Доењето функционира по системот на понуда и побарувачка

Успехот на доењето, меѓу другото, зависи и од тоа дали мајката одговара на „побарувачката“ на бебето за доење, т.е. дали го дои бебето кога тоа покажува знаци дека сака, наместо според некој распоред?

38

Доењето, како што знаеме, функционира врз основа на системот на „понуда и побарувачка“: толку млеко колку што бебето со цицањето извлекува од градите, толку ново млеко создава телото на мајката за следното хранење.

За да се балансираат понудата и побарувачката, потребно е често доење во првите неколку недели. Мајчиното млеко брзо се вари, па доените бебиња побрзо гладуваат. Сè додека не се воспостави стабилно производство на млеко според потребите на вашето бебе, доењето треба да биде на барање, односно колку што е можно почесто, кога бебето тоа го сака.

Почестото доење помага да се стимулира производството на млеко во текот на првите недели. Во првиот месец бебето треба да се дои 8 до 12 пати на ден, што значи на секој час и половина до три часа.

За новородените бебиња не треба да поминат повеќе од 3 часа помеѓу две доења, а не повеќе од 4 часа навечер.
Како што расте бебето, тоа ќе цица поретко и ќе воспостави редовен ритам на хранење. До вториот месец, доеното бебе најверојатно ќе го намали бројот на хранења на 7 до 9 хранења дневно.

Најчести грешки при доење

Грешките најчесто се случуваат во почетниот период. Некои мајки не го хранат доволно своето дете (на почетокот тоа може да биде 10 до 12 пати во 24 часа), прерано престануваат со ноќното доење и не му посветуваат доволно време на доењето.

Давањето шишиња и цуцли го збунува детето, па затоа не се препорачува во првиот месец или два.

Непотребното користење на вештачки брадавици и неправилното доење исто така го попречуваат оптималното воспоставување на лактација. Младите мајки исто така може да доживеат несигурност, екстремен замор, лоша исхрана и анксиозност. А потоа доаѓа искушението.

Мајките кои се нетрпеливи и немаат самодоверба почнуваат многу брзо да го хранат своето бебе со формула и се на добар пат нивната првична желба да го дојат своето бебе да заврши со целосен неуспех! Шишенцето може да го загрози производството на млеко до тој степен што тоа целосно ќе престане. Во тој случај, нема враќање на доењето!

Криза на доењето
Криза на доење или криза на лактација се јавува кај многу мајки и, за жал, многумина поради тоа се откажуваат од доењето.

Има ситуации кога може да изгледа дека вашето бебе има поголеми потреби отколку што вие можете да му понудите.

Ова особено се случува попладне/рано навечер или во текот на неколку дена за време на таканаречениот скок во развојот на бебето.

Односно фазата на зголемена потреба за хранење. Тоа се нормални фази низ кои поминуваат сите бебиња (некои порано, некои подоцна, со различен интензитет). Обично на возраст од 2-3 недели, 6 недели или околу третиот месец.

Периодите на такви зголемени потреби се стресни и за мајката и за бебето, но брзо поминуваат. Применете некои од овие совети и почекајте ден или два. Тоа може да ви изгледа како многу долго време. Но, бидејќи методите се базираат на искуството на многу други мајки и најновите научни сознанија, нема причина да не верувате во сопствениот успех.

Како да се одржува хигиената на брадавиците пред и по доењето?

Бебето најмногу го сака природниот мирис на мајка си, кој ѝ помага да ја најде брадавицата, полесно да се закачи и поактивно да цица. Затоа, градите, а особено брадавицата, не треба да се мијат пред да започне доењето.

Се одржува хигиената на градите, како и хигиената на целото тело, со туширање еднаш дневно со неутрален сапун.
Пред да започнете со доење, задолжително измијте ги рацете темелно со топла вода и сапун.

Потоа, прснете неколку капки млеко од градите за да се намачкаат брадавиците и ареолите, за да може вашето бебе да го мирисне и вкуси млекото. По доењето, прснете повторно неколку капки млеко и повторно нанесете на брадавиците и ареолите, а потоа исушете ги на воздух.

Што почесто изложувајте ги градите на воздух.

Совети за зголемување на количина на млеко во дојките и подобрување на лактацијата

Опуштете се, уживајте во вашето бебе и верувајте во себе.

Зголемете ја фреквенцијата на хранење на 8 до 12, а ако е потребно и повеќе пати. Не заборавајте на ноќното хранење.
Не одредувајте го растојанието и должината на доењето, оставете му го тоа на бебето.
Проверете дали бебето е во добра положба.
Не чекајте да ви се „наполнат“ градите за да го нахраните вашето бебе. Во нив секогаш има млеко за бебето, дури и кога изгледаат празни.

Доколку бебето цица почесто, не само што ќе се зголеми количината на млеко за неколку дена, туку и бебето ќе добие повеќе на тежина.
Покрај тоа што доењето треба да биде почесто, треба да биде и поефикасно.

Бебето кое не цица ефикасно, туку спие со брадавицата во устата, треба да се охрабри со контакт кожа на кожа. Со расповивање на бебето (се разбира во топла соба).
Секое додавање на чај или формула може да го наруши балансот на понудата и побарувачката во производството на мајчиното млеко.
Испразнете ги градите по хранењето. Во некои доења, бебето јаде сè и сака уште, во други не. Ова се случува во посебни случаи кога бебето е нервозно поради нешто. Штом бебето повеќе не сака да цица, дури и по охрабрување, испразнете ги градите по доењето. Уште 2 минути откако ќе истече и последната капка млеко.
Пијте доволно течности. Не премногу, но доволно. Тоа е околу една чаша за време на едно хранење.
Одмарајте се, а ова е особено можно ако доите често. На овој начин, вие сте принудени често да седите или да лежите со вашето бебе. Покрај доењето, би било добро да најдете нешто што психички ве релаксира. Барем неколку минути на ден.

Помагала за доење (Силиконски брадавици)

Силиконските (вештачки) брадавици со соодветна големина се помагала за доење што се користат за рамни или вовлечени брадавици или кога имате рани.
Штом се реши препреката што ја предизвикала употребата на силиконски брадавици, мајката може да престане да ги користи, а времетраењето на употребата е индивидуално.

За да не се навикне бебето на силиконски брадавици, за време на доењето треба да се комбинира доењето со и без силиконски брадавици, за бебето постепено да се навикнува на доење без силиконски брадавици.
Пумпата за гради не е потребна во првите неколку дена по породувањето, а препорачливо е да почекате со купувањето, бидејќи никогаш не знаете дали навистина ќе ви треба.

Истражувањата покажаа дека во раните денови, измолзувањето со рацете е покорисно од измолзувањето со пумпа.

Зошто бебето повраќа добар дел од она што го јаде?

Оставете го бебето да цица додека само не ја пушти брадавицата и не ја сврти главата од градите. Многу бебиња повраќаат. Ова се случува затоа што мускулот помеѓу хранопроводникот и желудникот не е доволно силен во првите месеци од животот.

Бебињата кои брзо и лакомо цицаат почесто повраќаат. Тоа се случува и кога мајката поради својата несигурност инсистира бебето да цица повеќе отколку што му треба.

За грчевите на бебето

Грчевите се процес во созревањето на дигестивниот тракт.

Тие немаат никакви последици за бебето, но неутешното плачење на бебето често е многу тешко за родителите.

Не постои идеален лек за грчеви. Испробани се многу препарати и процедури, но без докажана корист. Затоа е најважно да се следи како реагира вашето бебе. И не заборавајте, грчевите во одреден момент ќе поминат сами од себе.

Повеќе