Австралија забранува Јутјуб сметки за деца под 16 години
Австралиската влада објави дека видео платформата Јутјуб (YouTube) ќе мора да обезбеди дека сопствениците на сметки на неа имаат најмалку 16 години од декември оваа година, со што се поништува претходната парламентарна одлука која не го бараше тоа.
Австралиската влада објави дека Јутјуб ќе биде меѓу платформите на социјалните медиуми кои од декември ќе мора да обезбедат дека сопствениците на сметки имаат најмалку 16 години, менувајќи го ставот заземен пред неколку месеци во однос на популарната платформа за споделување видеа.
Имено, во ноември минатата година Јутјуб беше наведен како исклучок, кога Парламентот донесе закони кои се први во светот и кои ќе им забранат на австралиските деца помлади од 16 години пристап до платформи, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, Тик-Ток и Икс.
Законот им забранува на децата под 16 години пристап до тие платформи, како и креирање сметки и објавување содржина.
Јутјуб тврдеше дека работи поинаку од другите платформи и дека добил исклучок од водечката светска забрана за социјални медиуми за лица под 16 години од поранешната министерка за комуникации, Мишел Роуланд. Но, новоназначената министерка Аника Велс го послушала советот на комесарот за е-безбедност дека видео платформата треба да биде вклучена во правилата бидејќи претставува закана за младите луѓе.
Австралиската влада објави дека видео платформата Јутјуб (YouTube) ќе мора да обезбеди дека сопствениците на сметки на неа имаат најмалку 16 години од декември оваа година, со што се поништува претходната парламентарна одлука која не го бараше тоа.
Австралиската министерка за комуникации Аника Велс денеска објави нови правила кои одредуваат кои мрежи на социјални медиуми подлежат на ограничувања на возраста, а кои не.
Ограничувањата стапуваат на сила на 10 декември, а платформите ќе се соочат со казни од околу 28 милиони евра ако не ги исклучат малолетните корисници, соопштила владата.
Велс им рекла на новинарите дека четири од 10 австралиски деца пријавуваат дека нивното последно штетно искуство на социјалните медиуми било на Јутјуб.
Таа додала дека платформите мора да обезбедат алтернатива на предавањето на сопствената лична карта за да се потврди возраста на корисниците.
Децата ќе можат да пристапат до Јутјуб според новите мерки, но нема да имаат свои сметки.
Јутјуб изјави дека одлуката на владата „ја поништува јасната и јавна обврска за исклучување на платформата од забраната“.
-Ја споделуваме целта на владата за справување и намалување на штетата на интернет. Нашата позиција останува јасна: Јутјуб е платформа за споделување видеа со библиотека со бесплатна, висококвалитетна содржина, која сè повеќе се гледа на телевизиските екрани, соопшти Јутјуб. Во соопштението се додава дека Јутјуб „не е социјална мрежа“.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека Австралија ќе предводи кампања на форумот на Обединетите нации во Њујорк во септември за да се добие меѓународна поддршка за забрана за користење на социјалните медиуми од страна на децата.
-Знам од разговорите што ги имав со други лидери дека тие го разгледуваат ова и го разгледуваат влијанието што социјалните медиуми го имаат врз младите луѓе во нивните земји, рекла Албанезе.
Новите правила нема да важат за видео игри, платформи за пораки и образовни и здравствени апликации, кои се сметаат за помалку штетни за децата.
Минималната возрасна граница е наменета за решавање на проблеми како што се зависно однесување, лошо ментално и физичко здравје и изложеност на несоодветна содржина, се вели во соопштението на владата.