На 83 години ѝ велат дека изгледа како да има 28

Додека разгледува низ својот огромен гардеробер, 83-годишната Мики Вилијамс го избира она што го нарекува „најекстравагантно“ мини здолниште за тој ден.

Додека многу нејзини врснички одамна ги соблекле своите тесни и кратки фустани, оваа пензионерка инсистира дека никогаш не верувала во мода „соодветна за возраста“. Таа обрнува толку многу внимание на својата забавна гардероба што троши околу 11.000 фунти (околу 12.750 евра) годишно за нови парчиња и тврди дека луѓето треба да го носат она што ги прави среќни.

„Јас сум малку бунтовничка“

Мики, која живее во Нејплс, Флорида, обожава да носи уникатни парчиња од бутици и вели дека нејзиниот смел, „екстравагантен“ стил бил за неа начин да се изрази себеси во текот на целиот свој живот. Таа проценува дека има околу 200 пара чевли и повеќе од 100 блузи во својата колекција.

– Не се согласувам со облекувањето во согласност со годините и никогаш не сум се согласувала. Тој термин постои долго време, но отсекогаш целосно го игнорирав. Претпоставувам дека сум малку бунтовничка, индивидуалист. Луѓето ме запираат секој ден и велат: „Ми се допаѓа твојата облека, но никогаш не би можела да ја носам“. Јас секогаш велам: „Секако дека би можела. Разликата е што едноставно не си даваш дозвола“ – вели таа.

Нејзиниот младешки изглед ги импресионира и нејзините 50.000 онлајн следбеници, а еден обожавател коментира: „82??? Мора да мислиш на 28, драга“, додека друг додава: „Ако не бидам ваква на 82 години, тогаш не сакам да живеам до таа возраст“.

Самодовербата изградена во детството

Мики вели дека нејзината самодоверба била обликувана рано од нејзината мајка, Бет Росон, која ја одгледала сама и ја поттикнала да ја прифати својата различност.

– Ме одгледа самохрана мајка и таа навистина ја поддржуваше мојата несклоност за прилагодување. Додека другите деца пушеа или се обидуваа да се вклопат, јас читав модни списанија и откривав што ми се допаѓа – се сеќава таа.

– Таа ми веруваше кога реков дека сакам да бидам различна, што ми даде неверојатна самодоверба. Секогаш бев надвор од кутијата и таму останав целиот мој живот.

Нејзината љубов кон модата започнала како дете во Њујорк, каде што шопинг патувањата со нејзината мајка биле клучни моменти.

– Имаше еден мал бутик каде што мајка ми ме носеше и ми купуваше најсовршен фустан со иста машна за коса. Бевме вистински тим, сакавме да одиме на шопинг заедно. Мислам дека го добив тој ген за шопинг од неа – вели таа.

Цела соба претворена во плакар
Денес, домот на Мика ја одразува таа доживотна страст – цела соба е претворена во плакар.

– Мојот плакар е целосно организиран по боја. Има цел дел за жолта, цел дел за зелена и сè помеѓу. А чевли? Имам ротирачка полица со околу 200 пара. Модата е моја страст. Тоа отсекогаш ми било мое мото – открива таа.

Нејзиниот процес на составување облека е исто толку смел како и нејзиниот гардеробер.

– Секогаш почнувам со чевли или накит. Ако почнете со облека, сте ограничени на она што оди со неа. Но, ако почнете со нешто како розова и зелена огрлица, одеднаш создавате комбинација што никогаш не би ја составиле поинаку. Тука се случува магијата – објаснува таа.

И покрај нејзината самодоверба, таа признава дека некои од нејзините минати облеки дури и ја изненадиле.

– Понекогаш гледам некои од моите облеки и си мислам: „О, Боже, ова е навистина лудо“. Но, тоа е дел од мојата приказна – отсекогаш сум преземала ризици. Никогаш не сум ги следела трендовите, ниту пак морам. Не морам да купувам цела нова гардероба секоја сезона.

Тајната за помлад изглед

Покрај модата, Мики ја припишува својата енергија и младешки изглед на дисциплиниран начин на живот.

– Луѓето постојано ме прашуваат која е мојата тајна, а јас секогаш им давам исти четири одговори: вежбање, опсесивна нега на кожата, додатоци во исхраната и позитивен став. Отсекогаш сум вежбала – бев професионална танчерка, па тоа ми е во крвта. Секој ден сум во теретана, вежбам пилатес, пливам, кревам тегови и сакам да танцувам. Исто така сум опседната со нега на кожата и шминка, читам и учам за тоа, и имам утринска и вечерна рутина. Редовно земам додатоци во исхраната, а енергијата е огромен дел од тоа – вели таа.

Неочекувана кариера на Тик-Ток
Мики имаше богат живот, основа десет компании и станала меѓународно призната говорничка, и вели дека не го очекувала ова најново поглавје.

– Мислев дека ќе забавам, ќе се фокусирам на мојата работа како коуч и само ќе уживам во животот. Но, еве ме, во мојата единаесетта кариера.

Овој неочекуван пресврт на настаните се случил откако била охрабрена да го сподели својот живот на интернет.

– Една пријателка ми предложи да пробам на Тик-Ток, а јас реков: „Па, тоа е за 20-годишници“.

Таа рече: „Не, ним баш ти им требаш“. Па ја замолив мојата 17-годишна сосетка за помош.

Реков: „Немам поим што правам, треба да ме научиш“, вели Мики.

– Направив видео каде што реков: „Здраво, јас сум Мики, имам 82 години и сум сосема природна“, и одеднаш стана вирално. До следниот ден имаше над милион прегледи. Сè започна толку брзо.

Денес, таа ги споделува своите облеки, рутини за вежбање и секојдневен живот и се гледа себеси како инспирација.

– Не разбирам зошто, бидејќи јас сум само јас. Но, ако имам порака за луѓето, тоа е оваа: престанете да чекате дозвола. Преземајте ризици, бидете малку екстравагантни и едноставно направете го тоа.