40 недели од бременоста – што прави бебето додека вие се менувате?

Доаѓањето на бебето и величественото патување на новиот живот кое трае 9 месеци, од недела во недела… Од позитивен тест за бременост до првиот плач…

1.242


Доаѓањето на бебето и величественото патување на новиот живот кое трае 9 месеци, од недела во недела… Од позитивен тест за бременост до првиот плач…

1 недела: Гинекологот почнува да ги брои неделите од бременоста од првиот ден од последната менструација, а не, како што обично се мисли, од датумот на зачнувањето.

Ако циклусот ви е 28 дена, тоа ќе значи дека ќе забремените дури во третата недела. Во оваа смисла, првата недела од бременоста е всушност неделата во која имате менструација.

2 недела: Под поимот овулација подразбираме пукање на фоликулот на јајниците (фоликул е празнина во јајниците исполнета со течност во која се наоѓа јајце клетката) и тоа се случува некаде на крајот на втората недела од почетокот на менструацијата.

Ова е време на најголема плодност. Од фоликулот на јајниците, настанува т.н жолто тело кое го произведува хормонот прогестерон, кој ќе биде одговорен за промените во вашето тело во втората фаза од менструалниот циклус, но и во раната бременост.

Хормонот бета-hCG влијае на продолжувањето на животот на жолтото тело и одржувањето на бременоста до целосниот развој на плацентата (ако не дојде до оплодување, функцијата на жолтото тело се гаси, поради што настанува „изумирање“ на слузницата на матката и настапува следната менструација).

3 недела: Крајот на втората и почетокот на третата недела е време кога спермата на вашиот партнер и вашата јајце клетка ќе се сретнат во еден од вашите јајцеводи.

Кога сперматозоидот на партнерот ќе влезе во јајце клетката, неговото тело и опашката се раствораат, а јадрото кое го содржи генетскиот материјал ќе почне да се „спојува“ со материјалот на јајце клетката.

Во овој период, ниту еден сперматозоид повеќе нема да може да влезе во јајце клетката. Оплодената јајце клетка се нарекува зигот и првите неколку часа по спојувањето ќе биде во мирување, по што ќе започне нејзината неверојатна поделба.
Јајце клетката ќе пристигне во матката пет до седум дена по оплодувањето, ќе има приближно 30 клетки.
Полот на вашето дете се одредува со 2 од 46 хромозоми – тоа се половите хромозоми или гонозоми.

И спермата и јајце клетката носат по еден гонозом. Јајце клетката има Х хромозом, а сперматозоидот може да има или Х или Y хромозом.

Во оваа смисла, полот на вашето дете зависи од спермата што ја оплодила јајце клетката.

4 недела: Една недела по оплодувањето, вашето бебе е вградено во слузницата на матката и можеме да кажеме дека од овој момент бременоста официјално започнува.

Надворешната обвивка на зиготот испушта своевидни никулци, односно ресички, во ендометриумот, преку кои ќе се овозможи размена на хранливи, но и отпадни компоненти помеѓу крвта на мајката и нејзиното бебе.

Овој спој постепено ќе резултира со формирање на постелка или плацента, орган кој ќе го храни и штити вашето бебе во наредните месеци.

5 недела: Во текот на оваа недела се појавуваат несигурни знаци на бременост.

Пред се, тоа може да се чувствителни гради но и отсуство на менструација.

Сепак, не е секој пропуштен циклус бременост.

Може да почувствувате благи грчеви во стомакот, слични на менструалните болки, кои се јавуваат како резултат на зголемувањето на матката.

Чувствителноста на сетилото за мирис ќе биде прилично зголемена, што ќе ви прави непријатност во одредени ситуации.

За овој период е карактеристично и зголеменото лачење на плунка. Сега, можете да направите тест за да ја потврдите вашата бременост.
Вашето бебе – На крајот на четвртата и на почетокот на петтата недела, бластоцистата се претвора во ембрион во кој почнуваме да разликуваме три ливчиња, од кои ќе произлезат три различни типови на ткиво.

Дигестивниот систем, црниот дроб, панкреасот и белите дробови ќе се формираат од ендодермот (внатрешниот лист), а нервниот систем, кожата, косата и очните леќи од ектодермот.

