Психолозите откриваат што родителите не треба никогаш да направат кога детето има тантруми

Тантрумите или изливите на бес се сосема нормална појава кај малите деца кои сè уште не знаат како правилно да ги контролираат своите емоции и чувства. Меѓутоа, кога ќе се појават, на детето му е исклучително тешко да остане смирено, а родителите се тие кои можат да му помогнат што побрзо да го преброди бесот, објаснуваат психолозите. Како што велат, родителите буквално можат да го спречат тантрумот и да му покажат на детето како правилно да се справи со стресната ситуација.

Исто така, постојат работи што родителите треба да ги избегнуваат по секоја цена кога нивното дете има излив на бес. Првата работа е поставувањето прашања. Иако родителите често се обидуваат да го разберат бесот и да го решат постоечкиот проблем, психолозите советуваат дека поставувањето прашања е една од најголемите грешки кога детето се чувствува лошо и не може да се смири.
Тогаш не може реално да го согледа проблемот, а според експертите, секое испрашување само дополнително ќе го збуни или налути. Во тој момент, мозокот на детето е фокусиран исклучиво на преживување, а рационалното размислување во таква состојба едноставно не е возможно. Прашањата речиси секогаш дополнително го зголемуваат постоечкиот проблем, што е спротивно од она кон што треба да тежнее родителот.

Покрај поставувањето прашања, огромното мнозинство родители се обидуваат да го смират своето дете кога имаат бес со употреба на фразата „смири се“. Како што објаснуваат психолозите, оваа реченица не ги смирува ниту возрасните кога се вознемирени, а не дава позитивни резултати ниту кога е во прашање смирувањето на детето. Сосема спротивно, во повеќето случаи тоа доведува до уште посилен излив на бес.