Електронски цигари или обични – зависноста доаѓа сè порано

Нема пушач кој не може да се откаже од пушењето. Постојат само оние кои не сакаат, е пораката од лекарите во пресрет на Светскиот ден посветен на борба против пушењето кој се одбележува секоја година на 31 мај. За жал, сведоци сме дека благодарение на електронските цигари, се намалува границата за употреба на тутун, па многу деца под 15 години и порано, се навлекуваат на оваа зависност.

33


Воочи Светскиот ден за борба против пушењето, 1,3 милијарди луѓе во светот консумираат цигари, повеќе од осум милиони луѓе умираат секоја година од компликации предизвикани од пушењето, а особено е загрижувачки тоа што младите луѓе, вклучително и децата од помлада училишна возраст, сè повеќе и сè порано се свртуваат кон овој порок.

Благодарение на електронските цигари, се намалува границата за употреба на тутун, па многу деца под 15 години, па дури и порано, се навлекуваат на оваа зависност.
Често сме сведоци на тоа како родителите заедно со своите деца купуваат електронски цигари и вејпови со различни вкусови, дозволувајќи им на децата сами да ги избираат вкусовите, бидејќи го перцепираат тоа како тренд.

Атрактивни, шарени, интересни, со егзотични вкусови, од гледна точка на трговците на мало и на производителите, тие се идеални за тинејџерите.

Ако ги консумирате, тогаш сте кул, иако тој статус може да ве чини три пати повеќе. И за разлика од пакувањето на цигарите, на нив нема предупредување дека се штетни за здравјето.

Сè повеќе луѓе, во обид да се откажат од пушењето, посегнуваат по електронски цигари.

Тие се користат во затворен простор, за време на работа, за време на часови, во градскиот превоз, во ресторани и кафулиња, па излегува дека наместо да помогнат во откажувањето од цигари, тие се уште поголема опасност.

Како и во случајот со конвенционалниот тутун, електронските цигари имаат последици по здравјето, првенствено врз респираторниот систем, белите дробови, бронхиите, усната шуплина.
Употребата на вејпови е првиот чекор кон зависност од никотин, а децата влегуваат во тој свет на сè порана возраст.

Речиси секој ден пристигнуваат вести за тоа како некоја земја ја забранува или ограничува продажбата на електронски цигари. Кај нас тие можат да се купат на речиси секој агол, без оглед на возраста на купувачот.

Како наседнавме на маркетиншкиот трик дека електронските цигари се поздрави од обичните?

Со измените на Законот за тутун и тутунски производи од 2019 година, електронските цигари и уредите за загревање на тутунот се третираат како посебна категорија, различна од традиционалните цигари. Овие производи бараат претходно одобрување пред да бидат пуштени на пазарот, но не се сметаат за „пушење“ според дефиницијата во Законот за заштита од пушење. Поради тоа, нивната употреба е дозволена и во затворени јавни простори, а голем број од луѓето се уште сметаат дека употребата на цигари без чад треба да биде дозволена дури и таму каде што пушењето е забрането.

Законот за тутун и тутунски производи забранува продажба на сите тутунски производи, вклучително и електронски цигари, на лица под 18 години, но во пракса сепак не е така.

Значи, иако електронските цигари се регулирани и нивната продажба на малолетници е забранета, тие не се третираат идентично како традиционалните цигари во однос на употребата во јавни простори. Оваа разлика во регулацијата влијае на перцепцијата на ризикот и ја поттикнува нивната употреба, особено меѓу младите.

Електронските цигари не помогнаа за откажување од пушењето, напротив…

Светот веќе во голема мера го забранува увозот на електронски цигари. Австралија го направи ова на првиот ден од оваа година, со образложение дека околу 15 проценти од младите луѓе на возраст меѓу 14 и 17 години користат електронски цигари, кои создаваат зависност од никотин.

Досега тоа го направија повеќе од 30 земји, вклучувајќи две европски земји, Норвешка и Франција.

Електронските цигари се појавија на пазарот пред 20 години и беа претставени како поздрава опција и беа рекламирани како помош за луѓето да се откажат од пушењето и да бидат поздрави.

Но, се покажа дека зависниците од цигари не само што не се откажале од тутунот, туку сега паралелно користат и електронски цигари и тутунски цигари.

Медицинските истражувања покажуваат дека во 2019 година за прв пат е откриено оштетување на белите дробови поврзано со таканареченото вејпање.

Тешко е да се каже со сигурност колку се штетни електронските цигари, со оглед на тоа што периодот на следење на нивната употреба е се уште краток.

Како и да е, електронските цигари стануваат сè попопуларни меѓу младите, што претставува нов предизвик за јавното здравје. Потребни се поинтензивни мерки за превенција, вклучувајќи едукација, зајакнување на законската регулатива и ограничување на достапноста на тутунски производи за малолетници.

Повеќе