Животот е чудо! По мозочниот удар адвокатката Мирјана Марковска продолжува со истата страст во нови победи (ВИДЕО)

Мирјана Марковска е зрела, убава и реализирана жена и мајка, сопственик на адвокатска канцеларија која успешно ја води повеќе од две децении, очигледно жена-матица, опкружена со луѓе, насмеана, полна со дух, дотерана со вкус и најочигледно од сè, жена борец.
Пред отприлика три години Мирјана преживеала мозочен удар, но токму како и за сè во животот, веднаш нашла смисла дури и во ова. Не само што се исправила и продолжила да живее и да работи со истата страст, туку го прави тоа онака, во стилот – што дошло, мора да се издржи, секое лошо за нешто добро и почнала да гради уште еден бисер во низата. Формирала здружение за помош и поддршка на лица со Афазија (ХОУП), со цел, да си помогне себеси, но и на сите други кои се соочуваат со афазија, како и на лицата кои водат грижа и нега за нив.

Е сега, следува прашањето, што е афазија?

Токму овој месец, јуни, е месец за подигање на свеста за афазија, односно, за зголемување на информираноста за јазичното нарушување и за препознавање на бројните луѓе кои живеат со афазија или се грижат за лице со афазија.
Но овој термин не им е познат на 84,5% од луѓето, па очигледно дека здружението на Мирјана ќе има полни раце работа.

За афазијата

„На многумина не им е познат терминот афазија иако, со жалење констатирам дека во последно време сè повеќе се соочуваме со истиот. Најкратко, Афазија е стекнато комуникациско нарушување кое ја нарушува способноста на лицето да говори, но не влијае на интелигенцијата. Афазијата ја нарушува способноста за говорење, читање, пишување или разбирање на другите“, објаснува Мирјана.
Инаку, Афазијата е предизвикана од оштетување на една или повеќе јазични области на мозокот. Мозочните повреди може да бидат предизвикани од повреди на главата, тумори, мозочни инфекции и прогресивни невролошки нарушувања, како што е Алцхајмеровата болест, но најчесто, причината за повреда на мозокот е мозочен удар кој се јавува кога згрутчување на крвта или истекување или пукање на сад го прекинува протокот на крв во дел од мозокот. Токму како и во случајот на нашата соговорничка.

„На луѓето со афазија често им се кажува да практикуваат грижа за себе за да го ублажат или да го спречат стресот. Но, што воопшто значи тоа?
Можеби мислите дека грижата за себе е како бањи со меурчиња и часови по јога, но грижата за себе е сè што правите за да се чувствувате добро и да се наполните со позитивна енергија. Тоа може да биде галење на вашето куче, прошетка, вежбање говор, но и да им кажете „не“ на плановите кога сте уморни, сè што прави да се чувствувате добро“, вели Мирјана посочувајќи ја Националната страна за Афазија, на која може да се прочитаат неколку совети за грижа за себе дадени од страна на лица кои имаат Афазија и кои ги практикуваат истите.

Зошто ми се случи ова?

На ова што ѝ се случило Мирјана гледа како на нешто што, секако, не морало да се случи, но кога веќе се случило, таа е спремна за борба.
„Немам друг избор освен да се соочам со тоа што се случи и да сторам сè
за да го надминам и да излезам како победник. Тоа сум јас. Тоа му го должам на моето семејство и на сите кои ме знаат како најголем мотиватор и борец. ХОУП е круна на мојата битка. Поради тоа поддржете ја и ширете ја масовно мисијата на ХОУП, за превенција и заштита на здравјето. Активирајте се и придружете ни се“, порачува Мирјана.
Вели дека тоа што ѝ се случило било ненадејно и сосем неочекувано.
„Ме затекна неспремна, но, како и со сè во животот, брзо се консолидирав и со сета сила, упорност и пркос се вратив, се справив и сè уште се справувам, секој ден, сега, со дополнителен фокус, колку можеме да помогнеме секому кој се соочува со оваа состојба. За жал, начинот на живот, брзината на темпото, невниманието, зачестеноста на мозочните удари кои (поразително, како никогаш досега) ги афектираат и помладите лица, ја намалува возрасната граница и го зголемува бројот на лица кои се соочуваат со афазијата“, вели таа.
Додава дека она што е особено битно да се напомене е дека „Афазијата не е болест, туку е состојба или последица на мозочни нарушувања, најчесто мозочен удар, но, исто така (тоа го покажуваат и најновите медицински истражувања) и на механички повреди на главата, односно трауми или други заболувања кои ги засегаат мозочните функции.
Афазијата (не нужно) може да ја следат и други нарушувања на мозочните функции: помнење, перцепција, волеви движења.
Нарушувањето на говорот и степенот на нарушеност на говорот се различни и по типологија и по степен на засегнатост (од неможност за говор, неразбирливост на говорот, до потешкотии во пронаоѓање на зборови)“.