Централниот лист или мезодермот е основата од која ќе се формираат коскеното ткиво, мускулите, бубрезите, срцето и крвните садови.

Клетките на секое ткиво ќе се движат поединечно додека не стигнат на своето место.

Во центарот на ембрионот почнува да се формира испакнатост, од која ќе се формираат срцето и крвните садови.

6 недела: Ова е време кога бременоста може да се види со ултразвучен преглед.

Ембрионот е 10-15 мм, а внатре во него се гледа чукањето на срцето на бебето.

Во оваа недела, различни делови од ембрионот стануваат видливи.

Од својот првобитен облик на штит ќе добие облик на буквата С.

7 недела: Седмата недела од бременоста се карактеризира со гадење, а често и повраќање.

Без оглед на тоа што го нарекуваме утринска мачнина, таа може да се појави во секое време од денот.

Чест придружник е зголемената чувствителност на мириси, а кај некои жени чувството на замор, а и градите може да бидат чувствителни.

Причината за овие промени е зголеменото ниво на хормонот прогестерон кој го создава жолтото тело на јајниците.
Вашето бебе – Вашето бебе е внатре во ембрионската кеса и е опкружено со две заштитни мембрани – амнион и хорион. Во оваа недела ќе почнат да се формираат очи и четири пупки од кои ќе се создадат рацете и нозете.

8 недела: За време на гинеколошкиот преглед во осмата недела од бременоста јасно ќе се почувствува зголемувањето и мекоста на матката, но ништо од тоа нема да се забележи на вашиот изглед! Разговарајте со вашиот лекар за опциите за пренатална дијагноза.

Во овој период се врши CVS или биопсија на хорионските ресички со што со голема веројатност може да се исклучат разни наследни болести, како и да се дознае полот на вашето бебе.
Вашето бебе – Во периодот на интензивна органогенеза, се развиваат и ембрионски бели дробови, а папочната врвца и плацентата вршат заеднички функции.

Папочната врвца почнува да го снабдува бебето со потребните хранливи материи за живот и раст.

9 недела: Во деветтата недела од аменореа (отсуство на менструација) се уште нема очигледни знаци на бременост во вашиот изглед или промените се толку мали што само вие ги забележувате. Во тоа време, нивото на hCG хормонот во крвта достигнува високи вредности, поради што тегобите во форма на гадење можат да бидат многу изразени.
Вашето бебе – Главата на бебето е, во оваа фаза, многу поголема од неговото тело.

Можете да ги видите пупките на нозете и рацете со местата каде што ќе бидат прстите.

Со понатамошниот развој на мускулното ткиво, бебето почнува да се движи, но овие движења може да се регистрираат само при ултразвучен преглед.

10 недела: Во десеттата недела, нивото на бета-hCG е причина за појава на типичните тегоби за раната бременост, како гадење, повраќање итн.

Овој хормон е многу важен за бременоста затоа што: ја поддржува функцијата на жолтото тело во производството и лачењето на прогестерон, кој ја одржува бременоста, потоа има влијание на штитната жлезда, која во бременоста ја зголемува својата функција за 25%.

Исто така, заедно со другите хормони, овој хормон го спречува отфрлањето на фетусот како туѓо тело.
Вашето бебе – Во овој период започнува формирањето на половите органи, а продолжува формирањето на рацете и стапалата. Срцето е целосно развиено!

11 недела: Во единаесеттата недела може да почувствувате дека се потите повеќе од вообичаено. Овој феномен е поврзан со зголемување на базалниот метаболизам, но и на волуменот на крв што циркулира во вашето тело.

Важно е да се запамети дека волуменот на крвта ќе се зголемува во текот на бременоста и дека е многу важно да се контролира крвната слика за да се избегне анемија.
Вашето бебе – Главата на бебето го надминува телото по големина, а причината за тоа е почетокот на развојот на мозокот. Развојот на органите на абдоминалната празнина напредува.

12 недела: Иако матката веќе доста се растегнала и почнала полека да ја напушта малата карлица и да се шири кон абдоминалната празнина, трудничкото стомаче не мора да биде видливо.

Ова време е резервирано за проценка на индивидуалниот ризик на идната мајка за хромозомски заболувања како Даунов, Едвардс и Патау синдром – Double test.

