Кој не сака да се смести на каучот под ќебе со топла шолја чај кога температурите почнуваат да се спуштаат кон нула? Истражувањата покажуваат дека уживањето во топлината е карактеристично за жените и дека регулирањето на термостатот е честа причина за конфликт со партнерите, на кои им е поудобно на малку пониски температури.
Во просек, домаќинствата се загреваат на температура од околу 20°C, што е за 4,5°C пониска од температурата што би ѝ одговарала на просечна жена облечена во долен дел од пижами и маица со долги ракави.
Резултатите од истражувањето на компанијата Corgi Homeplan покажале дека на жените им е поладно и на работа, главно поради системот за климатизација и температурата на која се поставени за да го освежат воздухот. Таа температура е идеална за, според истражувањето, четириесетгодишен маж тежок околу седумдесет килограми, чиј метаболизам е за 20 до 30 отсто побрз од женскиот.
Медицинско објаснување
Истражувањето е спонзорирано од компанијата Corgi Homeplan, чија дејност е одржување на котли и термостати, па иако можеби звучи „наместено“, постојат неколку други студии кои ги поддржуваат овие тврдења. Имено, една студија од 2015 година спроведена во Данска открила дека на жените им е поудобно на температура за 2,5°C повисока од онаа на која на мажите им е доволно топло, најмногу од 24 – 25°C. Мажите и жените имаат приближно иста телесна температура, која е околу 37°C, но сепак кај жените таа е секогаш малку повисока.
Можеби тоа не би можеле да го кажеме од прва, бидејќи луѓето проценуваат колку некој е топол според температурата на кожата, која е различна од вистинската телесна температура. Интересно е што кај жените во овој случај оваа температура е пониска од температурата на кожата на мажите. Во една студија за медицинското списание The Lancet, резултатите покажале дека рацете на жените, кога се изложени на студ, имаат 3°C пониска температура од оние на мажите.
Причината за тоа е женскиот хормон естроген, поради што крвта е малку погуста и затоа потешко поминува низ капиларите одговорни за снабдување со крв на екстремитетите. Жените тоа особено го чувствуваат за време на овулацијата, кога нивото на естроген во крвта е покачено. Процентот на мускулна маса овде е еден од важните фактори во производството на телесна топлина. Ако е повисоко, како кај мажите, метаболизмот исто така ќе биде побрз, крвта посилно ќе тече низ вените и капиларите и ќе произведува повеќе топлина.