За рехабилитацијата

Мирјана објаснува дека иако постојат основни постулати за третманот на афазијата, пристапот при нејзино третирање кај секој засегнат е различен и индивидуален, односно не постои универзален начин за третман на афазијата, ниту универзален заклучок дека јачината или степенот на причината нужно ќе афектира на последицата и можноста или неможноста за рехабилитација.
Кога станува збор за Мирјана, таа со својата рехабилитација ги надминала сите очекувања.
„Прогнозите не беа многу оптимистички. Да кажеме дека сите ги изненадив и потврдив дека нема правила. Си помогнав со тоа што во ниту еден момент не потклекнав ниту воопшто помислив на ‘опцијата’ дека не можам или дека нема да бидам добро. Најголемата помош и поддршка дојде од семејството, од моите драги колеги од АК „Марковска&Андревски“ и од долгогодишните пријатели и соработници. Нема нешто поблагородно и помотивирачко од сознанието дека во тешки моменти или предизвици имаш толку силни, квалитетни и лојални луѓе околу себе. Бескрајно сум им благодарна. Стручниот медицински тим од ентузијасти кој работи со огромна љубов и посветеност и бескрајна позитивна енергија е посебна приказна.
Животот е чудо, кога си упорен и кога работиш ништо не е невозможно. Секој ден сè повеќе и повеќе можев. Од суштествено значење е брзо да се реагира и да се отпочне со третирање на состојбата веднаш по нејзиното настапување и да нема откажувања, бидејќи рехабилитацијата може да трае и подолго, но доколку има упорност и волја, успехот нема да изостане“, вели оваа храбра и упорна жена.

За ХОУП
Поради личното искуство, Мирјана смета дека е од особено значење да се подигне свеста за оваа состојба и колку може да се превенира нејзино настапување и да се обезбеди оптимална или целосна рехабилитација, доколку веќе настапила.
Токму затоа таа го формирала здружението за помош и поддршка на лица со афазија.
„Во периодот додека работев на мојата рехабилитација, паралелно го ‘развивав’ ХОУП. Грижливо ги собирав сите искуства, информации, го концепирав тимот со кој ќе го реализирам, целите и задачите, проектите на кои ќе работи ХОУП. Кога дојде моментот, ХОУП само го вклучивме во погон со максимална оперативност. Откако ќе го ‘изодите’ патот, е многу (по)лесно. Но, афазијата е состојба која е тешка, мачна и фрустрирачка за лицето кое се соочува со истата и дотолку повеќе, за семејството и за блиските, па за справување со неа е потребна надеж, верба, помош, поддршка, систем и средства“, вели таа.
Мисијата на ХОУП е да ги интегрира сите овие сегменти за да им го отвори патот на лицата со афазија и нивните најблиски, тие полесно да стигнат до целта како победници.
„Она што ме прави особено радосна и горда е фактот колку луѓето (познати и непознати) се подготвени да се вклучат во благородна мисија. Речиси секојдневно добиваме пораки и барања, како може да се вклучат во активностите на ХОУП, со што можат да помогнат, безрезервно и безусловно.
Членството засега се генерира од лица кои сакаат да се вклучат во активностите на ХОУП. Од друга страна, лицата на кои им е потребна помош, односно нивните семејства или лицата кои се грижат за нив, некако потешко се одлучуваат да ја побараат. Нема да навлегувам во причините за истото, само ќе кажам дека ги разбирам и сите причини ги сметам за легитимни. Но, воедно, апелирам да се охрабрат, да веруваат. ХОУП е надеж и помош. Тука сме за сите нив, взаемно да си помогнеме, на индивидуален план, но и на општа превенција и рехабилитација“, повикува Мирјана.
За неа, секој нов ден е само нова надеж и нова можност, па од себеси и од својот тим не очекува ништо помалку од упорност, мотив, работа и нови идеи и проекти.
„Очекувам, како и секогаш, да остварам сè во што сериозно ќе се вложам. Најголем предизвик во моментов ми е да реализираме голем проект на ХОУП чија иницијација и промоција е планирана за септември оваа година, а кој ќе има значаен импакт на остварувањето на помошта и поддршката на лицата со афазија“, вели таа.
Во разговорот Мирјана не сакаше да се навраќа на денот кога ѝ се случил мозочниот удар, а ова го објаснува токму онака, во нејзин стил: „Можам да се навратам на денот секако, но нема потреба Денес е нов ден“!
Повеќе информации за здружението на Мирјана Марковска можете да најдете на социјалните мрежи на здружението, на Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб и секако, на веб-страницата на ХОУП (https://hope.org.mk).
На сите примени пораки со прашања за помош или совет се одговара веднаш и сеопфатно, во консултација со стручниот тим со кој соработуваат.

адвокаткаафазијаздружение ХОУПМирјана Марковскамозочен удар