Вработените во МЕТА го нарекувале Инстаграм дрога, а себеси дилери

MЕТА се соочува со едно од најголемите судења во својата историја, откако 29 американски сојузни држави ја обвинија компанијата дека намерно ги дизајнирала Фејсбук и Инстаграм така што младите корисници да станат зависни од нив.

На почетокот на судењето, кое започна во федералниот суд во Оукленд, Калифорнија, четири држави – Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси – ги повторија обвинувањата дека Meta со своите платформи поттикнувала анксиозност, депресија, па дури и самоубиствено однесување кај младите, а истовремено ја доведувала јавноста во заблуда за безбедноста на своите производи.

Во тужбата се наведува дека Мета со ваквото работење го прекршила федералниот закон, вклучително и правилата за заштита на приватноста на децата. Обвинителите тврдат дека компанијата незаконски собирала и користела лични податоци на деца помлади од 13 години без согласност од нивните родители.

Заменичката државна обвинителка на Калифорнија, Меган О’Нил, пред осумчлената порота изјавила дека деловниот модел на Meta бил едноставен: да ги привлече корисниците, да ги задржи што подолго, да ги собере нивните податоци и потоа да ја сокрие вистината од јавноста.

Според неа, овој модел особено добро функционирал кај децата.

– Meta открила дека колку е помладо детето кога почнува да ја користи апликацијата, толку подобро – рекла О’Нил.

Таа тврди дека компанијата ги проучувала младите, начинот на кој функционира нивниот мозок и како реагираат на онлајн стимули, а потоа ги користела тие сознанија за да го зголеми нивното време поминато на платформите.

Особено шокантно звучеше тврдењето дека самите вработени на Meta го нарекувале Инстаграм „дрога“, а себеси „дилери“.

О’Нил пред поротата цитирала и интерни документи на компанијата. Во еден од нив стоело „младите се најдобрите“, додека во друг се наведувало дека тинејџерите се „навлечени и покрај тоа како се чувствуваат“ и дека „Instagram создава зависност“.

Зборувале неформално

Адвокатот на Meta, Пол Шмит, ги отфрла обвинувањата и тврди дека интерните пораки и документи биле извадени од контекст.

Тој призна дека некои луѓе имаат проблеми при користењето на социјалните мрежи, но нагласи дека истражувањата не покажале јасна врска меѓу користењето на социјалните мрежи кај тинејџерите и нарушената благосостојба.

Шмит исто така рече дека неформалниот јазик што го користеле некои вработени во приватните разговори не значи дека производите на компанијата навистина се зависнички. Според него, поротата ќе слушне и што направил вработениот кој го нарекол Инстаграм „дрога“ за да ја направи платформата побезбедна.

Тој додаде дека извршниот директор и коосновач на Meta, Марк Закерберг, сака компанијата да ги подобрува своите услуги, а не да ги прави опасни.

И Закерберг и шефот на Инстаграм, Адам Мосери, се очекува да сведочат во текот на судењето.

Поразително сведочење од поранешен инженер за безбедност во Мета

Еден од најважните сведоци е поранешниот инженер за безбедност во Meta, Артуро Бехар, кој со години ја предупредувал компанијата за проблемите со заштитата на децата.

Бехар пред поротата изјавил дека Meta одамна знаела дека нејзините алатки за заштита на децата не функционираат како што треба.

Тој тврди дека компанијата пуштала нови производи без доволно да се размислува за нивната безбедност.

– Многу производи беа пуштени во светот, како кратките видеа Reels, а безбедноста не беше земена предвид при нивното првично воведување – сведочел Бехар.

Според него, во Meta владеела културата „move fast and break things“ – односно брзо да се создаваат и пуштаат производите, дури и по цена на можни последици.

Бехар исто така тврдел дека компанијата имала пристап „не прашувај, не кажувај“ кога станувало збор за тоа дали деца помлади од 13 години се на платформите.

Што бараат државите од Мета?

Ова не е само спор околу парична казна.

Доколку Meta биде прогласена за одговорна, државите сакаат судот да ѝ нареди и конкретно да ги промени Facebook и Instagram.

Меѓу барањата се укинување на копчето за „лајк“, промени во бесконечното скролање кое ги поттикнува корисниците постојано да гледаат нови содржини, ограничувања на времето кое помладите корисници го поминуваат на платформите и построго спречување деца помлади од 13 години да користат Facebook и Instagram.

Токму можните промени во начинот на кој функционираат платформите би можеле да имаат многу поголемо долгорочно влијание врз Meta отколку самата финансиска казна.

Судскиот процес би требало да трае околу шест недели, а експертите го опишуваат како еден од најзначајните правни тестови досега за влијанието на социјалните мрежи врз младите.

Доколку Meta биде прогласена за одговорна, државите проценуваат дека казните би можеле да достигнат околу 200 милијарди долари. Meta, пак, предупредила дека потенцијалните казни би можеле да бидат и многу поголеми – до 1,4 трилиони долари.

Поротата ќе даде советодавна пресуда, но конечната одлука за одговорноста на Meta ќе ја донесе федералната судијка Јвон Гонзалес Роџерс. Доколку утврди дека компанијата е одговорна, таа може да изрече финансиски казни и да нареди промени во работењето на Facebook и Instagram.

Овој процес се одвива во период кога Meta веќе се соочува со сериозни судски удари.

Само две недели пред почетокот на ова судење, судија во Ново Мексико ѝ наложи на компанијата да плати 567 милиони долари во случај поврзан со менталното здравје на тинејџерите. Со тоа вкупната сума што Meta треба да ја плати на оваа американска држава достигна 942 милиони долари.

Во март, порота во Лос Анџелес им наложи на Meta и Google да платат 6 милиони долари на 20-годишна жена која тврдела дека станала зависна од Instagram и YouTube уште како дете.

Во меѓувреме, и Тенеси води сличен процес против Meta, кој исто така е поврзан со наводната штетност на Instagram за младите корисници.

Случајот во Оукленд е дел од многу поширока правна битка. Meta, но и други компании како TikTok, Snap и YouTube, се соочуваат со илјадници тужби од држави, родители, училишта и поединци поради наводната штета што социјалните мрежи им ја нанесуваат на децата и тинејџерите.

Обвинителите дури го споредуваат пристапот со правната битка против тутунската индустрија во 1990-тите, кога компаниите биле обвинети дека знаеле за зависноста и штетните последици од своите производи, но ги прикривале тие сознанија.

Сега останува судот да утврди дали Meta навистина свесно ги жртвувала безбедноста на најмладите корисници и нивното ментално здравје за да го зголеми времето поминато на платформите и сопствениот профит.

FacebookInstagramMetaАдам МосеридецазависностМарк Закербергментално здравјесоцијални мрежисудењетинејџери