Љубовта, ако е искрена и вистинита, е емоција која ни овозможува да ги надминеме и најтешките препреки. Лекарите потврдуваат дека љубовта не е лек само за душата, туку и за телото. Чувството на вљубеност и вистинската љубов се еден вид природен лек за срцето и за целиот кардиоваскуларен систем. Експертите велат дека постојат докази дека квалитетните врски може да имаат значително позитивно влијание врз здравјето на срцето.
Како љубовта влијае на срцето?
Постојат различни теории. Еден од нив наведува дека љубовта и чувството на вљубеност го зголемува нивото на окситоцин, „хормонот на љубовта“, а во исто време го намалува нивото на кортизол, популарно наречен „хормон на стрес“.
Оваа хормонална реакција го регулира нивото на крвниот притисок, што има позитивен ефект врз целокупното кардиоваскуларно здравје, вели кардиологот д-р Џој Гелбман, од NewYork-Presbyterian и Weill Cornell Medicine.
Тајната на окситоцинот
Окситоцинот, познат како „хормонот на љубовта“, го лачи хипоталамусот, а го излачува хипофизата. Лекарите велат дека окситоцинот игра пресудна улога во процесот на раѓање. Се ослободува и преку пријатен физички контакт, гушкање, бакнување и сексуален однос. Обезбедува чувство на поврзаност и доверба, а во исто време го намалува нивото на стрес и на тој начин има корисен ефект врз здравјето на срцето.
Една студија објавена во 2019 година вели дека окситоцинот може да го спречи, па дури и да го намали нивото на маснотии во крвните садови и да ја забави можноста за развој на коронарна болест. Се верува дека окситоцинот исто така ја стимулира регенерацијата на кардиомиоцитите, клетките на срцевиот мускул, што му овозможува на срцето полесно да заздравува по срцев удар, според студијата од 2022 година.
Што е „феноменот на брак“?
Д-р Гелбман забележува дека сето ова може да објасни зошто луѓето во стабилни врски и бракови, и покрај срцевите заболувања, во помал процент претрпуваат миокарден инфаркт или умираат од кардиоваскуларни болести.
Постои и „феномен на брак“, па лицата кои се во брак имаат подолг животен век, вели д-р Гелбман. Студија од 2017 година тврди дека луѓето без партнер имаат 45 отсто поголема стапка на смртност од кардиоваскуларни болести, во споредба со оние во стабилна врска или брак.
Сè е полесно кога сте двајца
Стабилното партнерство е лек за срцето, но не само тоа, велат експертите, потсетувајќи дека „се е полесно кога сме двајца“. Партнерот може да не потсети да го земеме нашиот лек и да не поттикне да следиме здрави животни навики.
Добрата врска или бракот во кој преовладуваат љубовта и меѓусебното почитување нè штитат од срцеви заболувања. Сепак, се чини дека овој ефект е посилен кога се работи за машкото срце, вели д-р Гелбман.
Како бракот влијае на срцето на мажот?
Експертите за здравство од Харвард веруваат дека оженетите мажи имаат подобро здравје од самците. Се верува дека разведените мажи или вдовци имаат три пати поголеми шанси да развијат сериозни кардиоваскуларни болести.
Студијата од 2023 година на експерти од Американскиот колеџ за кардиологија покажала дека мажите кои никогаш не биле во брак имаат двојно поголема веројатност да умрат од срцева слабост во рок од пет години по дијагнозата, во споредба со оженетите мажи.
Романтичната љубов не е единствениот лек за срцето.
Се чини дека брачниот статус има најголемо влијание врз здравјето на срцето кај луѓето под 50 години, вели Гелбман.
Од друга страна, една студија која ги испитувала оженетите мажи тврди дека мажите кои ги зајакнале своите брачни или партнерски односи имаат и подобро здравје на срцето, постабилно ниво на холестерол и индекс на телесна маса, вели д-р Гелбман.
Експертите предупредуваат дека не е само романтичната љубов она што е еликсир за здравјето на срцето, многу е битна и љубовта кон семејството и пријателите.
Доктор Гелбман вели дека домашните миленици можат да бидат вистински природен лек за срцето. Не само што ќе создадеме силна врска со друго живо суштество, туку и мачката или кучето ќе не поттикнат да бидеме поактивни, да одиме на прошетка и на тој начин да го регулираме крвниот притисок и нивото на шеќер и на крајот да го заштитиме здравјето на срцето.