Како да се зачува меморијата? Невролог советува една клучна промена пред 60-тата година

Доколку не е можно целосно да се запре со консумација на алкохол, би било добра идеја да се намали неговата употреба

163



Навиките што ги развиваме денес можат значително да влијаат на нашата иднина, вклучувајќи ја меморијата и когнитивното здравје во подоцнежните години.

– Мозокот е како штедна сметка – објаснува пластично професорот по неврологија и неврохирургија, д-р Кевин Шет, додавајќи дека секоја здрава одлука (вежбање, правилна исхрана, ментална стимулација) е еднаква на уплата што расте со текот на времето.

Од друга страна, вели тој, занемарувањето на мозокот е како повлекување средства од сметката, што како последица доаѓа до губење на меморијата и когнитивен пад.

Алкохол

Меѓу животните навики што се најштетни за мозокот, овој невролог особено истакнува една, а тоа е прекумерната консумација на алкохол. Намалувањето на внесот на алкохол или целосното запирање на пиењето до 60-тата година би можело да има големо, позитивно влијание врз долгорочната меморија.

Покрај фактот дека алкохолот може да предизвика „дупки“ во меморијата, хроничната прекумерна консумација го забрзува стареењето на мозокот.

Пет долгорочни последици од прекумерно пиење

Смалување на мозокот

Алкохолот ги оштетува мозочните клетки и го дехидрира ткивото, особено во хипокампусот, што е клучно за формирање нови сеќавања. Ова е поткрепено и со студија од 2022 година спроведена на повеќе од 36.000 возрасни лица. Резултатите покажале дека дури и умерената дневна консумација на алкохол може да ја промени структурата на мозокот, при што промените се поизразени кај хроничните алкохоличари.

Нарушување на комуникацијата во мозокот

Нашата меморија зависи од невротрансмитерите, хемиски гласници кои им овозможуваат на мозочните клетки да комуницираат едни со други. Алкохолот ја нарушува нивната функција, што го отежнува формирањето сеќавања.

Намален проток на крв

Хроничното пиење ги стеснува крвните садови, лишувајќи го мозокот од кислород и хранливи материи. Со текот на времето, ова може да доведе до пропаѓање на клетките во подрачјата што се клучни за меморијата и учењето.

Недостаток на хранливи материи

Алкохолот се меша во способноста на телото да апсорбира и задржува важни хранливи материи, вклучувајќи го и витаминот Б1 (тиамин), кој е неопходен за функцијата на мозокот. Недостатокот може да предизвика сериозни проблеми со меморијата, а во тешки случаи и Wernicke-Korsakoff синдром, состојба што го отежнува формирањето нови сеќавања, предизвикува конфузија, проблеми со видот и тешкотии при одење. Ризикот е поголем при лоша исхрана.

Оштетување на остатокот од телото

Мозокот не функционира изолирано. Оштетувањето на црниот дроб, срцето, панкреасот и крвните садови предизвикано од алкохол го зголемува ризикот од мозочен удар и васкуларни проблеми што влијаат на меморијата. Покрај тоа, хроничното пиење може да го зголеми и крвниот притисок, ризикот од дијабетес и дебелината, што дополнително го оштетува мозокот.

Повеќе