Години наназад дерматолозите предупредуваат дека прекумерното изложување на сонце може да ја оштети кожата, но на социјалните мрежи сега се појавува тренд кој оди во сосема спротивна насока.
Наречен „tanmaxxing“ или „UV-maxxing“, тој ги поттикнува луѓето намерно да поминуваат повеќе време на сонце за да постигнат што потемен тен. На Тик-Ток и на Инстаграм, таканаречените „tanfluencers“ споделуваат совети за долго сончање, користење солариуми и масла за забрзано потемнување, а некои дури советуваат сончање во периоди кога УВ индексот е највисок и избегнување крема со заштитен фактор.
На интернет веќе се појавуваат и распоред за сончање, апликации за следење на УВ индексот и фотографии „пред и потоа“, а некои корисници намерно се изложуваат до степен да добијат изгореници, верувајќи дека така подоцна ќе добијат поинтензивен тен. Токму овој пристап ги загрижува лекарите. Дерматологот д-р Сјуфи Чен предупредува:
– Дури и кога кожата ќе добие само малку боја, всушност веќе доаѓа до оштетување на ДНК во кожата. Со секое ново изложување на сонце само дополнително ја оштетувате ДНК-та на вашата кожа.
И тука е суштината на проблемот со сончањето: промената на бојата на кожата не е знак дека кожата е здрава, туку реакција на изложеноста на УВ-зрачење. Кога кожата ќе почувствува дека е изложена на штетни УВ-зраци, меланоцитите почнуваат да создаваат повеќе меланин, пигментот кој ја прави кожата потемна. Меланинот има одредена заштитна улога, но таа не е доволна за да го спречи оштетувањето на ДНК. Затоа потемниот тен не значи дека кожата станала отпорна на сонцето.
Последиците не мора да се видат веднаш. Повтореното изложување на УВ-зрачење може со текот на годините да предизвика пигментни дамки, брчки и губење на еластичноста, односно забрзано стареење на кожата. Уште посериозен е ризикот од рак на кожата. Долготрајната изложеност се поврзува со базоцелуларен и планоцелуларен карцином, додека интензивното изложување, особено она што доведува до изгореници, го зголемува ризикот од меланом – најопасниот облик на рак на кожата.
Не се засегнати само кожата и нејзиниот изглед. УВ-зрачењето може да ги оштети и очите, а долготрајната изложеност се поврзува со појава на катаракта и други промени кои можат да влијаат врз видот. Посебно внимание лекарите посветуваат и на солариумите, бидејќи тие не се побезбедна алтернатива на природното сонце – и тие користат УВ-зрачење кое може да го зголеми ризикот од рак на кожата.
Затоа дерматолозите советуваат да не се трча по што потемен тен, туку да се намали изложеноста на УВ-зрачење. Американската академија за дерматологија препорачува крема со широк спектар и најмалку SPF 30, која треба повторно да се нанесува приближно на секои два часа додека сме надвор, како и престој во сенка и заштитна облека. Ако целта е само потемен тен, самопотемнувачите се побезбедна опција бидејќи не бараат намерно изложување на УВ-зраци.