Многу родители гo смируваат детето со мобилен, еве зошто е тоа опасно

Експертка за родителство советува што да се прави кога детето има напад на бес и објаснува зошто смирувањето на детето со мобилен телефон е штетна практика…

50

Децата се многу посложени суштества отколку што понекогаш мислиме. Кога вашето дете ве излудува со своето однесување, честопати се чувствувате беспомошни и не знаете што да направите. Особено ако имате лош ден, ќе се најдете во особено чувствителна ситуација која бара челични нерви. Сепак, според експертите, сето ова е сосема нормално и всушност би било чудно ако децата се вистински ангели цело време, објавува TheSun.

Меѓутоа, постојат неколку причини зошто децата често имаат напади на бес.

Д-р Розина МекАлпин од Австралија е експертка за грижа за деца и знае по нешто за тоа зошто децата се однесуваат лошо.

„Кога првпат станав мајка во 2007 година, постојано добивав спротивставени совети како „храни го бебето по потреба“ наспроти „храни го бебето на секои 4 часа за да воспоставиш рутина“.

Или, „остави го бебето да се смири и да заспие само“ наспроти „утеши го бебето и помогни му да се смири и да заспие“.

Сите овие совети ме оставија збунета и со ниска самодоверба во моите родителски одлуки.“

Како универзитетски едукатор и истражувач, Розина одлучила подлабоко да навлезе во светот на развојот на децата и родителството за да си помогне себеси и на другите да ги донесат најдобрите одлуки. Денес, таа ги споделува своите стекнати знаења и искуства со родители ширум светот.

Проблеми со нереалните очекувања
Кога станува збор за справување со стресни моменти како што е хранењето, родителите можат да бидат малку изгубени.

„Малите деца имаат многу краток распон на внимание“, вели таа. „Со текот на времето, со трпение, упорност и вежбање, малите ќе уживаат во јадењето со своите родители и ќе остануваат подолго на масата, развивајќи ги своите афинитети за широк спектар на оброци. Правењето на времето за јадење пријатно, наместо планирано и наметнато, ќе создаде одлична основа за живот полн со среќни заеднички оброци“.

Разумните очекувања се клучот за сè
Анита Клир, експертка за родителство и авторка на книгата „The Work/Parent Switch“, се согласува дека разумните очекувања се најважни.

„Испадот на бес кај детето не е ваша вина, тоа е дел од детето кое сè уште не научило како да ги регулира своите чувства и да ги изрази соодветно“, објаснила таа.

„Избегнувајте работи што само ги засилуваат нападите на бес, како што е придавање на преголемо внимание на тантрумите или попуштање на неразумните барања на вашето дете. Останете смирени и уважете ја емоцијата што стои зад бесот.“

Родителите може ненамерно да поттикнат неконтролирано однесување со тоа што ќе им дадат на децата „случајни награди“.
Анита објаснува: „Ако вашето дете има напади на бес и плаче, а вие одговорите така што му давате мобилен телефон за да го замолчите, тогаш давањето мобилен телефон делува како позитивна награда за бесот на вашето дете. Вашето дете веројатно ќе ги повтори таквите напади на бес во иднина бидејќи однесувањето било наградено.“

Важно е да се запомни дека „децата не се мали возрасни луѓе“, вели Анита.

„Кога детето има тешкотии, добра идеја е да се прашате која незадоволена потреба го поттикнува однесувањето. Ова не значи дека треба да му дадеме на детето сè што сака. Ако неконтролираното однесување на детето е предизвикано од тоа што не му се дава колаче, решението е да не му се даде колачето. Решението е исто така да се препознае дека му е потребна помош за да научи како да управува со своите чувства на разочарување или фрустрација.“

Децата имаат свој начин на размислување.
Розина, исто така, вели дека клучот за намалување на испадите на бес е разбирањето дека децата имаат свој начин на размислување.

„Родителите честопати се многу зафатени обидувајќи се да ги балансираат многуте барања на работата и семејството и ако детето се чувствува запоставено или игнорирано, може да почне да се однесува несоодветно за да го привлече вниманието на родителите. Децата на кои им е здодевно може да бидат и палави. Затоа, квалитетното време со родителите, брат или сестра или времето поминато во правење омилени, исполнувачки активности може да биде корисно.“

И покрај сите напори, понекогаш изливите на бес се неизбежни. Но, според Розина, постојат неколку работи што родителите можат да ги направат за соодветно да реагираат за време на испадот:

Спуштете се на ниво на детето и останете што е можно помирни.
Уверете го и смирете го детето велејќи дека сè ќе биде во ред.
Објаснете дека сте тука за да го решите проблемот заедно штом ќе се смири.
Помогнете му на вашето дете да се смири со допир (доколку ви дозволи) и помогнете му да вдишува длабоко.

Повеќе