Најдобро е да се консултирате со вашиот гинеколог за ова.
Вашето бебе – Ембриогенезата е завршена, вашето бебе сега се нарекува фетус и е целосно развиено.

Покрај органите, развиени се и прстите на рацете и нозете, а палецот почнува да се разликува од другите прсти.

Бебето плива во утробата, неговите движења се спонтани, но тие не се доброволни и се уште не можете да ги почувствувате овие движења.

Тоа е нормално, бидејќи движењата треба да бидат доволно силни, а бебето доволно големо за мајката да ги почувствува.

13 недела: Тринаесеттата недела од аменореата се карактеризира со намалување на нивото на бета hCG хормонот во крвта, а со тоа полека исчезнуваат симптомите на раната бременост: гадење, раздразливост и повраќање.

Бидејќи периодот на ембриогенеза е завршен, протокот на хормони специфични за бременоста се стабилизира и со тоа ризикот од спонтан абортус паѓа на 10%, кој ќе остане константен до 28-та недела.
Вашето бебе – Во тринаесеттата недела, телото на бебето почнува да биде пропорционално на главата. Продолжува обликувањето на лицето, особено на носот и образите.

Се формираат отпечатоци од прсти.

Вените и органите се јасно видливи низ сè уште проѕирната кожа.

Бебето може да ги движи рацете и прстите, може да се насмее, да се намурти и да го цица палецот.

14 недела: Повеќето тегоби во овој период речиси целосно исчезнале и многу жени овој период го опишуваат како најубав период од бременоста.
Вашето бебе – Во четиринаесеттата недела бебето е многу поеластично, лесно ги движи главата, устата, рацете, зглобовите, нозете, стапалата, дури и прстите на нив.

Вратот е подолг и посилен, а сега брадата на бебето повеќе не мора да лежи директно на градите.

15 недела: Петнаесеттата недела го означува крајот на првиот триместар. Сега веќе јасно се гледа трудничкиот стомак, а облеката полека станува тесна.
Вашето бебе – Во оваа недела телото на бебето почнува да биде пропорционално на главата. Продолжува обликувањето на лицето, особено на носот и образите.

Иако неговите очни капаци сè уште се цврсто затворени, бебето може да ја забележи светлината.
Во оваа недела може да се препознае полот на бебето.

16 недела: Шеснаесеттата недела го означува почетокот на вториот триместар од бременоста. Понатамошниот раст на матката продолжува и сега се издига над срамната коска.

Во тоа време, млечните жлезди започнуваат со производство, што доведува до оток и осетливост на градите.

Од 16-18 недела, лекарот може да советува да се изврши амниоцентеза.
Вашето бебе – Бебето плива во плодовата вода, која ги ублажува сите движења на мајката. Амнионската течност ги исполнува и дишните патишта на бебето пред раѓањето.

Плацентата станува се поважна и за исхрана и како заштита од одредени инфекции.

Надворешните полови органи сè уште се развиваат, но сега е полесно да се види полот на бебето.

17 недела: Плацентата на вашето бебе сега е целосно зрел орган.

Растот на матката продолжува, чие дно се наоѓа некаде околу средината помеѓу срамната коска и папокот.

Во овој период можна е појава на стрии поради наглото проширување на кожата.

Исто така, можна е појава на болки во грбот.

Оваа болка е предизвикана од омекнување на сврзното ткиво и ‘рскавицата помеѓу пршлените и карлицата. Овој процес всушност го овозможува породувањето.

Вашето бебе – Во седумнаесеттата недела се развиваат ушите, бебето станува почувствително на звук и го слуша мајчиното срце. Неговите очи се уште се затворени, но веѓите и трепките се погусти, а градите му се креваат и спуштаат, и на тој начин вежба да дише.

18 недела: Во оваа недела можно е да ги почувствувате првите движења на вашето бебе!

Ова „правило“ главно се однесува на мајките кои веќе биле бремени.

Оние кои се за прв пат трудници треба да знаат дека ќе имаат време за ова неверојатно чувство во следните две недели, особено ако се појавил некој килограм вишок!
Вашето бебе – Во осумнаесеттата недела, бебето почнува да добива поткожно сало.

