Како би изгледало во светот на возрасните тоа што го очекуваме од децата кога станува збор за споделување лични работи
Дали би ми го позајмила оној твој златен ѓердан што ти го купи сопругот за годишнината. Добро би одговарал со мојот фустан за забавата на која одиме во петок. Не може, затоа што сакаш ти да го носиш? Зарем секогаш мора ти да го носиш? Ајде, дај ми го, те молам, пријателки сме. Не??? Ццццц, ти си толку себична. Отприлика вака звучи, преведена на ниво на возрасни, идејата за споделување што им ја сервираме на децата.
Јас и ти сме (возрасни) пријателки и знаеш што, секогаш кога ќе се видиме ти го користиш твојот iPhone. Јас немам iPhone, но многу ми се допаѓа твојот. Ајде да се договориме да го споделиме, пријателски, малку за тебе, малку за мене, добро? Не? Ауууу? Твој е, велиш? Па што? Ние сме пријателки, а пријателките споделуваат работи… Сепак не??? Навистина си лоша…
А дали би ми го позајмила оној твој златен ѓердан? Знаеш, оној што ти го купи сопругот за годишнината. Добро би одговарал со мојот фустан за забавата на која одиме во петок. Не може, затоа што сакаш ти да го носиш? Зарем секогаш мора ти да го носиш? Секогаш е кај тебе; можеш да го носиш кога сакаш. А имаш и други, нели? Ајде, дај ми го, те молам, пријателки сме. Не??? Ццццц, ти си толку себична.
Можеби може онаа твоја нова чанта, добро би ми одговарала. Ниту тоа не може??? Готово, нема повеќе да се дружам со тебе.
Отприлика вака звучи, преведена на ниво на возрасни, идејата за споделување што им ја сервираме на децата. Вака би изгледало она што го очекуваме од децата кога ги учиме да споделуваат и вака би функционирало на ниво на возрасни.
Па, како ви звучи сето тоа?
Дали ние возрасните ги позајмуваме (возрасен збор за споделување) сите наши работи? Дали некогаш би побарале некој да ви го позајми горенаведеното? Сигурно дека не. Па, зошто очекуваме малите деца да го сторат истото? Децата имаат право на свои предмети исто како и ние возрасните. Затоа, има работи кои не ги делиме, односно не ги позајмуваме. Ќе позајмиме книга, но не и рачниот часовник. Па зошто и децата не можат да го прават тоа така?
Детските играчки како кукли, автомобили, багери се она што се мобилните телефони, таблети, чанти, накит за возрасните. Нивните играчки се единственото нешто што можат да го наречат свое, кое им припаѓа ним и на никој друг. Мама, тато, дедо, баба им ги купуваат за роденден, Нова година или други пригоди, бидејќи самите не можат да ги купат. Можеби тие се посебни за нив токму поради таа причина. Па, ако накитот што нејзиниот сопруг ѝ го подарил на возрасна жена може да биде посебен, нешто што е само нејзино и што таа не сака да го сподели, ако таа има право на тоа, зошто да не бидат исто толку посебни за едно дете куклата или чантата што им ја купиле баба или дедо за роденден?
Ајде да видиме сега како она што ние возрасните го правиме би го превеле на ниво на дете:
Да речеме дека вашето дете има омилена играчка или неколку што не сака да ги сподели затоа што се посебни за него. Вие го прифаќате тоа како факт и му кажувате: „Ни доаѓа на гости А“. Знаеш дека ќе си играте со твоите играчки. Ако има играчки што не сакаш да ги споделиш со неа, тогаш ќе ги тргнеме и ниедна од вас нема да игра. Кажи ми, кои се тие играчки?
Кога таа ќе ги избере играчките, вие велите: „Ќе ги тргнеме сега. Не барај од мене да ги донесам. Ако ми речеш да ги донесам, мора да бидеш спремна да ѝ дозволиш на А да си игра со нив. Дали разбра?”
Па велите: „Добро погледни ги овие играчки. Што и да остане, мора да бидеш спремна да го споделиш со А. Дали има нешто друго што сакаш да го тргнеме?“ Се разбира, треба да останат доволно играчки за играње. Тогаш сте подготвени за дружење и споделување.
Истото може да се направи и кога си играат во парк/песок/игралиште. Го однесовте детето да си игра во песок со неговиот багер. Одеднаш се појавува друго дете кое сака да си игра со истиот багер. Детето не е должно да му ја исполни желбата и не е себично ако не сака. Ниту другото дете е повикано да си игра заедно, ниту го познава. Вие му велите: „Мислам дека ова момче сака да си игра со твојот багер“. Кога ќе бидеш подготвен да го споделиш со него, кажи му“. А на другото дете му велите: „Тој сега не е подготвен да го дели багерот.“ Вака емпатично му покажувате на детето дека е во ред што не сака да ја дели и дека има право на време со својата играчка. Тој ќе се чувствува почитуван и постои голема можност во одреден момент да каже и самиот дека е подготвен да сподели. Можеби тоа нема да се случи од првпат, но ако продолжиш да покажуваш почит кон неговите желби и за неговите работи, можеби тоа ќе се случи следниот, или третиот пат. А кога тоа ќе се случи, тоа ќе биде голема педагошка, психолошка и социјално-емоционална победа за него и за вас како родител.
Овде покажавте неколку работи: емпатија кон детето и неговата одлука да не сподели нешто. Го научивте и што е тоа „моја сопственост“ и покажавте разбирање и кон тоа. Со ова чувство тој ќе биде повеќе склон и подготвен да го прифати истото од другите кога тие не споделуваат сè. Ќе знае да цени нешто што е „негово“ или „нејзино“, а во исто време сте го научиле на културата на споделување.
Три многу поучни и корисни работи.
Текстот е од ТУКА.