Канадската терапевтка Викторија Продај предупредува дека децата се сѐ полоши во училиште и се емоционално нестабилни поради прекумерната употреба на технологијата и „лошото“ родителство. Според Дејли Мејл, таа го опишала она што го гледа како загрижувачки тренд во однесувањето на децата.
„За време на мојата десетгодишна работа како детски терапевт, видов и продолжувам да гледам пад во социјалното, емоционалното и академското функционирање на децата. Како и наглото зголемување на тешкотиите во учењето и другите дијагнози“, предупредила таа и додала:
„Децата денес се во катастрофална емоционална состојба и многу работи во нашиот модерен начин на живот водат до тоа. И покрај нашите најдобри намери, за жал, го менуваме мозокот на нашите деца во погрешна насока“.
Со цел да апелира до родителите, таа навела пет причини зошто тоа се случува, а станува збор за следните навики:
Децата добиваат сè што сакаат кога сакаат и не поднесуваат да им се каже „не“
Имаат многу ограничена социјална интеракција
Родителите создаваат вештачки свет на забава за децата во кој не постои досада
Децата премногу ја користат технологијата, што емоционално ги исклучува
Родителите не поставуваат цврсти граници.
Исто така нагласила и дека родителите можат да направат разлика во животот на детето „вежбајќи“ го неговиот мозок за да може успешно да функционира на социјално, емоционално и академско ниво. Ова е првенствено поставување на граници, земајќи го предвид она што е добро за детето, а не она што детето го сака во одреден момент, ограничување на употребата на технологијата и учење на децата на нивните обврски, што ќе биде одредена основа за нивната иднина.