Фетусот и плацентата се приближно иста големина.

Бебето цица, голта и трепка. Трепките и веѓите се мали.

Завршува осификацијата на малите коски на внатрешното уво, како и развојот на делот од мозокот кој прима и обработува звучни сигнали. Зборувајте со вашето бебе!

19 недела: Деветнаесеттата недела од аменореата се двива такашто матката продолжува да се шири, што доведува до промени и во вашиот изглед. Внимавајте на исхраната, која треба да биде разновидна и квалитетна.
Вашето бебе – Развојот на сетилата на вашето бебе е во полн замав.

Во мозокот сега се развиваат центри за мирис, вкус, слух, вид и допир.

Млечните заби се развиени, а сега зад нив почнуваат да се формираат трајните.

20 недела: Во 20-тата недела, дури и мајките кои за прв пат се бремени треба да ги почувствуваат движењата на своето бебе.

Сега веќе нема дилема, а вашиот изглед покажува дека сте бремени.

Речиси и да немате половина, а со растот на матката може да се појават одредени тегоби.

Тие се појавуваат затоа што матката ги притиска околните органи, желудникот, бубрезите и белите дробови, па може да имате често мокрење, лошо варење или недостаток на воздух за време на напор.
Вашето бебе – Во 20-та недела, вашето бебе поминува приближно исто време во сон и будно.

Во овој период започнува исклучително брзиот развој на мозокот кој ќе трае до петтата година од животот на детето. Косата почнува да се појавува на главата.

21 недела:
Во вториот триместар од бременоста значително ќе добиете во килажа.

Во овој период, калориските потреби на идната мајка се зголемуваат поради зголемената функција на тироидната жлезда и зголемувањето на базалниот метаболизам.

Треба да внимавате што јадете, да избегнувате мрсна и нездрава храна, како и храна без или со многу малку корисни состојки.
Вашето бебе – Слухот е подобро развиен, па бебето лесно може да слуша звуци од надворешната средина.

Сега се формираат на јазикот на бебето деловите кои се задолжени за вкус.

Очните капаци се сè уште лесно залепени и затворени. Веѓите и трепките продолжуваат да растат.

22 недела: Дваесет и втората недела го претставува периодот на бременост кога анемијата е поизразена.

Иако ова е природна појава за време на бременоста (бидејќи волуменот на плазмата се зголемува за 30%, а волуменот на крвните зрнца за 25%), сега е вистинското време да се консултирате со вашиот лекар за внесот на железо во организмот.

Ако одите на преглед оваа недела и ако бебето е добро поставено, јасно се гледа полот, но и добро се проценува анатомијата на бебето. Ова е идеално време да се закаже фетална ехокардиографија.

Вашето бебе – Бебето сега може да го допре и почувствува своето лице.

Очите се формирани, но бојата на зениците сè уште не е дефинирана.

Коските на бебето сега се цврсти. Окоскени се коските на увото, чеканот, узенгијата и наковалната, па сега бебето може подобро да слуша.

23 недела: Оваа недела може да почувствувате Брекстон-Хиксови контракции.

Тие се всушност подготовка на самата матка за породување.

Овие се неправилни и безболни т.н тренинг контракции.

Главна карактеристика на овие контракции е тоа што не го зафаќаат грлото на матката, па не се скратува, ниту се отвора, па затоа не го турка детето.

Овие контракции може да се снимаат со уредот CTG, кој првенствено се користи за снимање на отчукувањата на срцето на вашето бебе, како и моторната активност на матката.
Вашето бебе – Чувството за движење сега е развиено. Ако фетусот е женски, јајниците веќе произведуваат јајца, а ако фетусот е машки, скротумите се добро развиени.

24 недела: Во дваесет и четвртата недела продолжува понатамошниот раст на матката, а нејзиниот врв сега допира до вашиот папок.
Вашето бебе – Движењата на бебето се чувствуваат многу добро и идната мајка јасно препознава кога бебето е будно и кога спие.
Устата и усните стануваат почувствителни, очите реагираат на силен извор на светлина ако е насочен кон стомакот, ноздрите почнуваат да се отвораат.

Рефлексите се подобруваат. Мозокот се развива брзо.

