува просекот.
Имено, ова училиште пред шест години го вовело принципот на шведска маса, кој престанал за време на пандемијата, но од почетокот на оваа учебна година повторно заживеал.
„За мене оваа ужина е еден од најубавите моменти во денот затоа што никогаш не сум вкусил подобра маренда“, изјавил за Канал РИ второодделенецот Николас.
Готвачката Ерика се труди сè да биде уредно, организирано и убаво послужено. Овошјето го сече на ситни парчиња бидејќи забележала дека многу деца одгризуваат парче од целото овошје, а остатокот го фрлаат.
„Трпезата е разновидна, за сите ученици од нашето училиште секојдневно се нудат млеко, јогурт, житарки, сирење, салама, овошје и зеленчук“, изјавила директорката на училиштето Ива Ерцег.
Од 423 ученици, 400 ручаат на училиште, но и пред владината одлука 80 отсто од нив ручале на училиште. Покрај 1,33 евра што ги добиваат за топол оброк по дете од ресорното министерство, единиците на локалната самоуправа кофинансираат со 17 центи по ученик дневно.