И штетно и скапо: Тик-Ток манија за нега на кожата кај тинејџерите

Кога децата се будат во 5:30 часот наутро за да имаат време да ги нанесат сите тие слоеви на производи пред училиште, тоа повеќе не е здравствен проблем, туку опсесија со нереални и проблематични идеали за убавина“, вели д-р Моли Хејлс, сертифициран дерматолог на одделот за дерматологија на Медицинскиот факултет Фајнберг при Универзитетот Нортвестерн.

34

Кога Ајва Пења добила мобилен телефон на 10-годишна возраст, нејзиниот интерес за нега на кожата нагло се зголемил. На почетокот, таа се поврзала за ова со нејзината мајка, Жизел. Заедно, правеле домашни третмани за убавина со маски за лице и повремено оделе на шопинг за да пробаат нови производи. Но, кога оваа мајка од Род Ајленд нашла крем против брчки од 300 долари во фиоката на нејзината ќерка, се загрижила, пишува Си-Ен-Ен.

„Бев толку лута… Таа има 15 години“, рекла Пења. „На кремот пишува дека ја прави кожата да изгледа помлада, ги намалува брчките и ја подобрува цврстината. Ѝ реков: „Тоа не е за тебе, душо.“

Пења е една од растечкиот број родители кои се загрижени за влијанието на социјалните медиуми врз децата и тинејџерите, кои ги поттикнуваат да користат сложени и честопати несоодветни производи за нега на кожата. Нова студија објавена во списанието Pediatrics би можела да ја потврди таа загриженост.

Анализирајќи рутини за нега на кожата од 100 видеа на Тик-Ток објавени од корисници на возраст од 7 до 18 години, истражувачите нашле просек од 11 потенцијално иритирачки активни состојки во нивните рутини. Многу од нив го зголемуваат ризикот од алергии на кожата и чувствителност на сонце. Но, само една четвртина од тие рутини вклучувале крема за сончање.

„Повеќето деца во овие видеа немаа никакви видливи акни. Тие имаа совршена, чиста кожа“, вели д-р Моли Хејлс, водечки автор на студијата и сертифициран дерматолог на одделот за дерматологија на Медицинскиот факултет Фајнберг при Универзитетот Нортвестерн. „За многу од нив, штетата ја надминуваше потенцијалната корист.“

Рутините во просек се состоеја од шест чекори, а месечната цена на производите беше околу 168 долари, кај некои и повеќе од 500 долари, покажала студијата.

„Кога децата се будат во 5:30 часот наутро за да имаат време да ги нанесат сите тие слоеви на производи пред училиште, тоа повеќе не е здравствен проблем, туку опсесија со нереални и проблематични идеали за убавина“, вели Хејлс, додавајќи дека таквата содржина покренува сериозни етички прашања за влијанието на социјалните медиуми врз младите луѓе.

Портпаролот на Тик-Ток изјавил дека таквата содржина е „вообичаена во сите медиуми“ и дека платформата е наменета за корисници над 13 години. Тик-Ток соработува со лекари и експерти за развој на адолесцентите за да се осигура дека се воспоставени заштитни мерки, додал тој.

Опасностите од рутините за нега на кожата кај тинејџерите

Повеќето од проучените рутини не вклучувале крема за сончање, иако содржеле производи кои ја зголемуваат чувствителноста на УВ зрачењето и ризикот од рак на кожата. Најчестите активни состојки биле алфа-хидрокси киселини (AHA), благи хемиски ексфолијанти кои ги отстрануваат горните слоеви на кожата. Иако го изедначуваат тенот на кожата и даваат „помлад изглед“, Хејлс предупредила дека ја прават кожата поранлива на сонцето.

„Препорачувам секојдневно да користите крема за сончање со која било рутина, особено ако користите AHA. Тоа е клучно за заштита на вашата кожа од трајно оштетување“, вели таа.

Покрај AHA, состојки како ниацинамид исто така можат да предизвикаат иритација, особено ако користите премногу.

„Девојките често не сфаќаат дека ја нанесуваат истата состојка повеќе пати во различни производи, што го зголемува ризикот од иритација“, вели коавторката на студијата, д-р Тара Лагу, професорка на Нортвестерн.

Повеќе од половина од производите содржеле парфеми, што е честа причина за контактни алергии, а студијата идентификувала 20 други познати алергени меѓу неактивните состојки.

„Дезинформациите се голем проблем на социјалните медиуми, особено кога ги шират лица под 18 години. Тие често немаат научна подлога ниту знаење за да ги поткрепат состојките што ги препорачуваат“, вели дерматологот д-р Сонал Шах, која не била вклучена во студијата.

Шах забележува дека на Тик-Ток има и лиценцирани дерматолози кои нудат сигурни совети.

Таа е особено загрижена за трендот на користење механички ексфолијанти, како што се четки за чистење и производи со микрозрнца, кои можат да бидат премногу груби за чувствителната кожа на лицето.

Студијата, исто така, забележала дека многу од советите на Тик-Ток се насочени кон луѓе со светла кожа, занемарувајќи ги спецификите на негата на потемната кожа и промовирајќи го проблематичниот идеал за „посветол“ тен.

Кои производи навистина им се потребни на тинејџерите?

Шах и Хејлс препорачуваат децата под 18 години кои немаат акни да користат нежно средство за чистење без активни состојки, хидратантна крема без мирис и минерална крема за сончање.

„На таа возраст, кожата има највисоки нивоа на колаген, па затоа производите против стареење немаат смисла“, вели Шах.

Како што децата влегуваат во пубертет, нивните хормони што предизвикуваат акни може да се зголемат. Во тој случај, Шах препорачува производи со салицилна киселина или ниски концентрации на бензоил пероксид.

„Негата на кожата не мора да биде комплицирана или скапа“, вели Шах. Родителите можат да се консултираат со дерматолог ако има големи проблеми или производите што се продаваат без рецепт не делуваат.

Големата слика
Доколку родителите се загрижени за рутините за нега на кожата на своите деца, треба да разговараат за тоа, советува психологот Џенифер Харигер од Универзитетот Пепердин.

„Секогаш е најдобро да се води отворен разговор за пораките што децата ги гледаат на социјалните медиуми и нивните причини за користење на одредени производи“, вели Харигер.

Исто така е важно да се запомни дека содржината за убавина и нега на кожата често е форма на самоизразување, вели Хејлс.

„Овие видеа се начин девојчињата да си играат со својот идентитет, да покажат како се гледаат во општеството и да го изразат својот родов идентитет“, заклучува таа.

Повеќе