За госпоѓа Тина Мучева слушнав од моите пријатели кои потекнуваат од овој град. Велеа, жената е навистина посебна, иако веќе во позрели години, со две возрасни ќерки и еден внук, таа изгледа барем две децении помлада. Но не е сѐ ни во изгледот. Иако е секогаш средена, дотерана и женствена, она што ја краси и ја прави единствена и посебна, се нејзиниот младешки дух, нејзината енергија, комуникативноста и неуморноста.
Таа е една од оние жени кои не можете да ги видите во лошо издание. Може да им се случува сѐ и сешто зад затворени врати, но кога се на улица, тие се секогаш совршено нашминкани, дотерани, насмеани и ведри. Тие се жени-лавици или, како што вели онаа стара песна од 80-тите, жените се реалност, жените се бајки, жените се жени, жените се мајки…Жените се топли, жените се меки, жените се украс на природата, жените се женствени, жените се женствени… И таа е сето тоа по ред. а нејзините струмичани ја нарекуваат – струмичката Моника Белучи.
„Личноста која секојдневно ја среќаваме во Струмица, Тина Мучева е мајка на две ќерки кои сама ги извела на пат, откако нејзиниот сопруг рано починал, ќерки кои се гордеат со својата мајка, а и таа со нив. Судбината сакала таа да остане сама рано и да го продолжи патот како самохран родител, да опстои долги години вредно работејќи го она што најдобро го знае, со крената глава.
Тина имала козметички салон и била многу успешна во својата бранша. а во 90-тите години од минатиот век во своето козметичко студио ги шминкала најпознатите актерки во тогашна СФРЈ, Милена Дравиќ и Весна Чипчиќ. Тогашното списание „Практична жена“ ја избрало за најелегантна жена“.
Била почесен гостин и на последната манифестација на здружението „Вешти жени“, во март 2023 година.
Не се сменила низ сите овие децении. Таа е сѐ уште најелегантната и најекстравагантната струмичанка, која плени со својот дух и со својата енергија, а зрачи со женственост и сексипилност, кои, велат струмичани, се сигурно запишани во нејзината ДНК.