Денес (19.март) католиците во некои европски земји го слават Денот на таткото

Додека поголемиот дел од светот го одбележува Денот на татковците во јуни, католиците во некои европски земји го поврзуваат празникот со свети Јосиф и го одбележуваат на 19 март.

131

Денот на татковците е празник посветен на татковците, дедовците и сите татковски фигури, но во Хрватска, како и во некои други европски земји, има посебно значење со длабоки традициски корени. Додека поголемиот дел од светот го слави во јуни, тие земји, меѓу кои е и Хрватска, тој се одбележува на 19 март.

Овој датум не е случаен – тој е поврзан со празникот на свети Јосиф, заштитник на семејството. Како симбол на татковство, грижа и скромност, свети Јосиф претставува идеал што се почитува со векови.

Традицијата на славење на Денот на татковците на 19 март постои долго пред модерната верзија на празникот што се развила во Соединетите Американски Држави.

Овој датум, освен во Хрватска, го одбележуваат и во Италија, Шпанија, Португалија и Лихтенштајн. Иако не е државен празник, денот се прославува во кругот на семејството и во верските заедници.

Од друга страна, поголемиот дел од светот го прифатил датумот што потекнува од САД, каде Денот на татковците се слави третата недела во јуни. Иницијативата започнала на почетокот на 20 век благодарение на Сонoра Смарт Дод, која сакала да му оддаде признание на својот татко – воен ветеран што сам ги одгледал своите деца. Првиот Ден на татковците бил одбележан во 1910 година, а дури во 1972 година станал официјален празник во САД.

Во различни делови од светот постојат и други традиции. Во Германија, на пример, Денот на татковците се слави за време на празникот Вознесение Христово, додека во Австралија и Нов Зеланд се одбележува во септември. Скандинавските земји го слават во ноември, а во Тајван на 8 август.

Иако со текот на времето празникот станал сè покомерцијален, многу семејства и понатаму го одбележуваат на едноставен начин – со заеднички ручек, честитки или поминато време со најблиските.

Без разлика дали се слави на 19 март или во јуни, суштината на Денот на татковците останува иста – да се оддаде благодарност за љубовта, поддршката и жртвата на татковците и нивната незаменлива улога во животот на семејството.

Повеќе