Чепкањето на носот може да го зголеми ризикот од Алцхајмер

Тим истражувачи од Универзитетот Грифит во Австралија спровел тестови со бактеријата Chlamydia pneumoniae, која може да ги зарази луѓето и да предизвика пневмонија. Интересно е што истата бактерија е пронајдена и во повеќето човечки мозоци погодени од деменција во доцна фаза.

95

Една од најчестите „грди“ навики – чепкањето на носот – може да биде поврзана со зголемен ризик од развој на деменција, покажала студија од 2022 година. Во случај кога оваа навика предизвикува оштетување на внатрешното ткиво на носот, опасните видови бактерии добиваат отворен пат до мозокот, кој реагира на нивното присуство на начин што впечатливо наликува на раните знаци на Алцхајмерова болест.

Иако е важно да се напомене дека истражувањето засега е спроведено само на глувци, научниците предупредуваат дека наодите се доволно загрижувачки за да бараат понатамошно истражување, пишува Science Alert.

Тим истражувачи од Универзитетот Грифит во Австралија спровел тестови со бактеријата Chlamydia pneumoniae, која може да ги зарази луѓето и да предизвика пневмонија. Интересно е што истата бактерија е пронајдена и во повеќето човечки мозоци погодени од деменција во доцна фаза.

Се покажало дека кај глувците, бактериите можат да патуваат по олфакторниот нерв, кој директно ја поврзува носната празнина и мозокот. Покрај тоа, кога назалниот епител – тенкото ткиво што ја обложува внатрешноста на носот – бил оштетен, нервните инфекции станале многу полоши.

Инфекцијата предизвикала мозокот на глувците да таложи поголеми количини на амилоид-бета, протеин кој се ослободува како одговор на инфекција. Токму акумулациите, или плаките, на овој протеин се наоѓаат и во значителни концентрации кај луѓето со Алцхајмерова болест.

– Ние сме првите што покажуваат дека Chlamydia pneumoniae може да оди директно преку носот во мозокот, каде што може да предизвика патологии кои личат на Алцхајмерова болест – рекол невронаучникот Џејмс Сент Џон од Универзитетот Грифит во 2022 година.

– Го видовме ова да се случува кај глувци, а доказите се потенцијално застрашувачки и за луѓето.

Научниците биле изненадени и од брзината со која бактериите се ширеле во централниот нервен систем на глувците, при што инфекцијата се случила во рок од само 24 до 72 часа. Се смета дека бактериите и вирусите го користат носот како брз пат до мозокот.

Иако не е сигурно дали ефектите ќе бидат исти кај луѓето, овие ветувачки индиции се клучни во борбата за разбирање на оваа честа невродегенеративна болест. Планирани се идни студии кај луѓето, но дотогаш, Сент Џон и неговите колеги сугерираат дека чепкањето на носот и кубењето влакна од носот „не се добра идеја“ поради потенцијалното оштетување на заштитното ткиво.

– Не сакаме да ја оштетиме внатрешноста на носот, а чепкањето и кубењето можат да го направат тоа – предупредил Сент Џон. „Ако ја оштетите слузницата на носот, можете да го зголемите бројот на бактерии што можат да влезат во вашиот мозок.“

Истражувањето продолжува
Потребни се понатамошни истражувања за да се потврдат овие наоди. „Треба да ја направиме оваа студија кај луѓето и да потврдиме дали истиот пат функционира на ист начин“, вели Сент Џон.

– Она што го знаеме е дека истите овие бактерии се присутни кај луѓето, но не сме откриле како стигнуваат таму.

Преглед објавен во 2024 година дополнително ја поддржа хипотезата дека чепкањето на носот може да игра улога во зголемувањето на ризикот од Алцхајмерова болест.

Алцхајмеровата болест е неверојатно комплексна, но секоја студија нè доближува до наоѓање начин да ја спречиме.

– Откако ќе наполните 65 години, вашиот фактор на ризик значително се зголемува, но ние разгледуваме и други причини, бидејќи не станува збор само за возраста – туку и за изложеност на животната средина – заклучил Сент Џон. „И сметаме дека бактериите и вирусите се критични.“

Повеќе