Број до 10 ако сакаш да можеш на прсти да изброиш до 10…
Доктор Александар Каревски, ортопедски хирург од Скопје, објави на својот профил на Фејсбук предупредување во врска со користењето на пиротехнички средства. Објави рентген снимка која е вистинска слика за опасностите од петардите
„Ако сакате да можете да броите до 10 на прсти, подалеку од петарди и останати пиротехнички алатки за славење. Инаку овие се среќните…“, пишува на својот профил на Фејсбук д-р Александар Каревски, ортопедски хирург во Општа градска болница – Скопје, 8-ми септември.
Своето предупредување го проследува со рентген снимки од шаки со страшни повреди од пиротехнички средства за кои напоменува дека им припаѓаат на оние посреќните, навестувајќи дека најчесто ова поминува со многу потешки последици.
Затоа, а ова се однесува и на децата и на родителите, на малите, младите и возрасните и сите кои употребуваат или ја дозволуваат употребата на пиротехнички средства за прославување на празниците, не дозволувајте употребата на петарди да ви ги уништи новогодишните празници и вашата иднина.
Имено, поради некоја чудна причина луѓето ширум светот сметаат дека најдобар начин да се одбележат важните празници, меѓу кои и да се прослави доаѓањето на Новата година, е со користење пиротехнички средства. И покрај тоа што секоја година над 150.000 луѓе во светот остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а од нив 80 отсто се деца. Загрижувачки факт е што речиси половината од повредените деца при ракување со петарди се деца под 16 години, а машките се трипати почести жртви од девојчињата.
Меѓу најчестите повреди предизвикани од ракувањето со петарди и пиротехнички средства се комплексни повреди на шаки со траен инвалидитет, изгореници на кожа, ампутации на прсти и раце, како и повреди на очите и лицето.
Хендикепот од овие повреди може да биде доживотен и да има последици за понатамошното физичко и психичко здравје на пациентот, секојдневниот живот, како и при изборот на кариера.
Пиротехничките средства се и извор на стрес за старите и болни луѓе, на оние со хронични болести и нарушено срцево здравје, кои лошо го поднесуваат ненадејниот силен звук на петардите и пиротехничките средства, но и за децата со аутизам, за животните на улиците и за домашните миленици.
Иако согласно Кривичниот законик, не е дозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, сепак, секоја година пиротехничките средства се присутни во голем број.