Како да му помогнете на детето полесно да учи? Еве кои намирници се најдобри за детскиот мозок

Според UCLA Health, јадењето одредени видови намирници може да помогне за одржување што подобро здравје на детскиот мозок.

253

Нутриционистите објаснуваат дека многу работи можат да помогнат да се подобри концентрацијата на децата, а тоа може да влијае и на нивните оценки на училиште. Според UCLA Health, јадењето одредени видови намирници може да помогне за одржување што подобро здравје на детскиот мозок.

Еве кои се тие намирници:

Јајца
Јајцата се хранливи, едноставни и брзо се подготвуваат, па затоа се одличен избор за децата. Хранливите материи во јајцата кои го зајакнуваат мозокот вклучуваат холин, витамин Б12 и протеини. Холинот е особено важен за нормален развој на мозокот и може да го подобри когнитивното функционирање, објаснуваат диететичарите.

Риба и морски плодови
Рибата и морските плодови во голема мера придонесуваат за правилен развој на детскиот мозок, најмногу благодарение на протеините, цинкот, железото, холинот, јодот и омега-3 масните киселини кои ги содржат.

Иако се препорачува, експертите нагласуваат дека не се сите видови риби добри за децата. Тие советуваат да избегнувате да му давате на вашето дете риба и морски плодови кои имаат висока содржина на жива, како што се туна и сабјарка. Велат дека премногу жива може да има штетни ефекти врз нервниот систем.

Зелен лиснат зеленчук
Има причина зошто родителите се обидуваат да го скријат вишокот лиснат зеленчук, како спанаќ и кељ, во смути и сосови за тестенини за нивните деца. Имено, тие се одличен извор на железо и фолати.

Истражувањата покажуваат дека децата кои добиваат доволно фолати имаат тенденција подобро да паметат и да се фокусираат на секојдневните задачи од децата кои не добиваат доволно од него. Покрај тоа, железото игра важна улога во развојот на хипокампусот, делот од мозокот одговорен за учење.

Јаткасти плодови и семиња
Храната како што се јаткастите плодови или семките е богата со протеини и цинк. Како што објаснуваат нутриционистите, протеините придонесуваат за здрав раст на мозокот и развој на долгорочна меморија. Цинкот исто така игра важна улога во детството, кога мозокот рапидно расте. Недоволното количество на цинк може да влијае на когнитивниот развој на детето, да ја наруши неговата меморија и способноста за учење.

Повеќе