Децата во хрватско училиште имаат шведска маса за појадок: „Секој ден јадам друго“

Кога се втора смена јадат готвени јадења, а кога се прва, имаат шведска маса и голем избор на намирници кои не се само леб, паштета и салама

92


Уште пред десетина години, едно основно училиште во Ловран вовело за појадок – шведска маса. Иако и тогаш ова изгледало како одлична идеја за децата, само едно основно училиште во Новска ги следело нивните стапки и во изминатиот месец им давало на своите ученици избор што да јадат за појадок.

– Премногу ми се допаѓа ова – вели Роберт, ученик од трето одделение во училиштето, кој брзо се одвикнал од стандардниот систем за појадок што го имаат децата низ цела Хрватска. „Има многу во понудата, па можам да јадам нешто различно секој ден“, пишува Индекс.

Антонија Миросављевиќ е директорка на основното училиште Новска веќе 16 години, а ова е нејзиниот најнов проект за решавање на проблемот со исхраната кај најмладите.

Целата приказна започнала кога училиштето било едно од првите во Хрватска што вовело готвени оброци со цел да всади поздрави навики во исхраната кај децата. Не било лесна задача, бидејќи морале да ги убедуваат децата да јадат кељ или грав, а кога успеале, сфатиле дека имаат друг проблем.

– Бидејќи имаме две смени, размислувавме што можеме да направиме за утринската смена да не мора да јаде грав и кељ во 9 часот наутро, па затоа дојдовме до идеја за шведска маса за учениците да можат подобро да јадат и парите што им ги дава државата да бидат подобро потрошени – вели Миросављевиќ. „Целта не е да се готви и да се фрла храната, целта е учениците да ја изедат храната.“

Но, готвачите не ставиле само леб, салама и паштета на шведската маса. Од самиот почеток, тие комбинирале јадења што им се допаѓаат на децата, како линолада, со здрави состојки како качамак и свежо кравјо сирење.

Особено сакаат похуван леб, гриз и линолада, но знаат да пробаат и нешто што никогаш порано не го јаделе за појадок.

– Ми се допаѓа овој вид појадок затоа што никогаш не сум гладен – вели еден ученик.

Кога првпат ставиле варени јајца на масата, се сеќава Миросављевиќ, на децата не им се допаѓало, но со текот на времето им станале сè попривлечни, особено кога помладите почнале да забележуваат што јадат постарите.

– Мислам дека со текот на времето ќе можеме да ги научиме дека појадокот е многу важен оброк во денот, но и дека појадокот не значи само хот-догови и салама, туку дека може да биде здрав – вели директорката.

Учениците прават сè сами, од ставање храна на чинијата, мачкање на намазот на леб до фрлање на храната што не ја изеле.

– Нашите деца не знаат како да носат послужавници и се некоординирани, токму затоа што поминуваат малку време на отворено и затоа што малку си играат. Ретко им даваме можност на децата да учествуваат во некои активности затоа што ние ги правиме за нив – предупредува директорката, која е по професија дефектолог.
Наставниците помагаат во спроведувањето на овој вид појадок затоа што јадат заедно со своите одделенија и одржуваат ред кога трпезаријата е преполна, но најголемиот товар на овој проект падна врз готвачите, кои признаваат дека сега имаат повеќе работа.

– Покрај шведската маса, подоцна мора да подготвиме и ручек за попладневната смена, па имаме повеќе работа, но шведската маса е всушност многу добра идеја затоа што децата не беа задоволни од готвената храна наутро затоа што беше прерано за таква храна – велат готвачите.

Повеќе