Луѓето на интернет постојано смислуваат нови зборови, од кои некои се, се разбира, бесмислени, а некои можат да бидат корисни. Но, овој термин можеби ќе звучи вистинит за многу родители на мали деца.
Грамнезија е термин кој е кованица од зборовите „grandparent“ и „amnesia“ или во превод „баба и дедо“ и „амнезија“. Не е познато кој прв го измислил, но веќе со години се појавува на форумите на интернет.
Смешни и бескорисни коментари
Мајката и терапевтка од Мериленд, Али МекКвејд, која е на Инстаграм активна како @millennialmomtherapist, објавила видео на оваа тема во кое вели: „Само што слушнав за терминот грамнезија, каде бабите и дедовците заборавиле како е да имате мали деца и не можам да престанам да размислувам колку е тој навистина точен“.
Видеото собра повеќе од 4,4 милиони прегледи, повеќе од 20.000 лајкови и стотици коментари од јуни минатата година. МекКвејд вели дека слушнала еден тон приказни од нејзините клиенти, од кои многумина се милениумци, за „смешните“ и некорисни коментари што ги добиваат од нивните родители откако ќе поминат некое време со нивните внуци.
Вака изгледа
Само за да ви дадам идеја за што се работи, еве неколку вообичаени примери на грамнезија:
Ох, ти спиеше цела ноќ од првиот ден кога те донесовме дома од болница!
Се одвикна од пелени на една година, а за тоа ти требаше само еден викенд!
Никогаш не сте имале вакви испади на бес!
Никогаш не сте биле толку пребирливи. Секогаш сте јаделе се што стававме во вашите чинии.
Еуфорично потсетување
МекКвејд има неколку теории за тоа што можело да го предизвика овој бран на грамнезија.
Пред сè, природно е дека сеќавањето за тоа како нешто било да стане помагливо како што старееме, особено ако искуството што сме го доживеале било особено тешко или дури и трауматично.
Има дури и психолошки феномен познат како „еуфорично потсетување“, а тоа е тенденцијата луѓето да се присетуваат на минатите искуства во многу попозитивно светло отколку што всушност биле, објаснува МекКвејд.
Сепак, таа додава дека и препораките за воспитување на децата се промениле благодарение на новите истражувања. Затоа, нешто што педијатар можеби ги советувал родителите во 80-тите или 90-тите, денес не би било препорачливо.
Друг фактор може да биде тоа што кај постарите генерации родителите, а особено мајките, немале толку простор да зборуваат за проблемите во приспособувањето кон родителството и воспитувањето на децата.
„Денес мајките кои отворено зборуваат за реалноста на мајчинството се помалку стигматизирани отколку некогаш“, вели терапевтката.
Милениумците во неволја
Родителите велат дека се чувствуваат фрустрирани и обесхрабрени од ваквите случајни грамнезиски коментари. Но, ако ја вербализираат својата фрустрација, се плашат дека тоа би се вклопило во негативните стереотипи кои многумина ги имаат за милениумските родители, а тоа е дека се привилегирани, разгалени и се жалат на сè, вели МекКвејд, додавајќи дека тоа кај овие родители создава чувство дека не можат да ги споделат своите тешкотии или емоции со родителите, односно дека им е тешко да им постават граници на бабите и дедовците.
МекКвејд објави и продолжение на Инстаграм, објаснувајќи дека главната причина зошто овие коментари не се корисни е тоа што тие не го менуваат она со што се борат родителите на малите деца и истовремено го минимизираат вистинскиот стрес со кој се справуваат.
„Нашите родители кои ни велат дека никогаш не сме плачеле (без разлика дали тоа е вистина или не, е предмет на расправа) не го менува фактот дека нашето бебе сега плаче и има потреба од нас“, напишала МекКвејд.
Кажете нешто или игнорирајте
Кога ќе се соочите со такви коментари, од вас зависи дали сакате да разговарате за нив со родителите или едноставно да ги игнорирате.
Размислете дали воопшто имате време и енергија да ги изразите своите фрустрации поради ваквите коментари на вашите родители. Многу е веројатно дека сте во моментов во канџите на родителството и можеби единственото нешто што можете да го направите сега е да се насмеете кога по стоти пат ќе слушнете дека „никогаш не сте биле такви“, вели МекКвејд.
А ако сè уште сакате да зборувате за тоа и да кажете дека сте повредени или иритирани од грамнезиските забелешки, направете го тоа на начин што нема да ви наштети на вас и на вашата врска со родителите, советува МекКвејд, сугерирајќи да кажете нешто како „Кога велиш дека Марко секогаш дивее во ресторанот, а јас не сум се однесувала така кога сум била на негова возраст, тоа ме наведува да се запрашам дали сум јас лош родител“.
Можете да бидете подиректни ако сакате, а исто така можете претходно да се консултирате со партнерот за да го слушнете неговото мислење, со пријател, психотерапевт или со некој од родителите на безброј форуми за родителство на интернет, вели МекКвејд.
А другата страна?
Ако сте баба или дедо со грамнезија, една од најкорисните работи што можете да му ги кажете на вашето возрасно дете е:
„Мора да сме заборавиле како е да се биде нов родител. Правиш одлична работа, а со текот на времето сè ќе стане многу полесно и веројатно ќе заборавиш колку беше тешко на почетокот”, советува Мекквејд.