Дали си подготвена?

Документарниот филм „Дали си подготвена“ снимен во рамки на Кампања за подигање на јавната свест за репродуктивното здравје и здравата бременост кај ромското население кој имаше своја онлајн премиера зборува за многу работи поврзани со здравјето на Ромките кои досега биле премолчувани.

287

Недостигаат матични гинеколози, а има и случаи на незаконската наплата на услуги кај некои од нив, кои инаку се бесплатни. На ова укажа документарниот филм „Дали си подготвена“ снимен во рамки на Кампања за подигање на јавната свест за репродуктивното здравје и здравата бременост кај ромското население преку проектот „Баир- Здружена акција“ кој имаше своја онлајн премиера.

„Имав регистрирано матичен гинеколог кој почна да ја води мојата бременост. Во почетокот на мојата бременост кога и да направев преглед секогаш ми беше наплатуван. Иако бев свесна дека не е во ред од негова страна, радоста која ја чувствував ми беше поважна и не сакав да се занимавам околу правата кои ми беа злоупотребувани. На крај решив да се откажам од него и си регистрирав друг гинеколог кој редовно ја следеше мојата бременост без да ми наплати ни еден денар“, раскажува Узурџан Маликовска, ромски здравствен медијатор.

Во Битола има гинеколози кои работат професионално и законски, а пружаат услуги на Ромки. Во филмот зборува Тони Анастасиевски, специјалист гинеколог-акушер, матичен лекар кај кого поголем број Ромки ги добиваат прегледите што законски бесплатно им следуваат. Тој вели дека редовните прегледи се значајни зашто голем дел од родилките се малолетни, а кај некои и бременостите се зачестени, една по друга.

„Забележувам дека кај нив најчесто имаме забременување од 14 до 16 години, а главните проблеми настануваат по раѓањето гледано од социо-психолошки аспект зашто се незрели за да бидат родител. Важно е втората или третата бременост да биде неколку години по првата кога ќе бидат зрели родители“, вели Анастасиевски.

Гинекологот и акушер Емилија Јашовиќ –Сивеска укажува дека на бремената жена која е прворотка ѝ следуваат бесплатно 10 гинеколошки прегледи, а на повеќеротката седум, кои не мора секогаш да се ултразвучни.

Анкетата „Грижа за здравјето на Ромите“ направен во рамки на проектот покажа дека во Битола дури 32 проценти од жените Ромки воопшто не посетуваат гинеколог, 77,8 проценти не вршат преглед на градите, 71, 4 проценти не знаат за мамографија, 86 проценти од испитаниците не знаат кои мерки за превенција од рак се нудат бесплатно. Во однос на гинеколошките прегледи кај ромското население има многу предрасуди, посебно кога во прашање се невини девојчиња.

„Девојките немаат доволно знаење. Се прашуваат што ќе се случи ако одам на гинеколог, ќе ја загубам невиноста? Што ако некој ме види, што ќе каже за мене, дека не сум невина? Истото го мислат и нивните родители. Не знаат дека кога одиш на гинеколог постојат посебни прегледи, те прашуваат дали си или не си невина. Постапката во тој случај е друга и не можеш да ја загубиш невиноста’’, вели Фатма Бајрам –Аземвска од „Сумнал“ –Битола.

„Традицијата и културата на муслиманските жени не дозволува матичен гинеколог од машкиот пол, па затоа сакаат прегледите да им ги извршува жена. Но , често се случува да бидат одбиени зашто бројот е пополнет и немаме место за нови пациенти“, вели Маликовска.

Филмот „Дали си подготвена“ зборува за многу работи поврзани со здравјето на Ромките кои досега биле премолчувани. Проектот „Баир-здружена акција“ финансиран е од Европска Комисија, реализиран во партнерство на италијанската невладина организација -COSV, Преда Плус Фондација и Општина Битола. Во склоп на проектот предвидено е да се реализираат вкупно седум кампањи за подигање на јавна свест кај ромското население кои опфаќаат различни сегменти од секојдневното живеење.

Повеќе