Телото на бебето произведува бели крвни зрнца кои помагаат во борбата против инфекциите.

25 недела: Оваа недела би можеле да посветите повеќе внимание на исхраната.

Бидејќи матката расте, а сега веќе е подигната над папокот, има поголем притисок врз стомакот.

Во оваа смисла, тешко е да се испразни желудникот, а може да се појави и чувство на киселини. Држете се до правилото за неколку мали оброци за да ја намалите непријатноста што може да се појави.
Вашето бебе – сега се формира склоноста за користење на десната или левата рака.

Може да почувствувате икање на бебето.
Икањето е всушност реакција на фактот дека, вежбајќи дишење, бебето вдишува и издишува плодова вода и понекогаш голта повеќе отколку што треба.

Почнува да добива на тежина.

26 недела: Како што напредува вашата бременост, а сега се приближувате до крајот на вториот триместар, притисокот на матката врз другите органи ќе се зголемува, може да се појават болки во грбот и долниот дел на грбот. Одмарајте!
Вашето бебе – Бебето почнува да ги отвора очите, очните капаци се подигнуваат, мрежницата се формира, ситните трепки и веѓите продолжуваат да растат.

Функциите на цицање и голтање се подобрени.

27 недела: Вториот триместар од бременоста завршува на дваесет и седмата недела.

Бебето родено во овој период тежи околу 1000 грама, треба да биде во инкубатор, но е способно да преживее во случај на предвремено раѓање.
Вашето бебе – Омилена активност на бебето во овој период е цицањето на палецот, а на овој начин ги вежба мускулите на образот и вилицата.

Спие и се буди во редовни интервали, ги отвора и затвора очите.

28 недела: Третиот триместар од бременоста започнува оваа недела.

Досега, стандардно, треба повторно да ја проверите вашата крвна слика.

Ако сте Rh негативни, треба да направите уште еден тест за антиеритроцитни антитела оваа недела. Овој тест ќе покаже дали во вашата крв се развиле антитела кои би можеле да го загрозат вашето бебе.
Вашето бебе – Мозокот сега ги контролира ритмичките движења на дишење и температурата на телото.

Централниот нервен систем е доволно развиен за да може да ја регулира телесната температура. Телото е сè позаоблено, а кожата се помалку збрчкана.

Бебето може да го препознае гласот на мајката.

29 недела: Во дваесет и деветтата недела, вашиот стомак сè уште расте.

Сега градите малку ви се проширија, па можете полесно да дишете.
Вашето бебе – Во дваесет и деветтата недела бебето зафаќа најголем дел од просторот во матката, а движењата се интензивни и чести.

Масното ткиво продолжува да се акумулира под кожата, во оваа фаза ги пополнува масните перничиња на образите.

30 недела: Во триесеттата недела, вашиот стомак сè уште расте…

Веќе се навикнавте на вашиот нов изглед и она што треба да правите е да зборувате со вашето бебе и да уживате!

Различната исхрана и контролата на крвната слика сè уште треба да ви бидат на ум!
Вашето бебе – Бебето во стомакот зазема положба со прекрстени раце и нозе, а големината на главата се зголемува.

31 недела: Во овој период може да почувствувате некои контракции кои ќе бидат посилни во наредниот период.

Ако контракциите се чести, јавете се кај вашиот лекар и разговарајте за се што ве интересира.
Вашето бебе – Ја врти главата од една страна на друга, многу е активно.

Очните капаци често се отворени кога бебето е будно и затворени за време на спиењето. Единствениот орган што сè уште треба целосно да се развие се белите дробови.

32 недела: Бебето зафаќа се повеќе простор, па може да се случи да ви отежне дишењето.

Може да забележите и дека рацете и нозете ви се отечени. Ако вашето лице и горниот дел од телото отекуваат, веднаш контактирајте го вашиот лекар.
Вашето бебе – Пигментацијата на очите на бебето не е целосно развиена, па бојата на очите е претежно сина.

Конечното формирање на пигментацијата на очите бара изложување на светлина и се случува неколку недели по раѓањето.

Кожата е розова, мазна и мека. Под кожата почнува да се формира „бело“ масно ткиво, што ја прави кожата на бебето посветла.

