Дебелината може да биде наследна: Дали е поважна генетиката на мајката или на таткото?
Студијата, објавена во списанието PLOS Genetics, покажува дека иако децата наследуваат половина од нивната ДНК од секој родител, мајчината генетика има посилно влијание врз индексот на телесна маса (ИТМ) на детето.
Децата чии родители се дебели се изложени на поголем ризик и самите да развијат дебелина. Нова студија открива дека мајчините гени се посебно важни во одредување на тежината на детето, и тоа, на начин што ги изненадува научниците, објавува Euronews.
Долго време се сметаше дека дебелината е резултат на комбинација од наследени и фактори на животната средина. Гените што ги наследуваме од нашите родители влијаат на нашиот апетит, чувството на ситост, метаболизмот, преференциите за храна и начинот на кој мастите се распределуваат во телото. Но, студијата, објавена во списанието PLOS Genetics, покажува дека иако децата наследуваат половина од нивната ДНК од секој родител, мајчината генетика има посилно влијание врз индексот на телесна маса (ИТМ) на детето.
„Мајчините гени се чини дека играат важна улога во одредувањето на тежината на детето, и тоа не само преку гените што директно ги пренесуваат“, рекол водечкиот автор Лиам Рајт од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Како истражувачите дошле до своите заклучоци
Истражувачкиот тим анализирал генетски и здравствени податоци од повеќе од 2.600 семејства во Велика Британија, следејќи деца родени во 2001 и 2002 година во текот на првите 17 години од нивниот живот. Тие имале пристап до гените и на децата и на родителите, што им овозможувало да разликуваат наследени гени од оние што родителите ги имале, но не ги пренеле. Овие индиректни ефекти, познати како „индиректни генетски влијанија“, ја обликуваат средината во која расте детето, од условите за време на бременоста до исхраната и начинот на живот на семејството.
Разлика помеѓу влијанието на мајката и таткото
Студијата потврдила дека БМИ на двајцата родители влијае на телесната тежина на детето, но влијанието на мајката било пошироко. Улогата на таткото била речиси исклучиво поврзана со гените што тој директно ги пренел, додека кај мајката е исто така важно и индиректното влијание, гените што ја одредуваат нејзината телесна тежина, навиките во исхраната и нивото на активност за време на бременоста директно влијаат на развојот на детето.
Нема место за обвинување, поддршката е важна
„Нашите резултати покажуваат дека мајчината генетика ја обликува средината во која се развива детето и на тој начин индиректно влијае на неговиот БМИ“, објаснил Рајт.
„Ова не е прашање за обвинување на мајките, туку можност да се обезбеди поддршка на семејствата за подобрување на долгорочното здравје на децата.“
Иако ова ја нагласува важноста на мајчините гени, претходните истражувања покажале и дека татковците кои се со прекумерна тежина или се дебели во времето на зачнувањето имаат поголема веројатност да имаат деца кои се склони кон дебелина. Научниците заклучуваат дека програмите што им помагаат на родителите да постигнат здрава телесна тежина би можеле да имаат трајни позитивни ефекти врз здравјето на децата.
„Целните програми за постигнување здрава телесна тежина кај мајките, особено за време на бременоста, би можеле да го намалат пренесувањето на тенденциите за дебелина од родителите на децата“, забележал Рајт.