Одењето на прсти кај децата е вообичаено нарушување кога тие штотуку почнуваат да одат. Повеќето деца го надраснуваат одењето на прсти. Децата кои продолжуваат да одат на прсти веројатно го прават тоа од навика.
Одење на прсти се однесува на одење на врвовите од стапалата, односно кога петата не го допира подот помеѓу чекорите.
Зошто малите деца одат на прсти?
Одењето на прсти кај децата се смета за физиолошко („нормално“) на возраст до три, односно, до пет години. Како што го усовршуваат одењето, повеќе газат со целото стапало, а помалку на прстите, па повеќето од нив го губат „одењето на прсти“ до тригодишна возраст.
По таа возраст (ако нема медицински оправдана причина), одењето на прсти кај постарите деца се смета за идиопатско одење.
Нарушувањето често е резултат на церебрална парализа, мускулна дистрофија или други болести на мускулите и нервите. Децата со аутизам, исто така, може да одат на прсти ако имаат тактилна хиперсензитивност или сензорна дисфункција.
Важно е да се напомене дека не е секое одење на прсти знак/симптом, туку е, како што споменавме, типична фаза во развојот на децата.
Доколку детето не покаже заостанување во другите сегменти на развојот, најверојатно ќе го надрасне овој тип на одење и ќе се развива според својот потенцијал.
Одење на прсти кај децата – причини
Одењето на прсти е навика која се развива кога детето учи да оди. Во неколку случаи, ова нарушување може да биде предизвикано од нешто, а најчестите причини се:
Кратка Ахилова тетива – тетива која ги поврзува мускулите на долниот дел на ногата со задниот дел на коската на петата; ако е премногу краток, може да спречи петицата да ја допира земјата
Церебрална парализа – нарушување на движењето, на тонусот на мускулите или состојба предизвикана од повреда или слаб развој на незрелиот мозок, најчесто пред и околу раѓањето
Мускулна дистрофија – генетска болест во која мускулните влакна се невообичаено чувствителни на оштетување и слабеат со текот на времето (накратко – слабеење на мускулите); оваа дијагноза е поверојатна ако вашето дете одело нормално пред да почне да оди на прстите
Одење на прсти и аутизам – комбинација на нарушувања од спектарот на аутизам кои влијаат на способноста на детето за комуницирање и интеракција со другите, а во овој случај се однесува на пречувствителност на тактилниот систем, односно на тешкотии во сензорната интеграција.
Причината може да биде и ортопедска состојба, како што е конгенитално згрчено стапало (попознато како „криво стапало“) или воспаление на плочата на раст во петицата. Структурната промена на стапалото или ногата го оневозможува спуштањето на петицата на земја или го прави многу болно и непријатно за детето.
Кога да се оди на лекар?
Спомнете го одењето на прсти при следната посета на лекар. Закажете преглед порано ако нарушувањето е придружено со недостаток на координација или затегнати мускули на нозете.
Лекарот може да ја процени функцијата на мозокот и развојот на моторните функции за да го одреди најдобриот тек на лекување.
Одењето на прсти се забележува при физички преглед. Во некои случаи, лекарот може да побара анализа на одењето или дополнителен тест – електромиографија (ЕМГ).
Ако постои сомневање за состојба како церебрална парализа или аутизам, се препорачува невролошко тестирање.
Раната интервенција е од суштинско значење бидејќи физикалната терапија или операцијата може да ги подобрат моторните вештини и мускулната сила и да го спречат оштетувањето на мускулите кои влијаат на движењето на зглобовите.
Лекување на одењето на прсти
Ако вашето дете оди на прстите од навика, тогаш лекување не е неопходно бидејќи ќе го надрасне. Вашиот лекар може лесно да го следи однесувањето на вашето дете за време на редовните посети.
Ако за ова нарушување придонесува физички проблем, тогаш се можни следниве третмани:
физикална терапија – нежно истегнување на нозете и мускулите на стапалата што помага да се подобри одењето на детето
ортози – ортопедски помагала кои учествуваат во поттикнувањето на нормалното одење; ги продолжуваат тетивите на долниот дел од ногата и стапалото и го зголемуваат опсегот на движење на зглобот на глуждот; по некое време употребата на ортопедски средства повеќе нема да биде потребна
гипс – ако физикалната терапија и помагалата не помагаат, се препорачува носење тешки гипсови неколку недели за постепено да се подобри способноста за придвижување на прстите поблиску до потколеницата.
хируршка интервенција – ако горенаведените третмани не помогнат, лекарот ќе предложи операција во која мускулите или тетивите на задниот дел од потколеницата се издолжуваат.
Конзервативните решенија вклучуваат истегнување на ногата, носење цврсти чевли и одење по камчиња. Ако одењето на прстите е поврзано со церебрална парализа, аутизам или други проблеми, третманот се фокусира на основната причина за нарушувањето.
Последици од одење на прсти
Доколку одењето на прсти стане навика, телото на детето се прилагодува на новата состојба и тоа станува нормално.
Ахиловата тетива на задниот дел од потколеницата може да остане скратена, а тоа доведува до неможност правилно да се користат зглобовите. Споменатото, во случајот со Ахиловата тетива (пета), влијае на глуждот, што може да доведе до силна болка.
[…] Повеќе за ова прочитајте на порталот „Мајка и дете“. […]