33 недела: Од почетокот на третиот триместар редовно проверувајте го крвниот притисок и одмарајте се повеќе.
Вашето бебе – Мозокот на вашето бебе продолжува да расте брзо.

Намалениот простор во матката го оневозможува бебето да се движи слободно како порано, па движењата ќе се чувствуваат помалку интензивни, но со иста фреквенција.

Белите дробови на бебето се уште се прилично незрели, но бебето се повеќе и повеќе вежба да дише.

34 недела: Како што напредуваат последните недели од третиот триместар, може да се случи да се чувствувате се повеќе и повеќе уморни, бидејќи ви е тешко да најдете удобна положба за спиење. Бидејќи веќе не можете да спиете навечер како порано, обидете се да дремнете во текот на денот, барем на кратко.

Обидете се да се одмарате што е можно повеќе.
Вашето бебе – Во овој период се развива имунитетот и централниот нервен систем, а бебето има свој ритам на будност и спиење, се движи, слуша, сонува, чувствува, учи…

Ако се близнаци, веројатно е дека ќе остануваат во положбата во која моментално наоѓаат се додека не излезат надвор, бидејќи веќе немаат простор многу да се движат.

35 недела: Во овој период може да се појават грчеви во нозете.

Најбрзиот начин да се ослободите од нив е да ја свиткате ногата кон и подалеку од коленото. Добрата масажа на грбот и нозете е она во што навистина ќе уживате во овој период.

Од оваа недела до породувањето треба секоја недела да правите ЦТГ записи.
Вашето бебе – Во триесет и петтата недела, количината на плодова вода полека се намалува, а бебето брзо добива тежина.

Поткожното масно ткиво постепено се акумулира.

Тежината на бебето е од 2150 до 2300 г, а должината е околу 44 цм.

Бубрезите сега се целосно развиени, а црниот дроб може да преработи некои отпадни материи.

36 недела: Сега веќе можете да очекувате во секој момент бебето да се „спушти“, што значи дека неговата глава ќе се намести во карличниот дел како подготовка за раѓање.

Ова може да се случи неколку недели пред породувањето или дури откако тоа ќе започне.
Кога бебето ќе се спушти, полесно ќе дишете и ќе чувствувате помалку киселини, бидејќи притисокот под белите дробови и на стомакот е намален.
Вашето бебе – Лицето на бебето сега е мазно и полно, образите се полни.

Задебелените образи се делумна последица на развојот на мускулите на вилицата, што е предизвикано од цицање на палецот.

37 недела: Во 37-та недела, лекарот ќе ве прегледа за да утврди дали грлото на матката е отворено. Исто така, прегледот ќе ја потврди точната положба на бебето.
Вашето бебе – Во овој период, бебето практикува дишни движења, подготвувајќи се за живот надвор од матката.

Неговите бели дробови сега се речиси подготвени за живот надвор од матката.

38 недела:
Движењата на бебето понекогаш се почести, а понекогаш поретки.

Бебето може и да спие, па ако кратко време (неколку часа) не ги чувствувате неговите движења, не грижете се.
Доколку не чувствувате движења поголемиот дел од денот, обратете се кај вашиот гинеколог.
Вашето бебе – Во триесет и осмата недела, бебето е подготвено за породување и ако се роди оваа недела или подоцна, се смета дека е родено „во термин“.

39-та и 40-та недела: Не заборавајте го CTG записот!

Остана уште малку и породувањето може да започне во секој момент!

Ако ви е тешко да се чувствувате удобно во кревет, користете дополнителни перници за поддршка на стомакот.

Перницата помеѓу колената ќе ви помогне да ги опуштите колковите и грбот.
Вашето бебе – Во четириесеттата недела, бебето е подготвено да излезе во надворешниот свет и во повеќето случаи тоа го прави со главата напред.

Кожата на бебето е розова. Тежината и должината се во просек околу 3500 г и 50 цм, но тоа варира од бебе до бебе и зависи од многу фактори.

Момчињата се обично потешки и повисоки од девојчињата при раѓање.

Многу бебиња се раѓаат со коса, долга од 1 до 3 цм. Секое бебе е уникатно и неповторливо.

Текстот е од ТУКА.

Повеќе