Спиете со вклучена клима? Што треба да знаете ако уредот работи цела ноќ?

Тропски ноќи и врели денови – време кога температурите преку ноќта не паѓаат под 20 степени, а бетонот на улиците не успева да се олади. Спасот за спиење во прегреаните домови многумина го бараат во клима-уредите. Доколку и вашата клима работи цела ноќ, ова се важните правила што треба да ги знаете за да го заштитите здравјето на семејството.

Бебињата и клима-уредите

Жештината може да биде многу непријатна, но и опасна за бебињата бидејќи тие потешко ја регулираат телесната температура од возрасните. Експертите истакнуваат дека правилно разладениот и проветрен простор му помага на бебето да спие поудобно и го намалува ризикот од СИДС (синдром на ненадејна смрт кај доенчиња). Сепак, потребна е голема претпазливост:

Никогаш не оставајте го бебето на место каде што директно дува ладниот воздух од климата.
Внимавајте на бебето да не му стане премногу ладно бидејќи претерано разладениот простор може сериозно да ја намали неговата телесна температура.
Бидете особено внимателни кога го изнесувате детето од разладена просторија директно надвор на топлина. Разликата помеѓу надворешната и внатрешната температура не треба да биде поголема од 8 степени.
Мерки што треба да ги преземете ако климата работи цела ноќ

Користете тајмер: Програмирајте ја климата автоматски да се исклучи по неколку часа. Собата ќе остане пријатно разладена, а вашето тело природно ќе се приспособи во текот на спиењето без никакви проблеми.

Поставете ја точната температура: Наместете ја климата на умерена температура. Имајте предвид дека надворешната температура природно паѓа во текот на ноќта, а најстудениот дел е по 2 часот по полноќ.

Одржувајте константна температура: Не спуштајте ја температурата премногу ниско пред спиење со цел побрзо да заспиете. Најдобро е климата да работи на една иста, постојана температура во текот на целата ноќ.

Редовно чистете ги филтрите: Клима-уредите го прочистуваат воздухот, но доколку филтрите се валкани, тие го прават токму спротивното и шират бактерии. Редовното одржување е клучно.

Насочете го протокот на воздух нагоре: Ладниот воздух никогаш не смее да дува директно во вас додека спиете бидејќи тоа предизвикува настинки и болки во мускулите наутро. Најдобро е да не спиете во истата просторија каде што се наоѓа клима-уредот.

спиење со клима