Гледањето кон иднината често носи мешавина на надеж и грижа, особено за родителите. Мајките на бебињата од генерацијата Бета сигурно се прашуваат каков ќе биде нивниот живот.
Новиот извештај на Prudential нуди предвидувања за животниот век на оваа генерација – од финансии, образование, здравство и уште многу работи.
Тие спровеле национално истражување на 2.008 Американци, вклучувајќи родители од генерацијата Алфа, идни родители на генерацијата Бета, баби и дедовци, како и лица без деца. Студијата открила неколку многу интересни мислења за изгледите на генерацијата Бета, пренесува Parents.
Еве неколку прогнози:
86% од испитаниците веруваат дека Генерацијата Бета ќе има работни места кои сè уште не се ни измислени.
68% веруваат дека генерацијата Бета ќе имаат повеќе домашни миленици отколку деца, додека 86% велат дека нуклеарното семејство (според современите сфаќања, нуклеарно, или блиско семејство, го сочинуваат двајца родители со едно или повеќе деца, кои живеат под ист покрив) нема да биде најчестата семејна структура во иднина.
60% веруваат дека печатените пари ќе бидат исфрлени од употреба бидејќи генерацијата Бета нема да користи готовина. Во меѓувреме, се предвидува дека генерацијата Бета ќе живее подолго од претходните генерации.
Половина од испитаниците веруваат дека ракот ќе биде излечив до времето кога генерацијата Бета ќе биде возрасна.
71% предвидуваат дека генерацијата Бета ќе има пристап до персонализирана здравствена заштита, врз основа на нивната ДНК.
59% мислат дека вештачката интелигенција ќе може да предвиди и спречи здравствени проблеми пред симптомите да станат видливи.
Можеби некои од најинтересните наоди од студијата се однесуваат на финансиите на генерација Бета.
Речиси половина од испитаниците веруваат дека нивните деца никогаш нема да се пензионираат. И, со оглед на проценките дека следната генерација ќе мора да собере 1,88 милиони долари за да се пензионира, 80% од испитаниците веруваат дека родителите треба да почнат да штедат за пензионирањето на нивните деца од моментот кога ќе се родат. Ова доаѓа со предвидувањето дека луѓето во иднина ќе работат помалку од пет дена во неделата.
Конечно, некои од наодите од студијата покажуваат дека:
71% од идните родители од генерацијата Бета предвидуваат дека вештачката интелигенција ќе ги замени наставниците.
58% предвидуваат дека технологијата ќе го подобри животот, но 66% веруваат дека семејствата ќе станат подалечни.
46% велат дека вселената ќе биде најпопуларна дестинација за одмор.
Што значи ова за родителите?
Брендон Голдстајн, финансиски планер во Prudential Financial и новопечен татко, потврдува за Parents:
„Генерацијата Бета се соочува со сложена иднина која ќе изгледа поинаку од светот што го гледаме денес“. Иако не можеме целосно да ја предвидиме иднината, мислам дека оваа студија може да ни помогне да се подготвиме за она што ни претстои и да не информира како најдобро да планираме за тоа уште од првиот ден“.
Идентификувањето на целите кои се фокусирани на краткорочните потреби може да им помогне на родителите да ја одгледаат оваа генерација. Според Голдстајн, некои од тие цели вклучуваат финансиска писменост, образование засновано на вештини и зачувување на вредностите како што се емпатија, имагинација и хуманост.
Што се однесува до финансиите, Голдстајн нагласува дека родителите не планираат само за високото образование на своите деца, туку и за нивното пензионирање.
„На луѓето им требаат повеќе пари денес од кога било досега за да имаат удобен живот во пензија“, вели тој, додавајќи дека поради инфлацијата и други фактори, постои голема неизвесност за тоа како следната генерација ќе си дозволи да се пензионира.
Па, што треба да прави родителот со некои од застрашувачките предвидувања за иднината, кога станува збор за технологијата и финансиите?
Совети за родителите на генерацијата Бета
Како и Голдстајн, Џенифер Келман, LCSW, експерт за родителство и ментално здравје, исто така потврдува дека оваа промена може да предизвика загриженост кај родителите.
„Во ред е да се следат работите за да се заштитат децата од потенцијалните опасности што технологијата може да ги донесе“, вели таа. Во исто време, предупредува да не се воведуваат ограничувања прерано. „Мораме да бидеме во чекор со времето, дури и ако на почетокот се чувствуваме непријатно“, додава таа.
Келман ги советува родителите кои се особено отпорни на промени да се запознаат со новите технологии и начините на кои децата се воспитуваат денес, за да не ги спречи стравот од непознатото да учат.
Таа ја нагласува важноста на вистинските меѓучовечки врски.
„Мојата најголема грижа е дека уметноста на меѓучовечките односи ќе биде изгубена“, признава таа.
„Од сите работи во студијата, ова најмногу ме плаши. Како терапевт, гледам од прва рака како односите лекуваат, а времето поминато со другите во природа е возбудливо и ослободувачко, и не гледам како тоа може да биде заменето со технолошка „поврзаност“.
На крајот, Келман признава дека иако „иднината може да изгледа застрашувачка и некои од овие грижи се целосно оправдани, ние исто така знаеме дека луѓето се прилагодуваат кога треба да се справат со новите норми“.
Лесли Тајлер, директор за образование на родители во Pinwheel, исто така има разбирање за родителите кои се чувствуваат несигурни во врска со она што може да дојде за децата од генерацијата Бета, согласувајќи се дека „сигурно ќе дојдат огромни промени“.
Споделувајќи го својот заклучок од студијата, Тајлер забележува: „Една тема што особено ми падна во очи беше подготовката на децата да бидат независни. Учесниците во истражувањето веруваат дека работните места и мрежите за социјална заштита станаа понеизвесни, па затоа ставаат поголем акцент на образованието отколку на „среќа“.
За Тајлер, делумно, самостојноста значи учење да се користи новата технологија одговорно. Таа ја повторува поентата на Келман, велејќи: „Родителите треба да им дадат на децата можности да ги вежбаат човечките вештини во вистинските животни интеракции“.
Иако ова ќе биде предизвик со текот на времето, според Тајлер, крајната лекција од анкетата е: „Родителите треба да им помогнат на своите деца да развиваат социјални, колаборативни и кооперативни вештини, додека им помагаат да управуваат со улогата на технологијата во нивните животи, користејќи ја за зголемување на знаењето и човечката поврзаност, а не за изолација“.